1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова надеж за срцевите болни

Офелија Хармс Арути / Е.М.Фиданоска25 јуни 2015

Нов лек од САД би требало да го намалува нивото на „лошиот“ холестерол дури до 60%. Новиот лек е се‘ уште во фаза на тестирање, но уште отсега буди надежи кај многу пациенти.

Фотографија: Sanofi and Regeneron Pharmaceuticals, Inc.

Кетрин Вилмон имала само 39 години кога доживеала инфаркт. Постојаната болка во градите се проширила низ раката. Тоа е типичен симптом за срцев удар. Веднаш повикала итна помош.

Никој од лекарите во прв момент не сакал да верува дека кај младата и витка жена се работи за срцев удар, но на крајот излегло дека токму тоа е точната дијагноза. Тестовите покажале дека вредностите на ЛДЛ-холестеролот во нејзината крв изнесува 600 милиграми на децилитар. Нормално, оваа вредност не смее да биде поголема од 160 милиграми на децилитар. ЛДЛ-холестеролот, за разлика од типот ХДЛ, претставува штетна материја во крвта. Тој може да доведе до создавање наслаги на крвните садови. Крвните садови со текот на времето стануваат потесни и пропуштаат се‘ помалку крв. Ако тоа се случува во артериите кои го снабдуваат срцето со крв, може да се доживее инфаркт, токму како во случајот на Кетрин.

Таа уште од својата 15. година имала натпросечно високо ниво на ЛДЛ-холестерол. Долго било загатка зошто е тоа така. Дури неколку години по срцевиот удар, еден лекар поставил дијагноза: семејна хиперхолестеринемија, или скратено - ФХ. Тоа е болест која предизвикува пречки во размената на материи во организмот, а како последица на тоа може да се добие срцев или мозочен удар. Таа болест може да биде наследна.

„Првото што ми го кажа лекарот беше дека веднаш мора да ги однесам на тестови и моите деца“, вели Кетрин. Веројатноста дека и тие ја имаат истата болест изнесува над 50%. Таква болест (ФХ) има едно од 250 лица. Меѓу нив е и Ела, осумгодишната ќерка на Кетрин.

Таа цел живот ќе мора да се бори против високото ниво на холестерол во крвта. „Ова лето почнува нејзиниот медицински третман“, вели Кетрин. Малата Ела наскоро ќе почне да пие т.н. статини, кои на нејзиниот црн дроб би требало да му помогнат да го исфрли штетниот ЛДЛ-холестерол од крвта. Тоа досега беше единствениот метод за третман на пациенти кои боледуваат од ФХ.

Нова надеж

Некои луѓе не поднесуваат статини. Многу пациенти страдаат од несакани дејства на тие лекови, пред се‘ болки во мускулите. Освен тоа, кај пациентите кои имаат ФХ не е доволно само да се земаат статини. Поради тоа, луѓето како Кетрин и нејзината ќерка Ела полагаат надежи во два нови лека: „Alirocumab“ од „Sanofi and Regeneron“, како и „Evolocumab“ од „Amgen“. И едниот и другиот лек го блокираат ензимот PCSK9, откриен пред десетина години. Со блокадата на тој ензим во црниот дроб остануваат слободни повеќе рецептори кои го разградуваат ЛДЛ-холестеролот. Џеј Еделберг од фирмата „Санофи“ вели дека истражувањата на илјадници пациенти покажале дека лековите кои го блокираат тој ензим можат да го намалт нивото на штетниот холестерол и за 60%. Затоа новиот лек е посебно добар за контрола на нивото на холестерол кај лицата кои имаат ФХ, а кои не поднесуваат статини или кои веќе доживеале срцев удар.

„Alirocumab“ и „Evolocumab“ се‘ уште чекаат на дозволаФотографија: Sanofi and Regeneron Pharmaceuticals, Inc.

Новите лекови веќе неколку години се тестираат на пациенти. Тие се‘ уште немаат добиено одобрение за употреба од агенцијата ФДА, која е овластена за тоа во САД. Се‘ уште не постои доволен број студии за да се одобри слободна продажба на тие препарати. Се претпоставува дека истражувањата ќе бидат завршени дури во 2017 година. Тие би требало да дадат и повеќе податоци за тоа дали новите лекови имаат негативни, споредни ефекти. За разлика од статините, тие наводно не предизвикуваат болки во мускулите. Кај некои пациенти се забележани „неврокогнитивни пречки“, вели Предиман К. Шах, поранешен претседател на Американскиот колеџ за кардиологија. Сепак, не може со сигурност да се каже дека тие последици имаат директна врска со новиот лек. Досегашните истражувања немаа за цел да ги тестираат когнитивните функции на пациентите кои ги пијат лековите.

Потребите се зголемуваат

Нејасно е и тоа дали намалувањето на нивото на ЛДЛ-холестерол со помош на блокаторите на ензимот навистина доведува до намалување на бројот на срцеви удари и други кардиоваскуларни болести. Податоците за тоа ќе бидат познати дури по завршувањето на испитувањата во 2017 година и дури тогаш ФДА ќе биде во прилика за издаде дозвола за продажба. Она што е сигурно е дека потребите од таков лек се зголемуваат. Според некои податоци, речиси една третина од сите возрасни лица во САД имаат зголемено ниво на холестерол. Станува збор за 73 милиони луѓе.

Се‘ уште не е јасно и колкава ќе биде цената на лекот. „Се проценува дека годишниот третман со тој лек ќе чини меѓу 5 и 12 илјади долари“, вели Шах. „Ако на тој начин се избегне срцев удар, тогаш е тоа инвестиција која се исплаќа, зарем не“, вели Кетрин. Но, очигледно, не сите ќе имаат можност да платат таков третман.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми