1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обвинителите од СЈО му одржаа лекција на Иванов

БГ18 април 2016

Тројца обвинители од Специјалното јавно обвинителство денеска му се обратија на шефот на државата Иванов со барање да ги повлече одлуките за нивно помилување. Иванов помилувал погрешна Фатиме Фетаи

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Одлуката на Иванов е скандалозна и незаконска, порачаа обвинителите на Специјалното јавно обвинителство Фатиме Фетаи, Лиле Стефанова и Гаврил Бубевски во одвоени отворени писма до шефот на државата по неговата одлука да ги стави и обвинителите на листата на помилуваните, повеќе од 50 политичари и осомничени криминалци.

Тројцата бараат од Иванов да ја преиспита самата одлука, но и стручноста на неговиот правен тим. Обвинителите сметаат дека Иванов им нанел „огромна штета на нивниот професионален и приватен углед“.

Дополнително, обвинителката Фетаи откри и дека претседателот на државата помилувал погрешно лице.

„Само да Ви посочам дека во изведбата на најсрамниот чин во историјата на Република Македонија при неразбирливо брзање, барем за мене не требаше толку да брзате, всушност сте ја помилувале Фатиме Фетаи од Гостивар. (...) Јас не сум од Гостивар, живеам во с.Боговиње – Тетовско и со целата оваа рашомонијада која ја направивте, Вие тотално го избришавте правниот систем во Република Македонија“, пишува Фетаи.

„Ја одбивам Вашата 'добрина' и 'милостина' која патем треба да ја чувате за, како што изјавивте, во иднина. Но и во иднина Ве замолувам немојте неразумно да се расфрлате со неа за мене. Јас како јавен обвинител треба да бидам пример за правичност и затоа инсистирам да одговарам за моите постапки, како што и ќе инсистирам секој да одговара за своите, без исклучок“, наведува обвинителката Фатиме Фетаи, која на Иванов му порачува „Но Пасаран“.

Обвинителката Лиле Стефанова му порачува на Иванов дека донесената одлука ја темели „на непостоечки членови од Законот за помилување и со самото тоа истата е незаконска“.

„Ве известувам дека го одбивам Вашето помилување како незаконско и непотребно, а како јавен обвинител Ви укажувам дека вината треба да се докажува низ судска постапка, за секој без исклучок. Ослободувањето од кривично гонење на лицата кои се наведени во Вашите акти за помилување само поради тоа што се политичари или јавни обвинители во никој случај не може да биде оправдано, а најмалку под изговор за високи државни интереси“, порачува Стефанова.

Обвинителот Гаврил Бубевски во писмото наведува дека е подготвен на Иванов да му изготви и „образец“ преку кој ќе ја стави надвор од правна сила одлуката за помилување.

„Спремен сум да Ви доставам и образец за тоа како да изгледа, затоа што немам некоја искрена верба во Вашиот правен тим, вие треба само да го потпишете. За жал, Вие се уште сте овластен потписник на такви акти“.

Бубевски пишува дека одлуката за помилување на сите политичари, „спакувана“ од страна на Иванов како „врвен интерес на Република Македонија“ ја сметал за шега. „Врвен интерес на Република Македонија не може да биде неказнивоста на политичарите, напротив, врвен или највисок интерес е тие да бидат казнети ако сториле кривично дело“, вели Бубевски.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми