Обама Европеецот?
25 јули 2015
Некој веројатно зачудено ги трие очите: долго време Американците правеа долг лак околу Брисел и за ЕУ имаа само по некоја уморна насмевка. Сега, одеднаш, американскиот претседател се грижи за опстојувањето на ЕУ. Тој на Британците им порача да не му го вртат грбот на клубот на 28-темина. Дали со својот невообичаен јавен апел Обама си направи услуга себеси и придонесе за подобрување на состојбите, ќе се види допрва. Противниците на Европа во Велика Британија веќе се огласија и не толерираат негово мешање.
Американскиот претседател често има оценувано дека не може да си ја замисли Европа без Британците. Но тоа никогаш досега не го сторил толку јасно како сега. Дали Обама одеднаш стана убеден Европеец? Дали научи да го цени значењето на силна и обединета Европа во времиња на влошување на светските кризи? Тоа е само половина вистина. Целата вистина е: нему му е пред се‘ до американските интереси.
Обама се плаши дека Британците се преслаби
Во Втората светска војна Британците и Американците беа блиски браќа по оружје. И во децениите потоа САД можеа да се потпрат на тоа дека Британците, и покрај силата која им попушташе, ако треба ќе влезат во борба. Но, сега во Вашингтон кружи стравот дека Британците се надвор од меѓународната игра на одмерување на силите - воено се слаби, внатрешнополитички се парализирани, а во Европа речиси и да ги нема во центарот на политичката сила кој се врти околу Германија и Франција.
Оваа анализа е главно исправна. Курсот на штедење од изминатите години значително ја ограничи способноста за интервенции на британската армија. Придушените борбени акции против самопрогласената „Исламска држава“ во Ирак се последен доказ за тоа. Во судирот со Русија поради украинската криза Британците ги нема, но затоа Германија е дотолку повеќе во центарот на случувањата. Слично е и со кризниот менаџмент во врска со кризата во Грција.
Ако Велика Британија во времето на Маргарет Тачер или Тони Блер се „боксираше“ во Европа и светот во категорија која е над нејзината класа, сега, во мандатот на Дејвид Камерон постапува под своите можности. Силата на Камерон се апсорбира главно внатрешнополитички. Се‘ уште фокусот е ставен на излегување на крај со последиците од финансиската криза.
Освен тоа, во 2016. или 2017. претстои референдум за ЕУ, што е поврзано со опасноста националистичките сили да излезат неконтролирано од колосек. За тоа е неопходно комплетното внимание на владата, така што останува малку сила за досегашната улога на Велика Британија како нација која има што да каже во светот. Кога парламентт отфрли ангажман на британската воена авијација во Сирија за бомбардирање на позициите на Исламска држава, многумина во Вашингтон оценија дека е тоа конечно збогување на Велика Британија од таа улога.
Против таквите гледишта сега Обама уште еднаш се спротивставува со своето јавно заземање за останок на Велика Бртианија во ЕУ. Зашто ако излезе од ЕУ, Велика Британија ќе доживее рапидно губање на вредноста како американски сојузник. Ова особено во однос на Европа.
Мостобранот на Обама
Велика Британија е важен мостобран за САД во однос на ЕУ. Таа е земја со која се делат многу интереси. Британците беа тие кои ја заострија свеста за ангажирана, интервенционистичка надворешна и безбедносна политика и кои ја одржуваат будна ваквата свест до денес. Британците се тие кои заедно со САД се залагаат за либерализација на европските пазари и за слободна светска трговија. Во таа смисла, островската држава за САД е навистина „најдобар партнер“. Така изјави Обама. Не е чудо што тој нерадо би се откажал од ваков партнер.
Американскиот претседател повеќе би сакал да ги реализира заедно со Британците и воените мисии во земјите во криза. Зашто, Германците во делот на воените прашања и натаму важат како прекомплицирани. А, на од неодамна многу кооперативните Французи Вашингтон не им верува колку што треба. Затоа, во Вашингтон наиде на задоволно одобрување најавата на Британците за постепено зголемување на намалениот воен буџет и за повторно размислување околу воените акции во Сирија.
Но, дури и ако на премиерот Камерон му успее да ги увери своите сонародници за останување во ЕУ - тоа ќе ја забави загубата на значење на Велика Британија, но нема да ги сврти тектонските поместувања на моќта во Европа. Тука во моментов се‘ оди во насока на една земја - Германија.