Нов договор за помош за Грција
27 ноември 2012Меѓународните донатори во текот на ноќта во Брисел постигнаа согласност за финансиска помош за Грција и за намалување на долговите на земјата со долгорочен пакет мерки. За да се намали грчкиот долг државите на еврото меѓу другото донесоа одлука да ги намалат каматите, да ги продолжат роковите и добивките од грчките обврзници да и се проследуваат на Грција.
Шефот на еврогрупата Жан Клод Јункер по дванаесетчасовните преговори изјави: „Ме радува што денеска постигнавме политичка согласност за наредните исплати за Грција“. Крајот на преговорите според Јункер бил многу тежок.
Претседателот на Европската централна банка Марио Драги позитивно ја оцени постигнатата спогодба: „Ја поздравувам одлуката на министрите за финансии“. Тие ја зајакнаа довербата во Европа и во Грција.
Шефицата на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард од своја страна изјави дека фондот нема намера да истапи од помошта за Грција. ММФ е носител речиси на една третина од помошта за Грција. На нејзиното барање за ново бришење на долговите меѓутоа државите се спротивставија, пред се’ Германија.
Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле по преговорите изјави дека не било договорено ново бришење на грчките долгови. Германија и другите евро држави категорично одбија ваков чекор. „Сега имаме резултат кој можеме да им го предложиме на нашите парламенти (...) за советување и да може да дадат одобрување“, изјави министерот. Шојбле се надева дека парламентарните советувања во Берлин ќе завршат до петок. „Предложената временска рамка е тесна“. Германија и другите северноевропски држави досега одбиваа бришење на долговите од правни причини. Меѓутоа под знак прашање е дали во иднина ќе останат на оваа позиција.
Грција, доколку ги исполни реформската и програмата за штедење од меѓународните донатори постепено ќе добие кредити во вредност до 43,7 милијарди евра. Во декември ќе треба да се исплатат 34,4 милијарди евра. Од нив 23,8 милијарди вера се неоходни за поддршка на банкарската бранша, додека 10,6 милијарди за државниот буџет. Без помошта владата во Атина наскоро не би можела да ги исплаќа сметките, платите и пензиите. Натамошни 9,3 милијарди евра ќе бидат неопходни на почетокот на 2013 година, доколку земјата ги исполни условите.
Предуслов за натамошни кредити беше решението во долгиот спор меѓу земјите на еврото и ММФ околу висината на грчките долгови. Квотата на долговите имено до 2020 година треба да се намали на 124 проценти во однос на стопанскиот учинок. Досега се сметаше со 144 проценти. Министрите исто така ветија натамошни чекори за намалување на долговите под 110 проценти во 2022 година. Донаторите очекуваат дека грчките долгови кулминацијата ќе ја достигнат во 2016 година, а потоа ќе почнат да опаѓаат.
Конечно пофалба за Грција
Министрите на средбата најдоа и пофални зборови за Грција. Австриската министерка за финансии Марија Фектер, која во минатото жестоко ја критикуваше земјата сега со помирувачки тонови оцени: „Грција вложи големи напори“ вели Фектер, но дополнува: „Ќе биде спроведена и придружна контрола, како за исплатите, така и за структурните реформи“.