Обама мора во Фергусон!
27 ноември 2014
Многукратните напредоци во минатите децении, се разбира, се неспорни. Но, во бројни области во јавниот живот во САД и натаму постои нерамноправен третман на белците и црнците. Претседателот Обама знае- сеедно што и да направи по судската одлука во Фергусон, нејзе не може едноставно да и‘ стави крај или да ја поништи. Како поранешен правник, школуван на елитен универзитет, тој знае-случајот во Фергусон, колку и да биле спорни текот и исходот, правно сега не може да се промени.
И можеби на Обама, кого често го опишуваат како предвесник на едно „пост расистичко општество“, му е вистински тешко да заземе јасен став по настаните во Фергусон. Зашто, како и да реагира, на претседателот, кој важи за промислен човек, секако му е јасно: секоја негова изјава, секоја емоција ќе биде илјада пати анализирана и коментирана. Се работи за чувствителна ситуација, според анкетите на јавното мислење, земјата е длабоко поделена по одлуката во Фергусон.
Историска обврска
Но, дотолку повеќе е Барак Обама на потег. Како прв црн претседател (со мајка-белец), тој е предодреден да ги подреди настаните во Фергусон во поширок контекст на и натаму присутната расна проблематика во САД. Уште повеќе, Обама има речиси историска улога тоа да го направи. Оттаму, неговите сувопарни изјави по одлуката на судот не се соодветни на темата и на улогата на Обама како претседател.
Тоа што Обама, и покрај бројните инциденти, досега во поглед на расната проблематика ниту презеде патоказни мерки, ниту одржа програмски говор, се смета за неспособност. Претседателот Обама одржа важни, делумно трогателни говори, на пример за односите кон арапскиот свет во Каиро во 2009 година или по масакрот во едно основно училиште во Њутон во 2013 година.
Темата расизам во изборната борба
Неговиот последен говор околу расната проблематика датира одамна. Во 2008 година тогашниот претседателски кандидат Обама по спорните изјави на неговиот поранешен пастор Џеремија Рајт го ставија под голем притисок да се правда. Се закануваше фијаско на неговата изборна кампања. Со убедлив говор за темата расизам, на Обама тогаш му успеа да предизвика пресврт во мислењето и да ја спаси својата кандидатура.
По настаните во Фергусон и протестите низ целата земја, Обама сега, исто како и во 2008 година, е повикан да се изјасни за расизмот. За разлика од тогаш, сега не се работи за негов личен интерес, туку за доброто на земјата. Како претседател, тој сега мора да покаже лидерска сила и да и‘ се посвети на темата. Време е Обама да отпатува во Фергусон. Еден говор пред тамошните луѓе нема да ја надмине расната проблематика. Но, тоа а минималното што Американците сега го очекуваат од својот претседател. А не само тие, туку и светот.