1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој го става барутот во балканското буре?

Марјан Ѓуровски
17 април 2021

Од делувањето на македонската политичка елита по шпекулациите за нон-пејперот зависи дали за ова и други прашања Северна Македонија ќе остане само објект или ќе се гради како субјект во регионот. Пишува Марјан Ѓуровски.

Öl Tonne Fass Umwelt Umweltverschmutzung Katastrophe
Фотографија: picture-alliance/dpa/Hans-Peter Schaub

Зачудува молкот од македонскиот политички естаблишмент на идејата која е промовирана на мала врата, овојпат „случајно" и воедно му се припишува на словенечкиот премиер Јанез Јанша. Наместо да се молчи и со тоа кон неа да се гледа со презир и потценување, истата треба сериозно да биде разгледана и гласно отфрлена. Зашто кога децата ќе се заиграат, ако некој не крене глас кај повозрасните (САД, Франција, Германија) во едно домаќинство може децата и куќата (Балканот) да ја запалат. И на крајот од играчка да излезе плачка.

Преку неформалното промовирање на нон-пејперот, па макар и како лажна вест, се прави обид за факторизација на Јанша на сцената на ЕУ и пошироко, гледајќи се себеси во улога на европски Доналд Трамп. Ништо случајно и пресметано е споменувањето макар и во негативен контекст на неговото име, ако се има предвид дека за еден месец ќе го преземе претседавањето со Европската унија.

Некои од нас се сеќаваат на последниот конгрес на Сојузот на комунистите на Југославија, кога напуштањето на 14. вонреден конгрес од словенечката делегација значеше распад на СФРЈ. Словенците беа предвесници на промените во 1989 година. Како сега треба да се гледа на оваа лоша идеја за чија содржина очигледно има неколку верзии, каде главен акцент е ставен на идното уредување и решавање на функционирањето на Босна и Херцеговина, но и косовското прашање, а срамежливо се споменува и Република Северна Македонија и Црна Гора? Притоа зборуваме за регион каде најголем дел од државите се членки на НАТО.

Од делувањето на македонската политичка елита по шпекулациите за нон-пејперот зависи дали за оваа и други прашања Северна Македонија ќе остане само објект или ќе се гради како субјект во регионот, кој ќе партиципира во креирањето на политиките и одлуките.

Проф. Марјан ЃуровскиФотографија: Marjan Gjurovski

Домино ефект - Северна Македонија колатерална штета

Балканот со својата географска положба и историско минато е обременет со поимот „балканизација" како синоним на поделби и недоразбирања меѓу народите. Во последните декади од векот што го оставиме, но и во овој, новиот, каде ги живееме веќе триесеттите години, концептот на стабилизирање на Балканот; „демилитаризација" на државите преку колективна безбедност со зачленување во НАТО, кој требаше да се води паралелно со економско и социјално закрепнување и со зачленување во ЕУ, не ги даваат очекуваните резултати. Овој празен простор кој се создава сѐ повеќе е под удар на разните центри на моќ кои се издигнуваат со цел да ги вратат нивните загубени позиции. Балканот веќе доби ново име, Западен Балкан, со коe главно се идентификуваат земјите кои процесот на интеграција во овие две организации не го имаат заокружено.

Сега, по кој знае кој пат, преку „нон-пејперот“ на Јанез Јанша, кој веројатно е еден од неколкуте кои циркулираат во круговите на Брисел и геостратешките центри, се заговара промена на границите по мирен пат, а тоа ќе отвори нови прашања и дилеми кои ќе создадат услови за домино ефект, каде колатерална штета, меѓу другите, може да биде Република Северна Македонија.

Граница помеѓу две религии?!

Дел од државите кои денес се водат под Западен Балкан, се членки на НАТО, но што се однесува до европските интеграции, тие или ги почнале преговорите или се во фаза на подготовка за почеток на преговори. Но има и такви, како Босна и Херцеговина и Косово, кои се некој вид благ протекторат, затоа што нивната заштита од надворешни ризици ја гарантира НАТО. Најмоќната земја во Западниот Балкан, Србија, е во преговори се ЕУ, но нема намера да стане членка на НАТО затоа што се смета за неутрална, а перманентно се наоружува повеќе од Исток, Русија, отколку од Запад. 

Ова недефинирана позиција ги држи во латентна неизвесност што сама по себе значи ризик и опасност. Најголемиот предизвик за овие држави е како да се одржува мирот, во услови на нееднаков статус визави овие две организации, имајќи предвид дека целиот концепт на стабилизирање на регионот беше базиран на  „демилитаризацијата“ на државите преку влегување на заеднички безбедносен чадор, НАТО, и економски и социјална рехабилитација преку интеграција во ЕУ. Отсуството на Србија од овој концепт, преку одбивањето да биде членка на НАТО, но и преку перманентно оставање на вратата отворена спрема Русија, иако формално ги има започнато преговорите со ЕУ, го става во знак прашање претходно наведениот концепт за безбедноста на регионот. Ова прашање станува поактуелно ако се има предвид дека земјите се комплетно асиметрични во поглед на воените и безбедносните сили, но е економски и човечки потенцијал.

Западен Балкан - име со кое главно се идентификуваат земји кои го немаат заокружено процесот на интеграција во ЕУ и НАТО

Вториот предизвик е како овие земји ќе се справат со надворешните центри на влијание, кои имаат тенденции да го пополнат празниот простор кој се создава како резултат на различниот статус што го имаат земјите во однос на овие две моќни организации, ЕУ и НАТО, и уште помалиот капацитет да ги решаваат меѓусебните проблеми?  Влијанието на надворешните центри, може да се види од шемата која ја нацртал S.A. Giannakos, во книгата „Ethnic Conflict, Religion, Identity and Politics”, при што се анализираат причините за конфликти во Балканот и поимот „балканизација".

Денес политиката се одвива со фокус на два триаголника со точките на притисок: едниот постабилен - Белград, Букурешт, Атина, наспроти вториот - Загреб, Тирана, Истанбул, кој е полабилен. Над овој триаголник може да се нацрта и друг триаголник со кој се означени верските центри кои имаат влијание во регионот - Рим, Москва, Истанбул. Одржувањето на стабилноста во регионот во денешните услови, кога се соочуваме и со еден невиден непријател, како што е пандемијата на коронавирусот, станува уште покомплексно. Вакцините кои значат живот, да се биде или да не се биде, се користат како моќно оружје во поширок контекст, а посебно во регионот за враќање на нивните загубени позиции.

Други колумни од авторот:

Дали „Македонија е се што имаме“?

Балканот - прва кинеска колонија во Европа?!

Вакцините како геополитичко оружје

Балканизација наспроти европеизација - мегдан за другите

Помошта што ја дават центрите на моќ како ЕУ, но и Русија, Кина и Турција, под плаштот на хуманоста, покрај добрите намери, се голема леснотија може да се претвори во скриено оружје за меко влијание. Во овие околности помалите држави како Република Северна Македонија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, во моментот кога има тенденција на застој на процесот на интеграција можат да станат лесен плен на овие центри.  Дали овие држави  ќе продолжат да играт на „balance of fear” како што Љубомир Фрчковски ја нарекуваше политиката на Република Македонија во времето пред 2001 година, останува да се види.

Исмаил Кадаре за перспективите на Балканот ќе каже: „Народите на Балканот стојат пред портите на Европа, но уште не можат да го скријат впечатокот што го оставила Османската Империја на нивното тело и свест. Тие чувствуваат носталгија кон Европа, но заедно со ова чувство во нив лежат иритацијата и гневот: иритација за сопствените грешки што не сакаат да ги признаат и гнев затоа што толку долго нивниот матичен континент ги има заборавено.

Преку неформалното промовирање на нон-пејперот, па макар и како лажна вест, се прави обид за факторизација на ЈаншаФотографија: AFP/J. Makovec

Од друга страна, Марија Тодорова вели: „Балканот не е една транзитна зона, туку една област каде што луѓето ги надминуваат контрадикциите на Бога и боговите. Ова е високата цената на животот платен од многу поколенија, кој што бара ревидирање на основните идеолошки начела откриени преку метафоричните етики над мостот, крстопатите и стратегиите кои течат на видикот". 

Балканот по секоја цена треба да избега да биде линија на поделба на цивилизации, религии и култури, туку да се води по вокацијата што му ја доделила географијата и историјата, а тоа е да биде центар на поврзување. Ова улога прво треба да се препознае, па потоа да се бара една нова стратегија, нова филозофија, за новиот човек на глобализацијата, кој е спремен да ги поврзе не само Истокот и Западот, туку и Југот и Северот. Само еден така позициониран Балкан во ерата на интеграција и глобализација не само што ќе ги надмине полесно моменталните предизвици, туку ќе отвори и посигурна иднина во која нема место за промена на границите и размена на територии и население.

Авторот е универзитетски професор

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми