1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обвинителството ја проширува истрагата, прволигашкиот фудбал (досега) не е вовлечен во “местењето” резултати

1 февруари 2005

Нови моменти во скандалот со режирани фудбалски резултати во Германија заради остварување добивки на спорстки обложувалници: обвинителството ја проширува истрагата, играчите вмешани во нечесните работи со признанијата изнесуваат и нови подробности.

Јавното обвинителство од Берлин, според информациите во денешното издание на весникот “Берлинер Моргенпост”, ја проширува истрагата во повеќе германски сојузни покраини. Покрај Берлин, истрага против десетици фудбалери и судии се води и во Северна Рајна Вестфалија во градовите Есен, Дуизбург, Оберхаузен и Падерборн, потоа во Дрезден и Кемниц во Саксонија, како и во областа Рајна-Мајна. Централната личност во аферата, судијата Роберт Хојцер, според таблоидот “Билд”, обвинил тројца судии, деветмина играчи и еден спортски функционер. Играчот на Дрезден Игњац Кресиќ призна дека неговиот тим во јуни 2003-та година примил дополнителна премија од 15 илјади евра за победа во Регионалната лига против Пројсен од Минстер. Кој бил спонзорот што ги дал парите не можеше точно да каже ни претседателот на клубот Јохен Руди.

Судијата Јирген Јансен, кој на викендот на само неколку часови пред почетокот на натпреварите беше заменет и судењето му беше доверено на друг судија, во изјава под заклетва тврди дека обвинувањата против него изнесени пред се’ во печатот немаат никаква основа. Тој вели дека не манипулирал резултати на средбите што ги судел, ниту пак имал контакт - лично или со посредство на други - со хрватската мафија, која е обвинета дека стои зад местењето резултати заради остварување високи добивки на спортските обложувалници.

Германскиот фудбалски сојуз, како што објави копретседателот Тео Цванцигер, востанови специјална комисија, која треба да ја олесни работата на расветлување на аферата со манипулациите. “Поради тоа ние решивме да ја востановиме таа комисија, која има задача секое утро конкретно да ја оцени ситуацијата, да прими информации – се’ едно од каде и да ги добие, да ги анализира и до надлежните тела на Сојузот да даде препораки за решенија” – извести Цванцигер.

Аферата досега е ограничена на второлигашки и регионални, како и на куп-натревари; прволигашкиот фудбал не е вовлечен. “Засега нема никакви појдовни моменти од посериозна природа дека некој прволигашки натпревар бил тенденциозно суден, дека некој судија водел натпревар кон посакуван исход. Засега. Утре може да биде поинаку” – претпазливо вели Хорст Хилперт, претседател на Контролната комисија на Германскиот фудбалски сојуз.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми