1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НСУ - Пледоаје со јасна порака

13 септември 2017

Германското обвинителство бара доживотен затвор за неонацистичката терористка Беате Чепе, обвинета за десеткратно убиство и други тешки деликти, што е сосем исправна казна, смета Марсел Фирстенау.

Deutschland | NSU-Prozess
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Kneffel

Во процесот против членката на германската десничарска терористичка група НСУ, обвинителите не гледаат олеснителни околности за Беате Чепе. Секоја друга казна освен доживотен затвор, со оглед на тежината на доказите, би била тешко прифатлива, сметаат тие. Во текот на изминатите четири години и четири месеци, колку што трае судскиот процес пред Вишиот покраински суд во Минхен, главнообвинетата направи сѐ за да ја потврди сликата за ладнокрвна „наци-невеста“.

Булеварскиот печат таква ја претстави уште по нејзиното апсење, во ноември 2011. година, што не беше фер, зашто и за Чепе важеше презумпцијата на невиност. А во својата извртена логика, 42-годишната Чепе и натаму се смета себеси единствено за морално виновна, како што истакна во декември 2015. година, по двеипол години непопустливо молчење. Што и да ја поттикна на ненедејната промена на тактиката, не успеа никого да убеди, зашто со нејзината изјава, прочитана од еден од нејзините петмина (!) бранители, таа потврди првенствено само едно: обвинението подигнато против неа.

Единствена слаба точка: тезата на НСУ-трио

Самото пледоаје на Сојузното обвинителство, кое започна на крајот на јули, траеше 20 часа. Образложенијата, изнесени во судот во тек на четири дена, претставуваа еден вид резиме на НСУ-процесот, целосно убедливо во однос на Чепе и четворицата сообвинети. Единствено и секако оправдано спорно е опстојувањето на тезата за постоење НСУ-трио, составено од Беате Чепе и нејзините двајца истомисленици, Уве Бенхарт и Уве Мундлос. Доколку не постоела мрежа на логистичка поддршка за тројцата, на обвинителната клупа во Минхен немаше ни да седат поранешниот функционер на германската десничарска партија НПД, Ралф Волебен и уште тројца осомничени помагачи.

Но централна фигура беше и остана Беате Чепе, која од 1998. до 20111. година, заедно со осомничените убији, се наоѓала во илегала. Сосем очигледно, таа претставувала „третина од тајниот триумвират“, како што констатираше Сојузното обвинителство. За составување на образложението придонесе и психолошкото вештачење на психологот Хенинг Зас, кој го оценуваше однесувањето на Чепе во текот на процесот.

Марсел ФирстенауФотографија: DW

Чепе не се кае за ништо

Главнообвинетата одби личен разговор со вештакот-психолог, а наместо тоа прифати да се изјасни пред од неа фаворизиран психијатар, кој потоа презентираше речиси скандалозно пристрасно поволно вештачење. Тоа беше последниот, промашен обид на Чепе да се претстави себе си во подобра светлина. Но, со тоа постигна спротивен ефект: кај оние кои редовно го следеа процесот, се потврди сликата дека „обвинетата не се кае за ништо“, како што потенцира и обвинителот.

Обидот, целата вина да ја префрли врз мртвите Бенхарт и Мундлос, беше неуспешен. Со тоа Чепе го интензивираше впечатокот дека е „нечувствителен и калкулирачки човек“. Ваквата проценка, изнесена и во обвинението, е сосем логична. Без милост и олеснителни околности за Чепе, тоа одговара на реалноста.

Сигнал за заплашување

Ваквиот впечаток се засилува и со казната која се бара за другите обвинети - 12 години затвор за Ралф Волебен и Андре Е. Зашто тие, за разлика од преостанатите уште двајца обвинети, Карстен С. и Холгер Г. не направија никаков напор за да придонесат во расветлувањето на злосторставата на НСУ. „Побараните казни треба да бидат јасен сигнал за заплашување“ во време кога десничарскиот и левичарскиот тероризам земаат замав, изјави сојузниот обвинител Димер. И тоа претставува порака која произлегува од неговото пледоаје. Итно неопходна порака. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми