1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама под притисок

Миодраг Шориќ/превод: БГ4 септември 2014

Во рок од само две недели екстремистите на ИД брутално убија двајца американски новинари. Но и покрај тоа, нема да има избрзана реакција на претседателот на САД ниту брзо решение на проблемот со ИД, смета Миодраг Шориќ.

Фотографија: Reuters

Претседателот на САД не реагира на секој предизвик кој му го упатуваат терористите, и тоа е добро. Варварите од сириската пустина се надеваа дека Барак Обама по бруталната ликвидација на американските новинари ќе реагира со наредба за одмазда. Но, не беше така. Обама реагираше смирено и примерено на ситуацијата. Тој го издржа притисокот на американската јавност „дека нешто мора да се стори“. Доколку веднаш наредеше напад врз позициите на Исламската држава (ИД), тоа ќе беше во согласност со желбите на мнозинството Американци, но и на бројни членови на Конгресот. Но, со тоа не би се променила состојбата на ирачко-сириската граница. Лидерот на единствената светска суперсила на тој начин само би им дал поголема политичка тежина на терористите од ИД. А токму тоа не смее да се случи.

Подготвеност за делување

Сепак, не е можно да не се прави ништо и да се продолжи со потрагата по адекватна стратегија за регионот. Обама ќе мора набрзо да делува. Најпрво мора да се воспостави коалиција од ирачките трупи, курдските борци и, за жал, многу слабата Слободна сириска армија. САД мораат јасно да им стават до знаење на Саудиска Арабија, Турција и Катар дека секоја соработка со ИД ќе носи и тешки последици. Овие, но и други сунитски држави, непријателот го гледаа во сирискиот претседател Асад, а не во припадниците на ИД. Поради тоа, тајно го поддржуваа калифатот на терористите, а САД ја вртеа главата на другата страна. На тоа мора да му се стави крај. Најпрво Турција како членка на НАТО мора подобро да ги контролира своите граници кон Ирак и Сирија. Недозволиво е секојдневно нови борци од Турција да влегуваат во военото подрачје на страната на ИД.

Миодраг ШориќФотографија: privat

Но и целиот Запад мора заеднички да покаже поголема волја и подготвеност. Зошто некој Германец, Британец, Французин како припадник на ИД убива други, а се‘ уште ги ужива сите привилегии кои му ги дава пасошот на таа земја? На тие луѓе треба да им се забрани влез во земјите кои ги напуштиле. Засекогаш!

Армијата правници сигурно ќе изнесат безброј аргументи зошто е тоа правно неодржливо. Особено во Германија постојат историски причини поради кои не е едноставно некому да му се одземе пасошот. Но, денешна Германија не може да се споредува со онаа од 30-те години на минатиот век. Поуката која беше извлечена од времето на нацизмот е и тоа дека демократијата мора да се брани од нејзините непријатели. Во најмала рака за тоа треба да се отвори дискусија за промена на германскиот Устав.

Сѐ помалку време

Од другата страна на Атлантикот, претседателот Обама нема премногу време за да ја покаже својата лидерска позиција во борбата против ИД. Доаѓаат и парламентарни избори. Гласачите, вклучителни и оние од Демократската партија сакаат да знаат што планираат пратениците да сторат против оние кои ги игнорираат сите цивилизациски придобивки. Едноставно решение, како воена акција, не постои. На САД, односно на Западот, во борбата против Исламската држава ќе им биде потребно многу време и упорност.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми