Нов земјотрес во Италија, бројот на загинати расте
29 мај 2012Информациите за бројот на загинати лица во новиот земјотрес што ја погоди североисточна Италија постојано се менуваат. Во потресот е предизвикана и голема материјална штета. Епицентарот на земјотресот бил со длабочина од 9,6 километри во околината на Модена, во близина на епицентарот на земјотресот, кој минатата недела ја погоди оваа земја и во кој загинаа шест лица.
Само час и половина по првиот потрес уште еден послаб земјотрес го погодил истото подрачје.
Според првичните информации, во земјотресот загинала една жена во местото Сан Феличе, а „Кориере дела Сера“ информира за уште три жртви и повеќе повредени лица. Властите најавија дека е можно да се зголеми бројот на загинатите.
Во местото Мирандола четворица работници останале затрупати под урнатините и спасувачките екипи се обидуваат да дојдат до нив.
Спасувачките екипи добиваат бројни повици за уривање на објекти во Мирандола, Финале Емилија и Сан Феличе сул Панаро.
Поради страв голем број жители на Болоња и на Милано излегле од своите станови и канцеларии. По потресот во Болоња дојде до прекин на сигналите на мобилните телефони. Голем број училишта беа евакуирани.
Земјотресот беше почувствуван и во Венеција, Винченца, Фиренца и Болцано. Потресот бил почувствуван и во Хрватска, од Истра па се’ до северозападниот дел на земјата.
Во земјотресот со слична јачина пред седум дена ги погоди североисточните делови на Италија, регионот Болоња, Модена и Ферара и тогаш загинаа седум лица. Голем дел од евакуираните од тој земјотрес денеска морале да ги напуштат и своите привремени живеалишта.