1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама за исламистите во Ирак: „Волкот е пред врата“

ЖА/дпа/афп/ртре19 август 2014

Американскиот претседател Барак Обама е уверен дека борбата против терористичката милиција „Исламска држава“ во Ирак ќе биде долготрајна. Џихадистите пак упатија закани кон САД.

Фотографија: Win McNamee/Getty Images

Не треба да има сомнеж во решеноста на САД, целта и натаму останува потиснување на екстремистите од Ирак заради заштита на Американците и американските институции, изјави претседателот Барак Обама пред новинарите во Белата куќа. Владата се консултираше со Конгресот околу стратегијата во Ирак, рече Обама, но уште еднаш потенцираше:

„Нема да испратиме илјадници американски војници назад на копно во Ирак“.

И за Обама успехот на курдските борци да ја вратат контролата врз браната кај градот Мосул, е важен чекор. Оштетување на браната би загрозило илјадници луѓе и американската амбасада во Багдад. Обама очекува номинираниот ирачки премиер Хајдар ал-Абади да формира нова влада со учество на сите етнички групи.

Пешмерга-борците на пат кон браната кај МосулФотографија: A.Al-Rubaye/AFP/Getty Images

„Волкот е пред вратата“ - со вакви зборови американскиот претседател ја претстави опасноста за целиот регион од терористичката организација „Исламска држава“ (ИД) која напредува.

Охрабрени од повторното освојување на браната кај Мосул, курдските пешмерга-борци ги продолжија своите напади врз милициите на ИД во северен Ирак. Ирачката новинска агенција Ал-Сумериа њус јавува дека курдските милиции зазеле уште две села во близина на браната. Курдските борци повторно биле поддржани од американските воздушни напади. Повторната контрола врз браната досега е најважниот успех на пешмерга-борците и ирачката војска во борбата против џихадистите.

Екстремистичката организација „Исламска држава“, пак, која зазеде поголем дел од Ирак, ги предупреди САД дека ќе ги нападне Американците „на секое место“, ако во американските воздушни напади бидат убиени борци на групата.

Заканата е упатена преку видео снимка, на која се гледа фотографија на Американец, убиен за време на американската инвазија на Ирак.

„Сите ќе ве удавиме во крв“, се наведува во соопштението на англиски јазик на организацијата „Исламска држава“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми