Обама: Слободата не е бесплатна
27 март 2014Во својот говор во Брисел пред околу 2000 гости американскиот претседател Барак Обама говореше за заедничките американски и европски вредности, слободата, самоопределување и човечкото достоинство. Тој потсети на успесите на мировниот проект Европа по крвавите светски војни, кои започнаа на овој континент.
„Како одговор на историската трагедија на Втората светска војна САД се одлучија, заедно со Европа да ги истераат темните сили на минатото и да воспостават нов мировен поредок“, рече Обама.
Западот и Советскиот сојуз непомирливо стоеја едни спроти други и водеа натпревар на системите меѓу слобода и диктатура. „Со децении се водеше таа конкурентна борба. И на крајот се постигна победа, не со употреба на тенкови или ракети. Нашите идеали допреа до срцата на Унгарците, кои започнаа револуција. Полјаците протестираа на бродоградилиштата. Чесите ја извршија кадифената револуција без да истрелаат ниту еден куршум. Источен Берлин ги совлада стражите и конечно го урна ѕидот“, рече Обама.
„Сакаме силна Русија“
САД и Европа цврсто ќе стојат на страната на Украина, подвлече Обама во контекст на актуелната состојба. „Ако сме обединети како досега, Русија ќе осознае дека не може да има успех со голо насилство“. Без да го именува, американскиот претседател му се обрати на рускиот претседател Владимир Путин. Во вторникот Обама заземањето на Крим од страна на Русија го оцени како знак на слабост. Во говорот во Брисел подвлече: „Уверени сме дека светот ќе профитира доколку Русија делува на база на меѓусебна почит и заеднички интереси. САД, светот и Европа оттука имаат интерес за една силна Русија, не за слаба“.
САД и Европа, смета Обама, сакаат рускиот народ за може да живее достоинствено и во благосостојба, како и сите други, горд на својата историја. „Тоа меѓутоа не значи дека Русија едноставно може да ги освои своите соседи. Само зато што Русија има блиска историска врска со Украина, не може да ја диктира иднината на Украина“. Кон младите луѓе во салата, на кои првично им беше посветен говорот Обама порача: „Ве молам разберете, дека ова не е нова студена војна. Оти Русија, за разлика од Советскиот сојуз, повеќе не предводи блок од нации и не стои зад една глобална идеологија. НАТО и САД не секаат конфликт со Русија“.
„НАТО ќе ги штити источните членки“
Руските аргументи дека имало фашистички заговор и пуч во Киев, според американскиот претседателот се чиста пропаганда, која нема да стане вистина со постојано повторување. Тој јасно порача дека вратата на дипломатијата и натаму останува отворена, и истовремено и се закани на Русија со натамошни санкции, доколку не го промени својот курс. Со воени средства САД и ЕУ не можат и не сакаат да ја протераат Русија од Крим. Оваа опција Обама изрично ја отфрли.
Пред говорот американскиот претседател се сретна со генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Размусен. За да ја намали загриженоста на источноевропските сојузници на НАТО Барак Обама даде ветување: „Ние во секој случај ќе ги исполниме нашите обврски од членот пет и ќе го браниме суверенитетот и територијалниот интегритет на нашите сојузници. Во тоа никогаш нема да се колебаме.“
Во членот пет од договорот на НАТО од 1949. година се вели дека Алијансата, напад врз територијата на една единствена членка на НАТО ќе го смета за напад врз целиот сојуз и дека земјите членки меѓусебно ќе си помагаат.
Обама потоа дополни уште една реченица, која во Москва би можела да биде толкувана како индиректна закана или провокација. НАТО наредната недела ќе одлучи дали ќе прераспредели трупи на истокот, значи поблиски до руската граница и Украина. „Денес го надгледуваме воздушниот простор над Балтикот, ги засилуваме нашите трупи во Полска. И ние сме подготвени да сториме уште повеќе“, рече американскиот претседател.