1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов ѕид го подели Западен Балкан

16 јули 2009

Препораката на ЕУ за укинување на визите не беше дочекана само со радост на Балканот. Имено, босанските муслимани уште еднаш се чувствуваат неправедно третирани од ЕУ. Весникот „Ноје цирихер цајтунг“ пишува на оваа тема.

Од новата визна политика најмногу ќе настрадаат Босанските муслиманиФотографија: wikipedia

Одлуката на Брисел не предизвика само славје во земјите од Западен Балкан. Таа содржи потенцијал уште повеќе да ја зголеми затегнатоста во и онака кревкиот регион. Покрај Албанија и Косово, од визната либерализација на неодредено време остана исклучена и Босна и Херцеговина. ЕУ аргументира дека ова е од чисто технички, а не политички причини. Но, во некои делови од регионот не му се верува многу на ваквиот аргумент. Во сеќавањата се` уште се присутни минатогодишните избори во Србија, кога ЕУ им ветуваше визна либерализација на српските граѓани, ако гласаат за проевропската коалиција на претседателот Борис Тадиќ. Техничките критериуми, кои сега толку многу се споменуваат во Брисел, тогаш како да не играа голема улога.

„Гето за муслиманите во БиХ“

Особено проблематично е тоа што визниот режим останува да важи за Босна и Херцеговина. Од ваквата одлука во мултиетничката држава најмногу ќе настрада муслиманското население. Многу босански Хрвати, покрај босанското државјанство, поседуваат и хрватско, со што лесно можат да ја заобиколат шенгенската бариера. Жителите на Република Српска, пак, кои речиси сите истовремено се и српски државјани, можат да извадат српски пасош и од 2010 година исто така да уживаат во благодетите на безвизното патување. Ограничени ќе останат само Бошњаците, бидејќи тие излезот не можат да го бараат во двојно државјанство. Босанскиот министер за надворешни работи, Свен Алкалај, ја критикуваше новата визна политика на Брисел, велејќи дека со неа се создава „гето“ за босанските муслимани. Многу босански политичари најавија дека во знак на протест ќе се откажат од своите дипломатски пасоши.

Тоа што одлуката на ЕУ доаѓа само неколку дена по годишнината од масакрот во Сребреница, во кој многу муслимански мажи и деца беа убиени од страна на босанските Срби, е само коинциденција. Во Сараево владее мислењето дека ЕУ ги наградува агресорите од крвавиот распад на Југославија со безвизно патување, додека муслиманските жртви мора и понатаму да чекаат на оваа привилегија.

Автор: „Ноје цирихер цајтунг“

Превод: Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми