Нов вооружен напад во Финска
26 мај 2012Осумнаесет годишниот маж, облечен во маскирна униформа, е приведен неколку часа по пукањето. Полицискиот претставник Сату Коивисто информираше дека по нападот вооружениот маж се упатил во непознат правец, но при приведувањето не пружал отпор. Инцидентот се слулчил во градот Хивинка, кој се наоѓа на педесетина километри северно од финскиот главен град Хелсинки.
Вооружениот маж пукал во раните утрински часови во област со барови и ресторани. Мотивот за нападот е непознат. Регионалниот полициски шеф Тимо Лепала информираше дека напаѓачот најверојатно користел две пушки и делувал самостојно. Тој немал криминално досие. Две од повредените лица се во критична состојба. Едно од нив е полицајка.
Нападот ги потсети Финците на оној од минатото лето, кога Андерс Беринг Брејвик уби 77 луѓе во соседна Норвешка. Финска има едни од највисоките светски стапки на поседување оружје. Низата масовни пукања во земјата ја натераа владата да го затегне законот за поседување оружје минатиот јуни. Лицето кое го изврши денешниот напад немало дозвола за поседување оружје.
Во ноември 2007-ма 18-годишно момче уби осум луѓе во средно училиште во близина на Хелсинки, пред да се самоубие. Следниот септември 22-годишник уби 10 лица во малиот западен град Каухајоки, пред да се застрела самиот себеси. Во декември 2009-та маж уби четири лица во трговски центар во Еспо, откако си ја уби и поранешната девојка. И тој напаѓач подоцна се самоуби.