Обама му објавува војна на оружјето
20 декември 2012„Овојпат зборовите мора да бидат следени од дела“, изјави Барак Обама пред новинарите во Вашингтон. Тој ќе направи се‘ што е во негова моќ, за овојпат да бидат донесени закони со кои ќе се регулира соодветно поседувањето и користењето оружје.
Уште во јануари неговиот заменик Џо Бајден, кој ќе биде на чело на работната група, ќе изнесе предлози за подобра контрола на оружјето, изјави американскиот претседател Обама. Тој се залага за построга контрола врз пристапот кон јуришно оружје и при продажбата на оружје на саеми. Обама истовремено го повика Конгресот што поскоро да се зафати со оваа тема. Масакрот треба да биде аларм за САД, смета Обама, но тој не би интервенирал во уставното право на поседување оружје.
Во масакрот во Њутаун во петокот ( 14.12) 20-годишно момче уби 27 луѓе, а самиот се самоуби. Трагедијата предизвика остра дебата во земјата за начинот на користење на оружјето во посед на граѓаните.
Моќната лоби-организација на сопствениците на оружје и неговите производители, НРА, досега по поранешните масакри и спектакуларни насилства секогаш успеваше да спречи донесување построги закони. По четиридневен молк по настанот во Њутаун, НРА излезе со соопштение дека е шокирана и загрижена поради „страшните и бесмислени убиства“ и дека ќе придонесе такви веќе да не се случуваат, но без да прецизира детали.