1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов поттик за реформи во Хрватска

21 април 2004

Зеленото светло од Европската Комисија секако ќе им даде нов полет на реформските настојувања на владата во Загреб – смета Бетина Буркарт во наредниот коментар

Срдечни честитки! Во случајот на Хрватска може навистина да се зборува за успешна сторија. Фактички, дури по симнувањето од власт на автократот Фрањо Туѓман и неговата Хрватска демократска заедница (ХДЗ) во 2000-та година, новиот премиер, социјалдемократот Ивица Рачан си ја постави високата цел за што е можно поскорешна интеграција во ЕУ и во НАТО. Цел што во ниту еден момент не беше заборавена во инаку немирната коалиција на власт во Загреб. Така уште во октомври 2001 Хрватска го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ.

Кога спроти парламентарните избори минатата година се исцртуваше евентуална победа на опозиционата конзервативна ХДЗ, политичките противници во земјата, но и набљудувачите од надвор предупредија од опасноста новата влада да го попречи процесот на натамошно приближување кон Унијата. Но, лидерот на ХДЗ Иво Санадер водеше про-европска кампања и по доаѓањето на власт го продолжи курсот на владата на Рачан. Иронија на судбината е во тоа што токму влада на конзервативната ХДЗ на преминатиот претседател Фрањо Туѓман, кој изрично одбиваше да соработува со Трибуналот во Ден Хаг, на крајот доби добри оценки од Карла дел Понте. Со тоа патот на Хрватска кон ЕУ и беше конечно отворен.

Радоста во Хрватска е секако голема и оправдана. Но, патот до толку посакуваното полноправно членство во европското семејство е уште долг и тежок. Со оваа етапна победа фактички допрва почнуваат најболните реформи. Значи, не само детална промена на законските и други акти, туку токму и нивна макотрпна примена во секојдневниот живот. Така, мора да биде намален државниот апарат, реформи од таков вид ги очекуваат и армијата, правосудниот и здравствениот систем, а ни пензискиот и образовниот нема да останат поштедени од длабоки резови.

Овие промени болно ќе ги почувствуваат сите Хрвати. Но, во тоа може да им помогне токму новиот полет што доаѓа по секој ваков успешен чекор, како вчерашното зелено светло од Европската комисија. Досегашниот пат на Хрватска токму е уште ден доказ дека отворањето нови перспективи за приближување и приклучување кон ЕУ секогаш придвижува нови реформски сили. Тоа можеше посебно добро да се види на пример кога од Брисел дојдоа сигнали дека приклучувањето на Хрватска може да се случи дури заедно со Бугарија и Романија, значи веќе во 2007. Такавиот став сосема јасно го формулираше и германскиот канцелар Герхард Шредер, при посетата на Загреб минатиот октомври.

Процесот на пристапување кон ЕУ и може да биде успешен само ако зад него застанат сите граѓани на земјата и тоа со сите свои сили, наспроти болните промени што тој со себе ги носи. Затоа и претходниот и сегашниот министер за европски прашња во Загреб сосема јасно порачуваат: барањата што ги поставува ЕУ не треба да се сфатат како обврски наметнати од надвор, туку како катализатор и поддршка за ионака неопходните реформи на хрватското општество.

Бетина Буркарт

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми