Јачината на потресот кој денеска ја погоди Хрватска била 6,4 степени според Рихтер. Епицентарот е во близина на Петриња, 45 километри југоисточно од Загреб.
Реклама
Според сеизмолозите, земјотресот кој денеска повторно го погоди хрватскиот централен регион има сила од 6,4 степени според Рихтер. Оштетени се бројни згради во Петриња, Сисак и други места. Градоначалникот на Петриње Даринко Думбовиќ во изјава за ХТВ соопшти дека загинало едно девојче, а има повеќе повредени лица. Потресот бил силно почувствуван и во Загреб, каде некои згради се повторно оштетени. Бројни висококатници се евакуирани. Земјотресот е почувствуван и во соседните земји, посебно во Босна и Херцеговина и Словенија. Австриската централна служба за метеорологија и геодинамика во Виена соопшти за потрес од 6,1 степен, почувствуван во повеќе австриски региони, претежно во Корушка но и во главниот град Виена.
И во одделни области на Италија е регистрирано тресење на земјиштето, италијанската служба за цивилна заштита е во контакт со повеќе региони. На Твитер бројни италијански корисници пишуваат дека го почувствувале земјотресот.
Ова е втор земјотрес во последните 30 часа во Хрватска. Вчера во истата област беа регистрирани потреси на земјиштето од 5,2 и 5 степени според Рихтер.
Во март земјотрес од 5,4 степени предизвика големи штети, имаше една човечка жртва и бројни повредени лица.
Земјотреси кои го потресоа светот
Од големите земјотреси во Антиохија во 342 и 526 година, до денес, историјата памети огромни потреси кои неретко биле проследени и со гигантски цунами бранови во некои делови од светот.
Фотографија: picture-alliance/D. Nucci/NurPhoto
Централна Италија во рушевини
Последниот голем земјотрес во Европа се случи во централна Италија. Земјотресот кој удри на 24 август годинава однесе 256 животи, и остави повеќе од 40 илјади луѓе без покрив над главата.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini
Лабрадорот Лео
Лабрадорот Лео беше поздравен од папата Франциско на 3 септември годинава за време на беатификацијата на Мајка Тереза. Лабрадорот стана инстант-херој откако во урнатините од земјотресот пронајде четиригодишно дете.
Фотографија: picture alliance/AP Images/L'Osservatore Romano
Танзанија
Земјотрес со јачина од 5,7 степени го погоди северозападниот регион на Танзанија на 10 септември годинава. Во катастрофата загинаа најмалку 16 луѓе, а 250 беа повредени.
Фотографија: Imago/Xinhua
Вежби за децата во Јапонија
Јапонија е екстремно трустно подрачје, и во минатото честопати беше погодувана од силни земјотреси. На 1 септември секоја година, кога се одбележува годишнината од големиот земјотрес од 1923 година, децата во основните училишта учествуваат во специјални вежби за заштита при земјотрес.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Taga
Потрага по најблиските (Беичуан, Кина)
Мајка го оплакува својот син кој загина во катастрофалниот земјотрес кој ја погоди провинцијата Сичуан во Кина на 19 август 2008 година. Повеќе од 1,500 ученици и учители загинаа во земјотресот, кој севкупно однесе 69 илјади човечки животи.
Фотографија: Getty Images/China Photos
Катастрофата во Хаити
На 12 јануари 2010 година, Хаити беше погоден од катастрофален земјотрес со магнитуда од 7 степени. Над 200 илјади луѓе загинаа во природната катастрофа, а речиси три милиони луѓе беа погодени. Главниот град Порт-о- Принс беше срамнет со земја.
Фотографија: picture alliance/dpa
Земјотресот во Суматра
На 26 декември 2004 година разурнувачки земјотрес со јачина од 9,2 степени го погоди западниот брег на Суматра, во Индискиот Океан. Земјотресот и бројните цунами бранови кои се подигнаа како последица од него однесоа 230 илјади животи во 14 земји. Тоа е третиот најсилен земјотрес забележан во историјата и истовремено, удар со најдолго траење- меѓу 8 и 10 минути.
Фотографија: Getty Images/S. Platt
Музафарабад, Кашмир
Потресот чиј епицентар беше кај градот Музафарабад во Пакистан во октомври 2005 година опфати регион од 30 илјади квадратни километри. Во непосредната околина загинаа 84 илјади луѓе. Земјотресот беше со јачина од 7,6 степени.
Фотографија: AFP/Getty Images/F. J. Brown
Л' Аквила- земјотрес и одговорност
Земјотресот во Л'Аквила, во централна Италија од 6 април 2009 година, однесе 308 човечки животи. Бројни контроверзи следеа по катастрофата, откако 6 научници и еден државен службеник беа осудени на затворски казни поради тоа што не предупредиле на опасноста од земјотресот. Во 2014 година, пресудите на научниците им беа укинати.