1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама во нова офанзива

Геро Шлис/Б.Георгиевски21 јануари 2015

Даночните олеснувања и социјалните мерки за средната класа се најдоа во центарот на обраќањето на Барак Обама до нацијата. Претседателот на САД делуваше самоуверено, но републиканците веќе најавија отпор.

Barack Obama / Rede zur Lage der Nation / USA
Фотографија: Reuters

„Америка е повторно тука“, јасно посочи американскиот претседател Барак Обама уште пред неговиот говор и со тоа ја постави основата за самоуверениот тон на неговото шесто по ред обраќање до нацијата (State of the Union). Но не само Америка, и Обама е повторно тука: довербата на граѓаните во него, според анкетите, по подолго време повторно расте.

Говорот се случува во вистински момент, вели Кејтлин Кенеди Таунзенд во разговор за ДВ. „Ова е златен момент за американската политика“. По големата економска криза, Обама се погрижи за нов раст на економијата, вели поранешната гувернерка на државата Мериленд и ќерка на сенаторот Роберт Кенеди. Но сега мора да се реагира поради тоа што од растот профитираа само најбогатите Американци.

Политика за средната класа

„Сега имаме раст, но немаме праведност“, го објаснува политичката експертка планот на Обама за даночни реформи со кои на средната класа треба да и‘ се овозможат ослободувања во вредност од 300 милијарди долари во следните 10 години. Овие пари ќе се надополнат преку дополнително оданочување на богатите.
Хедер Конли од вашингтонскиот Центар за стратешки и меѓународни студии со скепса гледа на овие планови. „Со републиканско мнозинство во Конгресот ќе биде многу тешко да се зголемат даноците“, вели таа и потсетува на драматичниот пораз на демократите на изминатите меѓуизбори, на кои партијата го загуби мнозинството и во Сенатот. Можеби ќе дојде до компромис во даночните реформи, прогнозира таа, „и паралелно со даночните ослободувања за средната класа ќе има олеснувања и за големите претприемачи“.

300 милијарди долари даночни олеснувања за средната класа, вети ОбамаФотографија: Reuters

Отпорот на Републиканците

Во острите реакции, републиканците веќе го отфрлија предлогот. За републиканскиот конгресмен Џејсон Чафез, олеснувањето вредно 300 милијарди долари „не е рецепт за успех на земјата“. И мнозина негови сопартијци излегоа со слични ставови.

Но Кејтлин Кенеди сепак гледа можност за компромис. Интересно е тоа што потенцијални републикански претседателски кандидати Џеб Буш и Мит Ромни истиот ден говореа за неопходноста да се обрне повеќе внимание на темите сиромаштија и нееднаквост. „Делови од Републиканската партија разбираат дека растот само за еден процент од населението не е доволен“, вели таа.
Недвојбено е дека економскиот раст на САД е најголемиот успех на агендата на Обама во последните две години. „За првпат Обама може со право да каже дека нацијата е посилна, за разлика од неговите претходни обраќања до нацијата, вели политичкиот експерт Алан Лихтман од Американскиот универзитет во Вашингтон. Тој во говорот изнесе серија позитивни вести, меѓу другото „најголем раст на економијата со отворени нови работни места каков што не се случил од 1990-те години, за пет проценти намалени невработеност и цени на гасот“.

Обама претстави и низа други, помали, иницијативи. На пример, можноста колеџ-студентите да добијат право на двегодишно бесплатно студирање со што би се подобрила лошата состојба пред се‘ во јужните американски држави. Но, републиканците и за ваквите иницијативи најавуваат кочница, како и за планот за здравствено осигурување. Сепак, експертите се сомневаат дека таквата политика ќе може уште долго да трае. „По победата на ноемвриските избори Републиканската партија сфаќа дека не може и понатаму да биде партија која единствено ќе вели 'Не'“, вели Хедер Конли. „Еднаш ќе мора да излезат и со сопствени идеи“.

Во моментов, сепак, сигналите се дека блокадата ќе продолжи. САД го доживуваат „највисокиот степен на политичка конфронтација во својата историја“, објаснува професорот Лихтман.

Обама ги иритира Републиканците преку одлуките кои ги носи со претседателски декрети. Климатската политика, амнестирањето на пет милиони негелални доселеници или приближувањето кон Куба, доведоа до отпор од републиканците.

Републиканците најавуваат блокада на сите позначајни одлуки на ОбамаФотографија: Reuters

Поглед кон следните избори

Со својот самоуверен настап, Обама сигнализираше способност да делува и да ја продолжи политиката од изминатите месеци. „Гледаме претседател кој е силен. Тој доби нов полет и подготвен е за последните две години од своето претседателство“, вели Хедер Конли. Тој сака да го изгради своето политичко наследство.

Можно е, како што анализираат некои американски медиуми, дека плановите на Обама за даночно олеснување се само „демократски фантазии“ кои никогаш нема да стигнат до средната класа. Но, Обама веќе го подготвува теренот за следните претседателски избори во 2016 година, иако тој нема да може да се кандидира. „Во секој случај овие дискусии ќе продолжат и во следните две години“, вели Кејтлин Кенеди. А следниот американски претседател ќе има шанса на дело да ги спроведе плановите на Обама. Се разбира, доколку дојде од редот на демократите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми