Обама: стратегијата за Авганистан е успешна
17 декември 2010САД се на добар пат да ја постигнат нивната цел во Авганистан, порача претседателот Барак Обама. А целта гласи: да се уништи Ал Каеда. Новиот извештај на американската администрација е всушност таен, но во сижето од пет страници, што Обама го презентираше во јавноста, се вели дека Пакистан и Авганистан и натаму претставуваат база за операциите на Ал Каеда. Сепак има значителен напредок, порача претседателот:
„Раководството на Ал Каеда во пограничниот регион меѓу Авганистан и Пакистан, за првпат по бегството од Авганистан пред девет години, се наоѓа под голем притисок. Важни лидери се убиени, отежнато е и привлекувањето нови приврзаници, патувањето, тренирањето, како и планирањето и изведувањето нови напади.“
Потврда за излезното сценарио
Претседателот предупреди од преголем оптимизам, зашто состојбата би можела во секој момент повторно да се промени. И покрај тоа, Обама говореше за успеси во борбата против Талибанците:
„Ослободуваме се’ повеќе подрачја што биле под контрола на Талибанците. Се’ повеќе Авганистанци можат да се вратат во нивните места на живеење.“
Претседателот Обама повторно говореше за патот до т.н. излезно сценарио. Имено, кон средината на наредната година првите американски трупи би требало да се повлечат од Авганистан, а до крајот на 2014 година одговорноста за безбедноста на земјата треба да ја преземат авганистанските сили.
Експертите скептични
Барак Обама исто така изјави дека неговата администрација ги поддржува разговорите со Талибанците доколку тие се откажат од насилството, се дистанцираат од Ал Каеда и го прифатат авганистанскиот устав.
Воените експерти се сепак скептични дека состојбата во Авганистан навистина значително се подобрила и оти успесите можат да бидат долгорочни. Се ’ уште е рано да се оценува напредокот, сметаат повеќето од нив.
Во моментов во Авганистан се стационирани 90.000 американски војници, кои се под заедничката команда на НАТО, како и уште 23.000 кои се надвор од одговорноста на Алијансата.
Автор: Кристина Бергман/ Симе Недевски
Редактор: Горан Чутаноски