1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Португалскиот предлог донесе оптимизам за спорот

ДТЗ
24 мај 2021

Премиерот Зоран Заев очекува исчекор во решавањето на спорните точки со Бугарија. Бугарскиот претседател Румен Радев порача дека европскиот пат на С. Македонија е преку Софија.

Besuch des nordmazedonischen Premierministers Zoran Zaev bei der Europäischen Kommission
Фотографија: EU/Jennifer Jacquemart

Во португалскиот предлог за решавање на спорот со Бугарија се вклучени очекувањата на двете страни, вели премиерот Зоран Заев, кој смета дека станува збор за добра база којашто може да доведе до решение. Тој е дециден дека со предлогот строго се заштитени македонскиот јазик и идентитет. 
„Португалското претседателство со ЕУ и министерот за надворешни работи Аугусто Сантош Силва во понудениот предлог за решавање на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија воделе грижа да бидат вклучени очекувањата на двете страни. Сериозно дискутираме за предлогот, ќе продолжиме со состаноци“, изјави денеска Заев.

Предлог по мерка 

Премиерот смета дека во португалскиот предлог е опфатена и бугарската страна и согласно нивните резолуции може понатаму да се разговара. „Во неколку наврати реков дека очекуваме час поскоро Бугарија да го признае македонскиот јазик и идентитет. Имаме документ и јас сум изненаден што членка на ЕУ, која е од другата јужна страна на европскиот континент, која не е толку блиску до Балканот и не е толку детално упатена и навлезена, беше креативна и инвентивна за да изнајде решение, Затоа рековме дека секој пат е можно да се изнајде решение ако има добра волја од двете страни“, изјави Заев. 
Предлогот за решавање на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, во петокот во Скопје го презентираа министерот за надворешни работи на Португалија, Агуста Сантош Силва и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји.
Заев се надева дека на претстојното заедничко чествување во Рим на повод Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј на македонскиот и бугарскиот претседател  Стево Пендаровски и Румен Радев ќе се изнајде исчекор за надминување на овој проблем кој дефинитивно ја кочи европската интеграција на целиот Западен Балкан, но и европските перспективи на земјата.

Притисок врз Бугарија 

„Верувам дека Бугарија ќе биде и понатаму силен поддржувач на Северна Македонија, но и на патот на европските интеграции на Западен Балкан. Дека европскиот дух што претседателот Радев го негува, но и нашиот претседател, ќе биде доволен да направиме исчекор и да продолжиме понатаму во нашата европеизација“, вели премиерот. 
Бугарскиот претседател Радев денеска порача дека европскиот пат на Северна Македонија е преку Софија и дека тоа е патот за решавање на сите проблеми. Зборувајќи за престојното заедничко патување во Рим, бугарскиот претседател за тамошните медиуми вели дека со Пендаровски ќе ја објават јасната и заемна политичка волја дека ќе ги развиваат односите меѓу двете земји во духот на довербатa, пријателство и добрососедство. Ваква порака испрати Радев, откако положи цвеќе пред споменикот на Светите браќа Кирил и Методиј во Софија.
„Наеднаш станав многу интересен за сите европски лидери. Дневно имам покани да разговарам со најмалку двајца премиери, еден претседател и еден комесар. Има многу внимание кон Бугарија, нема да го кажам зборот притисок“, вели Радев и додава: „Да не заборавиме дека Бугарија е членка на Европската Унија и тоа значи многу, а ќе се обратиме до другите членки на ЕУ за солидарност. Најважно е Бугарија, како одговорна членка, да не дозволи да се внесат многу проблеми во Унијата“, порача бугарскиот претседател.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми