1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов обид за дијалог на Србија и Косово

Ненад Крајцер
10 јули 2020

Претставниците на Србија и Косово, на иницијатива на Берлин и Париз, денеска го продолжуваат дијалогот прекинат наеднаш пред една година. Иако причините за прекинот се отстранети, оптимизмот е воздржан.

Deutschland Balkan-Treffen in Berlin | Merkel und Macron begrüßen Aleksandar Vucic und Ana Brnabic
Берлин, април 2019Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Српскиот претседател Александар Вучиќ уште во средата попладне, кога им се обрати на српските граѓани, знаеше кој ќе биде виновен ако замине неподготвен за Париз да се избори за правата на Србите на Косово.

„Ќе патувам во Париз изутрина наместо вечерва, ќе бидам помалку одморен за разговорите со Макрон“, порача Вучиќ во насока кон демонстрантите кои со своите протести не му дозволиле да спие во пресрет на заминувањето кај францускиот претседател Емануел Макрон.

Повеќе: Рестартирање на дијалогот Белград-Приштина

Изненадувачки прекин

Патот во Париз, два дена по косовскиот премиер Авдулах Хоти, имаше за цел подготовка на централниот настан неделава - видео-конференција и состанок на Вучиќ и Хоти во склоп на германско-француската иницијатива за повторно покренување на преговорите за нормализација на односите на Белград и Приштина.

Мирослав Лајчак, специјален пратеник на ЕУ за дијалоготФотографија: Getty Images/AFP/A. Kisbenedek

Она што наеднаш беше прекинато пред една година, кога беше откажана средбата Вучиќ-Тачи во Париз, договорена на крајот на април истата година на Берлинската конференција за Западен Балкан, треба денеска да се одржи преку видео-линк на релација Белград-Приштина-Берлин-Париз-Брисел. Прво во формат Париз-Берлин, а потоа, во недела, во ЕУ-формат. Тогашната причина за прекин на дијалогот - косовските царини на српска стока - е отстранета и се чини дека ништо не би требало да му стои на патот на продолжението на дијалогот.

Западен Балкан (не) е приоритет

Но, каква е состојбата една година по прекинот на процесот на обиди за воспоставување дијалог? Актерите, освен кај албанската страна, се секаде исти. Вучиќ во преговори влегува уште посилен ако се има предвид парламентарната поддршка дома (односно ако не се сметаат домонстрациите), а на Меркел, Макрон и на ЕУ им е итно потребен некаков успех во регионот за да покажат дека и покрај Ковид-неволјите, не заборавиле на овој дел од континентот. Тоа постојано се повторуваше на загрепскиот самит на почетокот на мај.

Поради пандемијата на коронавирус сосема се променија и прироритетите на германското претседателство со Советот на ЕУ. Многу извесно е дека Западен Балкан како регион ќе игра споредна улога. Тука ништо не менува ниту изјавата на германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, кој за време на посетата на специјалниот пратеник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, пред неколку дена рече дека овој регион „останува приоритет“.

Косово во преговорите треба да го претставува новиот премиер Авдулах ХотиФотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

Да му се одземат уздите на Вашингтон

Но, од друга страна, ЕУ не гледа благонаклоно на обидите на Вашингтон со не многу суптилни методи да се уфрли во овој процес. Брисел сфати дека под итно мора да направи нешто за да и’ ги оттргне од рака уздите на Белата куќа. Американската иницијатива, според која на крајот на јуни во Вашингтон требаше да се сретнат Вучиќ и Тачи, пропадна поради повикот на Тачи во Хаг. На ЕУ ова и’ дојде како порачано.

Спрецијалниот пратеник на Белата куќа за преговорите на Белград и Приштина, Ричард Гренел, преку Твитер ја поздрави европската иницијатива за продолжение на преговорите. Тој, однапред присвојувајќи дел од заслугите во случај на евентуален успех на преговорите, порача дека САД напорно работеле на нагласување на економската нормализација помеѓу двете страни, зашто, како што наведе, „верува дека е тоа прв пресуден чекор во овој долг политички спор“. „Тешкотиите и долгорочните политички прашања полесно ќе се решаваат кога ќе се дојде до напредок во економските прашања“, порача Гренел на Твитер и додаде дека се надева оти ќе биде решено и прашањето на либерализација на визниот режим за граѓаните на Косово.

Србија и Косово - работа на Европа, не на САД

Европа секогаш малку сомничаво гледаше на вашингтонската иницијатива, која пред се’ имаше исклучиво економска димензија. Петер Бејер, пратеник на Христијанско-демократската унија на Ангела Меркел, поранешен известувач за односите на Србија и Косово во Комисијата за надворешна политика на Бундестагот и сегашен координатор за трансатлантските односи во германското МНР, не ја крие својата скепса во врска со она што го покрена Гренел. „Ја поздравувам улогата на нашите американски пријатели кога станува збор за економските односи на Србија и Косово. Но, како држави кои се наоѓаат во Европа и стремат кон членство во ЕУ, јасно е дека ЕУ е водечка кога се работи за следење на политичките процеси општо, а особено дијалогот помеѓу Србија и Косово“, рече Бејер на прашање на ДВ.

Уште на конференцијата на институтот Аспен во април, на која учествуваше и Бејер, можеше да се слушне: „Секоја чест на договорите за авионски и за железнички сообраќај, но тоа не може да ги замени политичкиот дијалот и стабилноста“, се слушна тогаш во текот на расправата.

Бејер забележува дека „само ЕУ може да оствари либерализација на визниот режим“, коментирајќи го на тој начин Гренеловото мешање во визната политика на ЕУ. Унијата сега можеби би можела малку да здивне, зашто хиперактивниот Гренел сега, а и во наредните месеци, ќе има полни раце работа околу предизборната кампања која би требало да го одржи неговиот ментор Трамп на власт, па нема да има време во предизборна кампања да се занимава со помалку интересните односи помеѓу Белград и Приштина.

Петер Бејер (ЦДУ): Јасно е дека ЕУ е водечкаФотографија: Peter Beyer/Frank Nürnberger

Размена на територии за Берлин е се’ уште апсолутно неприфатлива

Едно од најважните прашања кое со години се провлекува низ преговарачкиот процес на Белград и Приштина е фамозното решение кое вклучува размена на територии и за што требаше да стане збор на неодржаната средба во Вашингтон пред две недели. На прашањето на ДВ дали Франција и Германија (која се вбројува меѓу најжестоките критичари на ова решение) се единствени по тоа прашање, Бејер индиректно одговара дека Берлин и Париз се „во процес на трајно и многу блиско договорање за сите прашања кои се однесуваат на идниот развој на Западен Балкан“.

Размена на територии отфрлаат сите германски парламентарни партии со исклучок на деснопопулистичката Алтернатива за Германија (АфД). Аналена Бербок, претседателка на партијата на Зелените, која во истражувањата на јавното мислење на моменти им се приближува на партиите на Унијата (ЦДУ и ЦСУ), пред неколку дена, на една конференција за Сребреница, повторно жестоко го нападна концептот на прекројување граници по етнички принцип. „Знаеме дека менување на граници врз етничка основа, за што моментално се расправа помеѓу Србија и Косово, не е решение. Напротив, тоа е многу опасно, особено за така кревка држава како што е Босна и Херцеговина“, рече Бербок.

Бејер изрази надеж дека продолжувањето на дијалогот ќе доведе до пад на тензиите помеѓу соседите и дека ЕУ во тоа ќе биде од помош. Но, за него е исто така важно да се одржи континуитет. „Она што ни е  потребно се редовни средби. Не смееме веќе да дозволиме нови прекини“, рече Бејер. Тој исто така апелира до двете страни да се воздржат од меѓусебни провокации, па било тоа да е и преку медиумите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми