Нов тренд- фристајл фудбал
26 јуни 2008
Момците истрчуваат од кабините на зелената трева, се свират химните на репрезентациите кои настапуваат, се слуша судиското свирче, топката почнува да се тркала, а ние забораваме на се‘ околу нас - најмалку на големите натпреварувања како на Светското првенство во 2006 или сега кога фудбалерите се борат да се закитат со нова титула европски шампиони.
Но покрај оваа, има уште една фудбалска приказна која ни ја раскажуваат три момчиња од Берлин, приказната за фристајл фудбалери.
Инспирација од рекламните спотови
Се‘ започна пред две- три години. Вниманието на Денис, Ханес и Паскал го привлекоа рекламни спотови на интернет, телевизија и кино, на кои познатите светски фудбалери танцуваа со топката, на пример Роналдо или Роналдињо, кои ги покажуваа своите волшебни умешности со топката, ја тркалаат по главата и рамениците и на тој начин ги надмудруваат своите противници. Но за она што изгледа едноставно потребен е повеќегодишен тренинг, раскажува 11 годишниот Паскал:
„Во фристајлот има многу различни области, на пример Ејпер, тоа е играње со глава и рамења. Трикови може да се прават и со седење. Најтешки се така наречените еирмувс, кои ги прави Роналдињо.“
„Треба да се почне на возраст од 12 - 13 години, но треба да се биде и член на некој фудбалски клуб, за да се нучат некои основни технички карактеристики на фудбалот, за да се научи жонглирање на пример. И ако навистина имате терпение и го сакате тоа, може да се совлада и фристајл фудбалот“, вели Денис, кој заедно со неговите двајца другари Паскал и Ханес веќе успеаја да ја совладаат оваа вештина: со нивните видеа на интернет тие ги привлекоа младите и веќе имаат фенови кои ги канат да настапуваат на различни манифестации.
Тренд во моментов
„ За време на Европското првенство ова е во тренд. Веќе имавме настапи по кои дававме автограми, се почувствував како еминентна личност, беше интересно, иако направивме само неколку трикови“ вели Ханес.
Фристајл фудбалот доаѓа од улица. Во Холандија е украс на градовите, во Бразил момчињата од плоштадите ги собираат во фудбалски клубови. Германија се‘уште е далеку од тоа
„Во некои градови едноставно е доволно да застанете на улица со шапка, како некои уметници, во Минхен за половина час со фристајл ќе се заработат 50 евра, но овде воодушевувањето се‘уште не е толку големо.“
Затоа Денис, Паскал и Ханес се надеваат дека ќе ги заразат и другите фудбалери
„Мислам дека би било кул, ако стане тренд спорт. Во Јапонија многу луѓе играат фристајл фудбал, дури има и списание, ДВД-а. Во Германија мислам дека дури сега ќе се развива.“ вели Паскал, кој заедно со неговите другари уште еднаш потсетува кој е татко на новиот фудбал:
„Првиот што изведе фристајл трикови беше Марадона, пред 20 години.“
И додека е во тек Европскотo првенство, Паскал, Ханес и Денис имаат полни раце, но и нозе работа. Во Австрија на љубителите на класичниот фудбал тие им покажуваат што се‘ може да се изведе со фудбалската топка свен да се постигнуваат голови.