1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нулти час на српската историја

Драгослав Дедовиќ
11 јули 2018

Сребреница не е само болно колективно искуство за Бошњаците, туку и нулти час на српската историја. Двата блиски народа со злосторството ќе останат судбински поврзани посилно отколку со формулата „братство и единство“.

Bosnien Srebrenica Trauer Opfer Massaker
Фотографија: Getty Images/M. Divizna

1.

На 14 јули 1995 година мојот син наполни еден месец. Вестите во германските медиуми беа застрашувачки. Од Баварија кобните настани се гледаа појасно отколку во Белград под информативниот чадор на кликата на Милошевиќ. Во Сребреница траеше колеж за кој Американците нудеа сателитски снимки. Бев распнат меѓу радосното навикнување на едно новородено човечко суштество кои го носи моето презиме и незамисливото количество смрт во местото кое добро го познавав - пораснав на 50-тина километри воздушна линија од Сребреница.

Сончевите денови во тивката германска улица во Регенсбург засенчени од далечниот ужас. Сонував лошо, спиев малку. Чувствував немоќ. И срам. Никогаш не сум верувал во сила и насилство. Военото финале, со Сребреница, а подоцна и со „Бура“, ми ја наметна мислата дека оние поради кои си заминав од земјата конечно ја остварија својата цел. Насилното раздвојување на народот по секоја цена беше - ќе се покаже - конечно.

За мене Сребреница значеше пред сѐ морален пораз. Сметав оти Србите и муслиманите беа до таа мерка блиски, што не бев во состојба да ги разберам идеолошките проекции и повеќегодишната војна со втемелена омраза. Затоа што таа омраза не ја чувствував.

Триуфализмот на злосторничките господари во Сребреница го регистрирав како чин на суштества од друга планета. Толку ми беа туѓи. А срам чуствував поради потеклото и јазикот кои, сакал јас или не, ме поврзуваа со нив. Банкротот на меѓународната политика осквернавен во пасивен цинизам, убивање на заробените бошњачки мажи, целосно лудо дури и од гледна точка на српските национални интереси, а не пак од страна на меѓународното или националното право или христијанска етика - а убијците се повикуваа на православие - сето тоа беше толку очигледно што немав каде, морав да признаам целосен пораз во сѐ што верував и во сѐ што се надевав.

2.

Оттогаш повеќепати пишував за Сребреница. Кажав сѐ што можеше да се каже. Донесени се разни резолуции. Поднесени, па одбиени разни тужби. Но, мислам дека нешто важно, можеби најважно, остана неизречено.

3.

Сребреница не е само болно колективно искуство за Бошњаците, туку и нулти час на српската историја. И покрај намерите на убијците, овие два блиски народа на парадоксален начин, со злосторство, ќе бидат судбински поврзани посилно отколку што формулата „братство и единство“ можела некогаш да ги поврзе.

Поради тоа, односот меѓу Србите и Бошњаците веќе не може да се замисли без Сребреница. Тоа крие една шанса и една замка. Шансата е мала, ситна, но треба да се разгледа. Меѓу Бања Лука и Белград се обидува да се лицитира со бројот на убиени Бошњаци, се оспорува геноцидната намера и конечно се нудат српски жртви од Подриње како доказ дека „прво тие нѐ колеа нас“. Како убиените Срби да можат да бидат изговор за убиените Бошњаци.

Повеќе:

-Доживотен затвор за Ратко Младиќ поради геноцид

-Пресудата за Караџиќ - задоцнета правда

-Злосторниците се секогаш туѓи

Оваа политика ќе има можност за нормализација на односот со Бошњаците под услов да се запре со игрите околу бројките на жртви. Сѐ додека минимизирањето на бројот на жртви е усташка гадост кога станува збор за Јасеновац, а е здрава српска патриотска скепса кога станува збор за Сребреница, нема да има нормализација. Освен тоа, сѐ уште има доволен број Срби кои сметаат дека Ратко Младиќ и Радован Караџиќ „само го бранеа народот“.

Во каква врска е егзекуцијата на голорак човек со одбраната на сопствениот народ? Не постои ниту едно историско, фактичко или метафизичко алиби кое може да им се даде на тие српски изроди кои мажите ги одделија од жените и ги убија. Подобро да се запрашаме колку кратковиди глупости и нечовечности треба да бидат концентрирани на едно место за да се случи Сребреница? Шансата е значи тука ако интонацијата на овој текст стане доминантен српски тон. Реков дека шансата е мала, но никогаш не вели никогаш.

4.

Стапицата е измамничка, речиси невидлива. Да тргнеме од Бошњаците. Нив преку Сребреница ги демне стапицата на српскиот модел на Јасеновац. Доколку инструментализацијата на сеќавања и болка заврши во претворање на сребреничка траума во главно место на бошњачкиот идентитет, тогаш Бошњаците порано или подоцна ќе дојдат во дилема која во српскиот случај беше разорна за Југославија.

Драгослав Дедовиќ, ДВФотографија: DW/P.Savic

Имено, Бошњаците ќе се залагаат за единствена Босна и Херцеговина со истовремни обвинувања дека Србите, без кои Босна е исто така невозможна, се геноцодни. Тоа потсетува на напорите на српските политички елити да ја одржат Југославија со постојан приговор дека Хрватите, без кои Југославија не беше возможна, колективно се одговорни за Јасеновац. Како да се гради куќа со својот крвник? Секој наратив кој идентитетите ги врзува со конзервирани трауми мора да смета на трауматични реакции.

Ако на ова се додаде Блајбург како индиректен анти-Јасеновац наратив кај Хрватите (не сте вие жртви, туку ние) тогаш можеме Босна и Херцеговина да ја означиме како држава составена од три ексклузивни системи на автовиктимизирање.

Мирсад Токача, како директор на Истражувачко-документарниот центар и автор на „Босанскиот атлас на воени злосторства“ и на „Босанската книга на мртвите“, значи, пред да се активира во политиката дозна речиси сѐ за смртта во БиХ. Можеби тоа го прави огорчен кога се прашува „како да се нормализираат односите со оние, кои до вчера сакаа да нѐ нема“.

На тоа прашање засега нема одговор ниту на една од страните. И сѐ додека го нема, жртвите ќе бидат спомнувани од комеморација до комеморација. Токача би рекол дека тоа е позиција на „заробена жртва“. Емпатијата за страдалниците и јасната осуда на злосторството, кој некој го сторил наводно во наше име е единствениот излез од овој маѓепсан круг. 

5.

Конечно, би им препорачал на сите млади Срби барем еднаш да отидат во Поточари. Не можам да кажам дека мојата посета пред десетина години ме промени. За злосторниците го мислев истото и пред и по мојот престој таму. Она што ми се врежа во сеќавањето се разговорите со преживеаните. Сфатив дека жените кои ги загубиле сите свои машки членови на семејството се заковани за тој момент, и тој за нив никогаш нема да помине. Сфатив дека тој момент, сакал јас или не, на некој начин е длабоко поврзан и со мене. Дека припадноста е одговорност. Дека наша човечка должност е конечно да чуеме што сакаат да ни кажат тие унесреќени луѓе.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми