1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Терористички напад среде локдаун

СН/агенции
3 септември 2021

Во Окленд, Нов Зеланд, симпатизер на терористичката милиција Исламска држава во напад со нож во супермаркет повреди шест лица. Според полицијата, напаѓачот бил смртно застрелан во рок од 60 секунди.

Полицаец стражари пред супермаркетот во Окленд, во кој се случи нападов во кој беа повредени шест лица
Полицаец стражари пред супермаркетот во Окленд, во кој се случи нападов во кој беа повредени шест лицаФотографија: Fiona Goodall/Getty Images

Новозеландските власти денеска соопштија дека го убиле насилниот екстремист кој влезе во супермаркет во Окленд и со нож нападна и повреди 6 купувачи. Од итната помош наведоа оти тројца од повредените лица се во критична, едно во тешка, а едно во умерено тешка состојба.

Премиерката Џасинда Ардерн го нарече инцидентот терористички напад. Таа додаде дека напаѓачот е државјанин на Шри Ланка кој дошол на Нов Зеланд во 2011 година и бил инспириран од терористичката милиција Исламска држава.

Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн говореше за терористички напад во ОклендФотографија: Robert Kitchin/Getty Images

Според нејзините зборови, тој е добро познат на националните безбедносни агенции и бил под постојан надзор. Ардерн рече оти тој, според законот, не може да биде задржан во затвор. „Она што се случи денеска е грозно, одвратно, лошо“, изјави таа за агенцијата Франс прес.

Окленд е во строг локдаун додека се бори со новиот бран на коронавирусот. Поголемиот број продавници и канцеларии се затворени, а на луѓето им е дозволено да ги напуштат своите домови само ако одат да купуваат прехрамбени производи, на лекар или да вежбаат.

На видеото кое го сними еден набљудувач во супермаркетот е забележан звук на брзо испукување на 10 куршуми еден по друг.

Специјалните полициски сили го застрелале напаѓачот во Окленд само една минута по почетокот на нападотФотографија: Fiona Goodall/Getty Images

Сведоците за новинарите пред трговскиот центар изјавија дека виделе неколку луѓе како лежат на земја со прободни рани. Други пак рекле оти слушнале истрели додека истрчувале од супермаркетот. На видео записите кои беа објавени на интернет се гледа како испаничени купувачи бегаат од трговскиот центар и бараат засолниште.

Нов Зеланд е во подготвеност за напади откако вооружен напаѓач уби 51 лице во две џамии во градот Крајстчрч на 15 март 2019 година.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми