Норвежанецот ги призна „грозните, но неопходни“ напади
24 јули 2011Во петокот во Норвешка загинаа најмалку 92 луѓе, од кои 85 млади лица, кои беа собрани на островот Утоја, како учесници на младинскиот камп на владејачките социјалдемократи. Брејвик прво активира автомобил-бомба пред зградата на владата во норвешкиот главен град Осло, при што загинаа најмалку седум лица. Потоа, облечен во полициска униформа, се упати кон островот Утоја, каде отвори оган и ги застрела останатите 85 жртви.
Според информации на полицијата, уапсениот Брејвик е фундаментален христијанин, кој одржувал тесни врски со десноекстремистичката сцена. Норвешките медиуми соопштуваат дека тој на интернет објавил „расистички манифест“, во кој го напаѓа мултикултурното норвешко општество и муслиманските доселеници. Од текстот, долг цели 1.500 страници, произлегува и дека Брејвик го планирал делото речиси две години.
Документот, поставен на интернет, е комбинација на дневник, упатство за правење експлозивни направи и политички трактат во кој Брејвик детално ја изразува својата исламофобија, нападите на марксизмот и говори за својата иницијација во редот на витезите на Темпларите.
Земјоделството како покритие
Тој исто така појаснува како од есента пред две години почнал да се занимава со земјоделство за да ги подготви нападите. „Тоа го одлучив за да имам уверливо покритие ако ме уапсат за купување и шверцување експлозиви и состојки за експлозиви - ѓубрива“, се наведува во текстот. „Ќе ме прогласат за најголемо (нацистичко) чудовиште по Втората светска војна“, напишал тогаш авторот, потпишувајќи се со псевдонимот „Ендрју Бервик“, но го појаснил и потеклото на своето вистинско име.
Авторот исто така говори и за својата се‘ поголема агресивност предизвикана од употребата на препарати за развивање на телото. „Мислам дека ова ќе биде мојот последен пост. Сега е петок 22 јули 12.51. Срдечни поздрави, Ендрју Бервик“, се вели во последниот внесен текст.
Во понеделник Андерс Беринг Брејвик и официјално ќе биде обвинет за злосторството.
Германскиот министер за внатрешни работи, Ханс-Петер Фридрих, смета дека не постои директна опасност од десноекстремистички напади во Германија. Министерот истакна дека со оглед на случувањата во Норвешка, германските власти го интензивирале надзорот врз десноекстремистичката сцена, меѓутоа засега нема индикации за планирани напади. Во неделното издание на весникот „Билд“, германскиот министер за внатрешни работи уште еднаш потсетува на опасностите, кои можат да произлезат од фанатизираните поединци, без разлика на мотивите.
Автор: ТТ/ЖА/дв, миа