1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов одбранбен компас на ЕУ

Бернд Ригерт
23 март 2022

На самитот во четврток, ЕУ ќе ја усвои својата нова насока за одбранбената политика. Сопствени интервентни сили - да, но не како конкуренција на НАТО.

Ukraine-Konflikt
Фотографија: Olivier Matthys/AP/dpa/picture alliance

За првпат, 27-те земји-членки на ЕУ ги запишаа своите безбедносни интереси во заеднички концепт и дефинираа какви мерки сакаат да преземат во следните три години за да ја направат Европа посилна и понезависна. „Европа мора да научи да зборува со јазикот на моќта“, вели борбено шеф-дипломатот на ЕУ, Жозеп Борел. Терминот „стратешки компас“ притоа треба да се подразбере буквално, бидејќи со документот од 40 страници се фрла поглед од 360 степени на целата земјина топка.

Како главни закани за Европа се идентификувани пред сè Русија, со нејзината тековна инвазија на Украина, конфликтите во Грузија и Молдавија и де факто управувањето на Белорусија. Потоа на скалата со закани следат Кина, нестабилната ситуација на Западен Балкан, исламистичкиот тероризам во зоната Сахел во Африка, регионалните конфликти на Блискиот Исток и поглед на Арктикот, Индо-Пацификот и Латинска Америка. Тука се додаваат и опасностите од сајбер просторот и вселената.

„Електрошок“ за НАТО

Пред три години, кога идејата за компас ја туркаа француските и германските дипломати во ЕУ, во Белата куќа владееше изолационистичкиот претседател Доналд Трамп, а францускиот претседател Емануел Макрон го прогласуваше НАТО за „мозочно мртов“. Сега ситуацијата во Европа е радикално променета. Емануел Макрон сега гледа дека „Русија ни даде повик за будење. Отсекогаш сум велел дека ни се потребни стратешки изјави и нив сега ги добиваме“. Макрон вели дека НАТО добил „електрошок“ откако Русија ја нападна Украина.

Борел: Европа мора да научи да зборува со јазикот на моќтаФотографија: Dursun Aydemir/AA/picture alliance

На сите политичари во ЕУ уште еднаш им стана јасно дека Европа може да се брани само со НАТО, односно со американските сојузници. Затоа, ЕУ, со својот стратешки компас, во никој случај не е конкуренција на НАТО-алијансата, вели Михаел Галер, европратеник и експерт за надворешна политика во демохристијанската пратеничка група. „Колективната одбрана ќе мора да се остварува со НАТО во догледна иднина.“ И високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, нема што друго да каже за НАТО, на кој припаѓаат 23 од 27-те членки на ЕУ. „Тој останува срцето на нашата територијална одбрана“, ветува тој, обидувајќи се да го „извади ветерот од едрата“ на американските критичари на европските обиди за еманципација.

Сили за реакција под германско раководство

Во својот стратешки документ, ЕУ наведува дека има намера до 2025 година да формира заеднички сили за интервенција од 5.000 војници, подобро да ги координира проектите за вооружување и да ги прилагоди соодветно на воените буџети на земјите-членки, кои треба да се зголемат.

Заедничките проекти потоа треба да се субвенционираат и од буџетот на ЕУ. „Прво доаѓа анализа за тоа што претставува закана, потоа правиме биланс на она што го имаме. Од ова доаѓаме до заклучок што ни треба“, објаснува европратеникот Михаел Галер, опишувајќи ја постапката. Доколку проектите, кои веќе постојат во Европската агенција за вооружување (ЕВА), пристојно се реализираат заеднички, тогаш може да има и пари од ЕУ.

Потребна е постојана формација од 5.000 војници кои вежбаат заедно, кои се трајно стационирани и можат да бидат заедно распоредени, смета ГалерФотографија: Monika Skolimowska/dpa/picture alliance

Германија се согласи на почетокот, за период од 12 месеци, да го обезбеди јадрото на силите за реакција. Војниците од неколку земји на ЕУ треба да „ротираат“, односно да не бидат стационирани како единица на една локација. „Да бидам искрен, тоа не ми изгледа доволно. Германија се јавува и вели 'Здраво, јас ова ќе го правам една година.' Тоа не е она што е потребно“, критикува Михаел Галер. Според него, потребна е постојана формација од 5.000 војници кои вежбаат заедно, кои се трајно стационирани и можат да бидат заедно распоредени.

Пример: Босна и Херцеговина

Експертот за надворешна политика Галер може да си замисли два примера на самостојни операции на Европската унија. На пример, Босна и Херцеговина: Доколку прорускиот лидер на босанските Срби, Милорад Додик, сака да ја напушти државата со својата Република Српска, ЕУ би можела да интервенира.

- повеќе: Европа не смее да стане нечија играчка

НАТО можеби нема да може да го направи тоа, бидејќи турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган има поинакви идеи за иднината на државата Босна и Херцеговина. „Во моментот кога Ердоган ќе каже не, прибегнувањето кон ресурсите на НАТО е блокирано, бидејќи таму постои принцип на едногласност. Ние, меѓутоа, треба сепак да бидеме способни да дејствуваме ако мислиме дека тоа е неопходно“, вели Галер за ДВ.

БиХ е еден од примерите кои се наведуваат за евентуална самостојна операција на Европската унија, доколку за тоа има потреба

Пример: Мали

Втор пример: евакуација на европски трупи или граѓани. При повлекувањето од Авганистан летоска се виде дека тоа нема да функционира без САД и дека ЕУ очигледно не може да дејствува. „Вакво нешто до одреден степен се исцртува и кога ќе се повлекуваме од Мали. За разлика од Авганистан, таму немаме американски помошници. Затоа е важно да создадеме сопствени можности.“

Во Мали, против терористичките милиции, има мисија на ЕУ и француската мисија. Франција сака да го прекине својот ангажман до јуни поради несогласувањата со воената хунта во Мали.

При повлекувањето од Авганистан летоска се виде дека евакуацијата нема да функционира без САД Фотографија: Aamir Qureshi/AFP/Getty Images

Овојпат треба да функционира

ЕУ веќе две децении се обидува да формира заеднички сили за интервенција и да ги здружи своите стратешки интереси. Овојпат треба да оди подобро, ветува Жозеп Борел. Ако не сакаат да учествуваат сите 27 земји, тогаш воена мисија во име на ЕУ би можеле да создадат и група земји. Договорите на ЕУ даваат можност за тоа, се вели во стратешкиот компас. „ЕУ мора подобро да ги заштити своите граѓани и вредности. За да го постигнеме ова, мора да дејствуваме побрзо и поодлучно во управувањето со кризи“, вели Жозеп Борел. Шефовите на држави или влади на ЕУ сега треба да го одобрат овој курс. Шокот од војната што Русија ја донесе во Европа секако ќе помогне, велат ЕУ-дипломати.

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми