Новото оружје на ЕЦБ
5 јуни 2014
„Свесни сме дека е премногу ризично одржувањето на предолг период на ниска стапка на инфлација“, изјави шефот на ЕЦБ, Марио Драги минатата недела во Португалија. Мислеше на ризикот од дефлација, волшебниот круг на пад на цените, пад на профитабилноста на фирмите, намален волумен на инвестиции, раст на стапката на невработеност и конечно засилена рецесија. Кога некој ќе се најде во тој круг, излезот тешко се наоѓа. Најдобра опомена е судбината на Јапонија.
Драги не смета дека актуелниот ризик од дефлација е (пре)голема закана, бидејќи и во кризните држави на југот на Европа се бележи благ пораст на стопанството. Но силното евро повторно би можело да ја уништи конкурентноста на тие земји, која порасна најмногу благодарение на кратењето на платите. Експертите велат дека еврото во овој момент е преценето за околу 10 проценти од својата вредност. За тоа е заслужен приливот на капитал кој сака да профитира од крајот на кризата, напиша во својот неделен коментар Мартин Хуфнер, главен економист на групацијата Асанегон.
Јужноевропските земји и Франција на денешниот (05.06) состанок на Советот на ЕЦБ затоа очекуваат намалување на референтната каматна стапка. И Драги овојпат нема да ги разочара. „Веќе и врапчињата знаат за намалувањето на каматната стапка“, вели Јенс Оливер Никлаш, економист во покраинската банка во Баден Виртемберг.
Се очекува ЕЦБ да ја намали каматната стапка за еврозоната од сегашните 0,25 проценти на 0,15 или дури и 0,10 отсто. По правило таквиот потег треба да предизвика пад на вредноста на заедничката валута. Овојпат ефектот од таа мерка би можел да биде минимален.
Негативна каматна стапка
Но, тоа не е целиот план на ЕЦБ. Европските банкари овојпат ќе испробаат и еден нов инструмент од својот арсенал: негативна каматна стапка. Тоа значи дека некоја стопанска банка практично ќе и‘ плаќа пенали на ЕЦБ доколку таму ги стави своите пари. Аналитичарот Никлаш смета дека ЕЦБ на тој начин сака да оствари две цели: „Првата е слабеење на пазарот на девизи, а вториот е конечно зголемување на стапката на ликвидност на стопанскиот сектор“.
Со други зборови: банките не треба да ги чуваат парите на сметките, туку ќе треба повеќе да кредитираат претпријатија. Тоа би требало да поттикне повеќе инвестиции, поголем раст и конечно поголема инфлација. Доколку на крајот заслабне и еврото, тогаш ЕЦБ со една мерка ќе успее да ги спречи сите опасности. Експертите сепак се сомневаат дека пресметката на ЕЦБ ќе успее. „Доделувањето на кредити на банките повеќе зависи од побарувачката за кредити, отколку од нивната понуда“, вели Никлаш. Тоа значи дека поради должничката криза и рецесијата, на југот на Европа владееше мала побарувачка на кредити. ЕЦБ не може да ги принуди банките да им позајмуваат пари на фирмите. За да се избегне плаќањето на казнените камати, банките бараат нови можности за инвестирање во еврозоната. На пример, државните обврзници на задолжените земји кои нудат високи камати. Но, доколку парите повторно на тој начин одат во насока на југот и тоа не помага во обидот да се ослабне курсот на заедничката валута.
Но, што да се прави? Ништо, вели Роланд Ваубел, професор по економија на Универзитетот во Манхајм. „Рецесијата е всушност зад нас. Бележиме позитивен раст во целата еврозона. Имаме солиден раст на количеството на пари на пазарот“. Тој не гледа повод за дополнителни мерки во монетарната политика. Ваубел вели и дека не треба да постои страв од ниската инфлација. „Инфлацијата е резултат на монетарната политика од пред две, три години. Тоа е доцен индикатор. ЕЦБ прави грешка доколку гледа кон актуелната стапка на инфлација“.
Семе за нова криза
ЕЦБ треба, тврди Ваубел, да гледа на растот на количеството на пари и побарувачката за пари, а обата показатели се позитивни, поради позитивниот стопански развој. За него воопшто нема смисла дополнителното олабавување на политиката на емисија на пари, напротив, тоа само го сее семето за некоја идна криза. „Ризикот е во тоа што не можеме така брзо да ја напуштиме таа хипер-експанзивна монетарна политика во случај стопанската и стапката на инфлација нагло да пораснат. Се плашам дека т.н. ‘излез‘ нема да ни успее“, вели Ваубел.