1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама поубедлив во третиот тв-дуел

Кристина Бергман16 октомври 2008

Овој телевизиски дуел на претседателските кандидати во САД, беше оценуван како последна шанса за Џон Меккејн да ја намали предноста, што во анкетите ја има Барак Обама. Тој се држеше добро, но не успеа да поентира.

ТВ-дуел под знакот на вербални пресметки: Барак Обама и Џон МеккејнФотографија: AP

Овој пат имаше почести вербални пресметки, за разлика од претходните два телевизиски дуела. Доминираа внатрешно-политички и економски теми. Републиканецот Меккејн му префрли на демократот Обама дека има намера да ги оданочи помалите претприемачи и се искажа против какво било наголемување на данокот. Обама, пак, ја критикуваше намерата на противкандидатот да воведе генерално запирање на буџетските трошоци и му префрли дека сакал да ја продолжи економската и даночната политика на актуелниот претседател Џорџ Буш.

„Сенаторе Обама, јас не сум претседателот Буш. Ако сакате да настапите против него, тоа моравте да го сторите пред 4 години“, возврати Меккејн. Обама одговори со контра-удар: „Ако понекогаш, од превид, вашата политика ја сметам за политика на Џорџ Буш, тоа е оти Вие во принципиелните економски гледишта, важни за американскиот народ - во даночната и енергетската политика или кај приоритетите во државните издатоци - бевте огнен поддржувач на неговата политика“.

Јасно нагласени разликите во гледиштата

Претседателските кандидати меѓусебно си префрлуваа дека во предизборната кампања работат со негативни спотови. Обама најчесто добро им парираше на нападите од Меккејн. Уште едаш јасно дојдоа до израз разликите во ставовите: Меккејн е против абортус - Обама за, Меккејн се залага за слободна трговија - Обама сака да ја ограничи. Обајцата беа согласни дека мора да биде подобрен образовниот систем во Америка. Во тој поглед Меккејн полага врз приватни школи, додека Обама рече: „Не станува збор само за училиштата. Родителите мора да покажат поголема одговорност, да ги исклучат телевизорот и видео-игрите, тие мораат да разбудат глад за знаење што им е потребна на нашите ученици“.

Барак Обама и Џон Меккејн се ракуваа на крајот на дуелотФотографија: AP

Обама е за прераспределба на благосостојбата

Голем дел од дебатата беше посветен на актуелната финансиска криза. Обама е за создавање работни места, даночни олеснувања за семејствата од средниот слој, за помош на сопствениците на куќи, за поинаква енергетска политика. Меккејн, пак, поднесе план од 300 милијарди за помош за сопствениците на куќи кои веќе не можат да ги плаќаат кредитите и му префрли на конкурентот: „Планот на Обама значи класна борба и прераспределба на благосостојбата“.

Меккејн се држеше добро во дебатата, но Обама остави поурамнотежен впечаток. Според блиц-анкетата на телевизијата Си-Ен-Ен, 58 насто од испитаниците оценија дека победник во дуелот е Обама.



Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми