1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов волшебен збор: транзитни зони

Феликс Штајнер Превод:СН14 октомври 2015

Политиката го користи како волшебен збор: транзитна зона. Тој создава впечаток дека така ќе се реши бегалската криза. Бесмислица, смета Феликс Штајнер. Целосно нереалистичен план. Да помогне може нешто сосема друго.

Фотографија: picture alliance/JOKER

Понекогаш поимите, кои порано никој не ги познавал, во рок од неколку дена ја одредуваат политичката дискусија во земјата. Од минатиот викенд сите зборуваат за „транзитни зони“ на германските граници. Се разгоре дискусија меѓу ЦДУ, ЦСУ и СПД, значи меѓу партиите коалициски партнери во германската влада- која остава впечаток дека со една идеја може да се реши бегалската проблематика и да се регулира доаѓањето на толку голем број луѓе.

Љубопитни сме каков ќе биде нацрт законот, кој го најави министерот за внатрешни работи. Кога ќе се подразмисли, на секој разумен човек ќе му стане јасно дека тоа не може да биде семоќен лек за се’. Исто така, ситуацијата на австриско-германската граница не може да се спореди со ситуација на аеродром.

Огромни кампови на граница?

Халите на главните сообраќајници мораат да бидат огромни, за да можат таму да се сместат луѓе, додека не се испитаат причините за нивното доаѓање. Тие би морале да бидат оградени со бодликава жица и непробојни огради, за да не може никој без одобрување да ги напушти. Што треба да значи целата таа дебата?

Тука станува збор само за политичко профилирање, за обид, со оглед на огромната промена на расположение кај населението, на народот да му се прикаже дека политиката нешто работи, да каже: „Ние се грижиме за вас!“ „Сериозно ги разбираме вашите грижи и стравови!“ „Ќе го решиме проблемот!’

Феликс ШтајнерФотографија: DW/M.Müller

Разбудени очекувања

Тоа е игра со голем ризик. Таквите предлози и дебати посебно кај пониските слоеви будат големи очекувања. Очекувања кои, дури и кога би се реализирале тие планови, не можат да бидат исполнети. А што потоа?

Канцеларката, која никогаш нема да одржи голем говор за бегалската криза, но сепак за тоа се изјасни во една емисија на телевизија и во интервју на две страници во најголемиот германски булеварски весник, отворено ја изложи својата позиција: Полициско или воено затворање на границите со неа на власт нема да има. Таа тоа не го смета само за непримерно, туку и практично невозможно. Во нејзините очи се важни прифаќањето и интеграцијато.

Проблем е само што ни забрзувањето на постапката за азил, ни брзата изградба на центри за сместување за бегалците со ниски стандарди, кои веднаш предизвикуваат текстови во печатот, не му даваат на народот чувство дека политичарите нешто работат. Макс Вебер тоа го препозна пред 100 години кога рече: „Политиката е дупчење на дебели штици.“

Планот на Ангела Меркел

Ангела Меркел најави дека има план. Каков, меѓутоа, не е познато. На почетокот на неделава беше објавено дека Меркел на крајот од неделава патува во Турција. Со оглед на тоа дека голем дел од бегалците бега токму преку Турција, таму е одлучувачкиот клуч за регулирање на бегалскиот бран. Затоа секое евро, кое Германија и го упатува на туската влада, ја олеснува ситуацијата со бегалците а истовремено е и решение за проблемите во Германија. Тоа што парите заминуваат во влада која се однесува автократски и која се наоѓа среде изборна кампања, канцеларката некако ќе го проголта. Тоа можеби не е доволно за убав наслов во весниците, ама зад тоа, во најмала рака, стои реалистична идеја.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми