1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Нов хаос во Либија, а и Германија не е невина

Михаела Кифнер
9 април 2019

Еден генерал маршира против меѓународно призната влада, тоа ја засега и Германија, зашто може силно да страда од последиците, смета Михаела Кифнер.

UN-Weltsicherheitsrat tagt zum Libyen-Konflikt
Фотографија: picture-alliance/Xinhua News Agency/Li Muzi

На Советот за безбедност на ОН, под германско претседавање, не му успеа да усвои заедничка декларација против напредувањето на генералот Калифа Хафтар во правец на либискиот главен град Триполи. Како и често досега, блокираше Русија. Би можело да се каже: „Тука не може ништо да се направи“. Но, тоа не е точно, зашто Германија на темата Либија веќе потфрли на една друга, европска сцена. А тоа, барем делумно, придонесе за на Либија сега да ѝ се заканува уште поголем хаос, а на Европа можеби повеќе бегалци. Зашто, Германија не сметаше експлицитно за своја улога да посредува меѓу партнерите во ЕУ: земји како Франција и Италија дури отворено да ги конфронтира со тоа што со нивната тајна поддршка на генерал Хафтар, наспроти договорената позиција на ЕУ, играат опасна игра со оган. 

Сопствена игра на Италија и Франција

Официјално, ЕУ се стави во поддршка на владата на национален спас на Либија, призната и од ОН. Нејзиниот премиер Фајес ал-Сараџ на почеток имаше тешкотии. Но, уште пред да се исуши мастилото од потписите на Договорот за стабилизација од Схират во декември 2015 година, Италија недвосмислено укажа дека и натаму ќе ги следи своите историски нараснати економски интереси и контактите со одделни актери во источниот дел од земјата. А и врапците во регионот знаат дека воениот упад на генерал Хафтар во јужна Либија на почетокот на 2019 година не беше само аминуван, туку и активно поддржан од Французите. Притоа, целта не е крајно само стабилизирање на соседниот Чад, средиште на француските интереси во северна Африка.

Михаела КифнерФотографија: DW/B. Geilert

Хафтар, кој своевремено помогна Гадафи да дојде на власт во 2011 година, но потоа учествуваше и во неговото соборување, прифаќа поддршка за своите милиции од каде и да дојде таа. Така, на неговата позната листа поддржувачи се најдоа Италија и Франција исто како и Обединетите Арапски Емирати, Русија и Египет. Молотовиот коктел од поединечни интереси му овозможи на генералот да стигне пред портите на Триполи. Тој ги има сите причини да верува дека може да успее многу повеќе. Престолнината Триполи уште сега е поделена меѓу четири милиции на повеќе или помалку стабилни сфери на влијание.

Повеќе: 

Посредничка војна во Либија

Во Либија зоврива - Советот за безбедност бара крај на борбите

Либија не сака прифатни центри за мигранти

Сега повторно може да се зборува за потфрлање на Европа. Европската претставничка за надворешна политика од средбата на ЕУ-министрите за надворешни работи во Луксембург, каде на маса седат и Франција и Италија, повика на примирје. Во меѓувреме обидите на специјалниот претставник на ОН Гасан Саламе и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, за спречување на натамошна ескалација, се чинат сѐ поочајни. Германскиот владин портпарол на прашањето дали Германија знаела за француската поддршка на Хафтар, немаше што да одговори. Германското министерство за надворешни работи сега уверува дека се во тек разговори со партнерите од Италија и од Франција. Ова е премногу задоцнет и премал ангажман од страна на Германија.

И неактивноста предизвикува последици

Никој не знае подобро од Антонио Гутереш дека и оној кој ништо не презема, предизвикува последици. Генералниот секретар на ОН, во неговата претходна улога како специјален пратеник на ОН за бегалци, постојано беше сведок на обидите на владите да ги игнорираат кризите сѐ додека не биде предоцна. Либија веќе сега се смета за бегалски пекол. Либија, која за Европа важи само како „земја на потекло“, и натаму ќе остане она што беше со децении: цел на стотици илјади африкански економски мигранти. Затоа што Либија ги поседува најголемите нафтени резерви во Африка. Сигурно дека овие информации одамна се на масата во германскиот владин кабинет.

Германија сега повторно не може да се одлучи на активно дејствување, евентуално и против декларираните интереси на Франција и Италија. Меѓутоа, динамиката која сега настанува може да се насочи против германските сопствени интереси. Затоа што најголемиот дел од бегалците кои доаѓаат во Европа, сѐуште сакаат да дојдат токму во Германија.  

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми