1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Нов чин во драмата со екстрадирањето на Асанж

Матијас фон Хајн
28 октомври 2021

Во Лондон во средата почна жалбениот процес за случајот на Џулијан Асанж. САД ја оспоруваат одлуката на судот од 4 јануари, со која се забранува екстрадиција на основачот на платформата Викиликс во САД.

UK Prozess Julian Assange Protest
Плакат со барање за ослободување на Асанж кој денеска го носи еден од демонстрантите собрани пред судот во ЛондонФотографија: Frank Augstein/AP Photo/picture alliance

Поради информациите што ги објави, на Џулијан Асанж му се заканува затворска казна до 175 години. Меѓу другото, Викиликс разоткри брутални акции на САД во Авганистан и Ирак, како и тешки воени злосторства. За нив досега никој не одговарал. 

Јануарската пресуда прво им донесе олеснување на активистите за човекови права, новинарските здруженија и поддржувачите на Асанж. Но, тоа траеше онолку колку што беше потребно да се прочита образложението на пресудата. Судијката прифати „само хуманитарна причина - дека Асанж ќе се соочи со нехумани услови во затворот во САД“, изјави за ДВ во август годинава Маргит Штумп, пратеничка на Зелените во Бундестагот. „Таа не отфрли, ниту ја доведе во прашање која било од американските причини за екстрадиција. Затоа на Џулијан Асанж му се заканува екстрадиција, доколку САД докажат дека условите во затворот ќе бидат такви што ќе се води грижа за неговото здравје, а со тоа и за неговиот живот“. 

Дека Асанж има причина да стравува за својот живот покажуваат податоците објавени на крајот на септември од истражувачкиот тим на „Јаху њус“. Под наслов „Киднапирање, убиство и пукање во Лондон: увид во тајните воени планови на ЦИА против Викиликс“, „Јаху њус“ меѓу другото пишува дека разузнавачите на ЦИА во 2017 година наводно размислувале за киднапирање на Џулијан Асанж и негово убиство. Овие податоци се добиени преку разговори со вкупно триесетина претставници на тајните служби и државни службеници. 

Реагирајќи на истражувањето на „Јаху њус“, Мајк Помпео, кој прво беше директор на ЦИА, а потоа и министер за надворешни работи на САД во мандатот на Доналд Трамп, побара сите соговорници на истражувачките новинари да бидат обвинети за објавување тајни информации. Набљудувачите ова го оценуваат како индиректна потврда на овие наводи. Во меѓувреме, за плановите на ЦИА е заинтересирана и Комисијата на Претставничкиот дом задолжена за контрола на работењето на тајните служби.

Протести против екстрадиција на Асанж (Лондон, 23.10,2021)Фотографија: Alberto Pezzali/AP Photo/picture alliance

Активистите за човекови права бараат ослободување 

Генералната секретарка на Амнести интернешнал, Агнес Каламар, смета дека извештаите за плановите на ЦИА за убиство дополнително ги ослабуваат и онака несигурните уверувања на американските дипломати дека Асанж ќе биде третиран хумано. „Уверувањата на американската влада дека нема да го стави Џулијан Асанж во највисокиот безбедносен затвор или да го подложи на посебни административни мерки, се дискредитирани со нејзиното признание дека го задржува правото да ги отповика тие гаранции“, рече Каламар во вторникот (26.10). 

„Извештаите дека ЦИА разгледувала можност за киднапирање или убиство на Асанж предизвикуваат уште повеќе сомнежи за веродостојноста на американските ветувања и дополнително ги потенцираат политичките мотиви зад овој случај“, додава генералната секретарка на Амнести. Таа исто така смета дека „безмилосниот прогон“ на Џулијан Асанж ја загрозил слободата на медиумите и слободата на изразување. Каламар ги повикува американските власти да ја повлечат тужбата против Асанж. Според неа, британските власти не треба да го екстрадираат Австралиецот, туку треба веднаш да го ослободат. 

Повеќе: 

Еквадор му го одзеде државјанството на Асанж

Џулијан Асанж - и славен и оцрнуван

САД против Џулијан Асанж

Уште на средината од октомври, 25 меѓународни организации за човекови права испратија отворено писмо до државниот обвинител на САД, Мерик Гарланд. Тие, меѓу другото и поради информациите објавени од „Јаху њус“ за „алармантни дискусии во ЦИА и администрацијата на Трамп“, побараа да се прекине кривичното гонење на Асанж. 

Организациите, вклучувајќи ги Репортери без граници, Хјуман рајтс воч или Американската унија за граѓански слободи, во отворено писмо во февруари нагласија дека прогонот за објавување тајни документи значи закана за слободата на печатот. Тие сега пишуваат дека откритијата за наводните планови на ЦИА „само ја зголемуваат нашата загриженост за мотивите што стојат зад тоа гонење и опасниот преседан што се создава“. 

„Политички процес“ 

Шефот на германскиот огранок на „Репортери без граници“, Кристијан Мир, во август за ДВ зборуваше за „политички процес“ кој конечно би морало да запре. Џо Бајден, пак, е третиот американски претседател кој е вклучен во гонењето на Џулијан Асанж. Истрагата ја иницираше администрацијата на Барак Обама, а обвинение беше покренато за време на Доналд Трамп. Досега Бајден ги игнорираше апелите за прекин на кривичното гонење на основачот на Викиликс.

Цртеж од судската сала во Лондон при сослушувањето на Џулијан Асанж на 7.09.2020 годинаФотографија: Reuters/Julia Quenzler

Вакви апели стигнаа и од Германија. Во отворено писмо, 120 истакнати потписници побараа ослободување на Асанж. Меѓу нив има пратеници во Бундестагот, поранешни сојузни министри, уметници и новинари. Од канцеларката Ангела Меркел беше побарано таа да се заложи за тоа за време на нејзината проштална посета на Вашингтон во јули, но не е познато дали Меркел го сторила тоа. 

Писмото го потпишала и Маргит Штумп. За пратеничката на германските Зелени екстрадиција и осуда на Асанж би биле „погубен сигнал за новинарите“. „Секој што се занимава со истражувачко новинарство ќе треба во иднина постојано да се чувствува загрозен од демократски легитимираната државна власт. Слободата на печатот во Европа би била крајно ограничена. Контролната функција што ја имаат новинарите, која е важен елемент на демократијата, веќе не би функционирала, туку би била криминализирана“, вели Штумп, нагласувајќи дека тоа е напад врз „темелите на нашиот демократски поредок“. 

Двојниот морал ги радува автократите 

Автократите и диктатурите внимателно следат како САД, но и Велика Британија, се однесуваат со Џулијан Асанж и другите „свиркачи“. Токму односот кон основачот на Викиликс им овозможува да ги отфрлат критиките на Западот во однос на слободата на печатот во нивните земји и да ги наречат „двојни стандарди“. 

На пример, на почетокот на мај тоа го направи портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Хуа Чунјинг. Затоа Маргит Штумп бара: „Ако САД и западните земји сакаат да бидат убедливи кога станува збор за заштита на слободата на печатот и владеењето на правото, тогаш мора да престанат да го прават Џулијан Асанж симбол на прогонот на непопуларните новинари“.

Здравствената состојба за Асанж е „многу лоша“, вели неговата партнерка Стела МорисФотографија: Reuters/S. Dawson

Џулијан Асанж не е слободен повеќе од единаесет години. Последните три родендени ги помина во британскиот затвор Белмарш, кој е познат по строгите услови кои владеат во него. Иако не е прогласен за виновен за никакво кривично дело, Асанж зад решетки треба да чека одлука дали Велика Британија ќе го екстрадира во САД. Барањата за кауција или куќен притвор беа одбиени. 

Тоа, со оглед на тешките затворски услови, за политичарката на германските Зелени, Штумп, претставува „уставен и хуманитарен скандал“. Меѓу другото и затоа што донесувањето одлука за екстрадиција може да трае со години, а тоа би можело да биде во интерес на САД. Џулија Хол од Амнести интернешнал ова лето рече: „Стратегијата е да се задржи Асанж затворен што е можно подолго. Тоа е како 'смрт од илјада исеченици'“. 

Партнерката на Асанж. Стела Морис, во понеделникот за здравствената состојба за Асанж рече дека е „многу лоша“. Таа рече дека е „застрашувачки“ тоа дека забраната за испорака би можела да биде укината. И францускиот адвокат на Асанж, Антоан Веј, за агенцијата АФП рече дека неговиот клиент физички и ментално е во „многу лоша состојба“. Одлуката за екстрадиција, како што оцени тој, е „прашање на живот и смрт“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми