1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обвинувања и тензии пред средбата на историчарите

ДТЗ /ДВ
14 октомври 2020

Македонските и бугарските историчари повторно на заедничка маса: ќе се испеглаат ли историските спорови или ќе има ново вжештување на меѓусоседската атмосфера?

Nord-Mazedonien Bulgarien Borissov zu Besuch bei Zaev in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Бугарски тим историчари утре се очекува да пристигне во Скопје каде на заедничка маса со македонските колеги ќе се обидат да изнајдат решение за надминување на историографските спорови. По едногодишна пауза, македонско-бугарската комисија во наредните два дена се очекува да дојде до одговори за низа прашања коишто во изминатиот период претставуваа пречка во работата на Комисијата. Токму тоа и ги подгреа шпекулациите, но и тензиите меѓу власта и опозицијата во земјава. Што ќе донесе новата средба во двете земји, дали ќе доведе до смирување на ситуацијата или пак до ново вжештување на меѓусосетската атмосфера?

Десеттата средба на билатералната мултидисциплинарна Комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, е планирано да се одржи во наредните два дена во Скопје. На средбата предвидено е да се заврши со почнатата дискусија во однос на усогласување на препораките за учебниците по историја за седмо одделение во Северна Македонија.

По завршувањето на средбата, в петок, 16 октомври, во 17.45 часот, во Клубот на пратеници е предвидена заедничка изјава за медиумите на двајцата копретседатели на Комисијата, Драги Ѓоргиев од македонска страна и Ангел Димитров од бугарска страна.

Досега, за период од две години, Комисијата има препорачано заедничко одбележување на пет историски личности од значење за историјата и културата на македонскиот и бугарскиот народ, но и за другите народи на Балканот и во Европа - свети Кирил и Методиј, свети Климент, свети Наум и цар Самуил. Усвоени за препораки и за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во земјата и за петти клас во Бугарија, кои се однесуваат на античкиот период од минатото, како и препораки за подобрување на учебниците за 6 клас/7 одделение.

Обвинувања од опозицијата

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски во ТВ гостување обвини дека Бугарија бара нов договор со уставни измени и дека тоа е пораката која што шефот на дипломатијата Бујар Османи ја добил во Софија на средба со бугарската колешка Екатерина Захариева.

„Да го прашаме министерот за надворешни работи, Бујар Османи, дали е точно дека барањето од страна на неговата колешка било практично да се потпише нов договор кој ќе биде сличен на Преспанскиот, со уставни измени, каде ќе се дефинира постоењето на македонската нација и јазик од 1945 наваму, а пред 1945 дека сме биле нешто друго. Еве да го прашаме дали ова е точно и дали е ова услов за понатамошно продолжување на преговорите“, рече Мицкоски во интервју на Канал 5.

Османи тврди - нема нов договор

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој во петокот беше во посета на Софија, денеска на Фејсбук порача дека нема нов договор, туку засилување на меѓусебната комуникација на повеќе нивоа со Бугарија.

„Околу односите со Бугарија, и мојата посета, сакам да истакнам: нема нов договор, туку има засилување на меѓусебната комуникација на повеќе нивоа. Притоа отворено разговараме за сите прашања кои произлегуваат од Договорот за пријателство; ги преземаме сите чекори за да им обезбедиме на Комисиите непречена работа, за што испративме јавна благодарност за нивниот досегашен резултат, како и охрабрување за интензивирање на нивната работа. Впрочем, Мешовитата експертска комисија веќе утре и задутре ќе одржи средба во Скопје, што ќе претставува уште еден чекор кон исполнување на обврските од договорот.

Второ, посета на Бугарија беше позитивна, затоа што се отворија сите прашања, се засили меѓусебната комуникација, но најважно, се реафирмираа заедничката желба, и заедничкиот интерес за европската перспектива на Република Северна Македонија. Тоа јавно го истакнав и јас во Софија, а го потврдија и премиерот Бојко Борисов и Министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева.

На крајот, дозволете да повикам на сериозност и политичка зрелост. Односите со соседите не се регулираат со пласирање секојдневно информации во јавноста, а уште помалку шпекулации или тенденциозни изјави кои имаат за цел да ја вжештат атмосферата. Европската перспектива е предизвик за целата земја, а не само на Владата, и претставува обврска за секој од нас“, порача Османи преку социјалната мрежа Фесбук.

Да им се даде шанса на преговорите

И премиерот Зоран Заев денеска упати порака до Мицкоски да не се однесува неодговорно и да им остави шанса на преговорите меѓу двете земји.

„Сакаме да им дадеме шанса на разговорите со Бугарија. Не знам на што мисли Мицкоски, но ние имаме разговори, тие се дел и пишани материјали. Јас не би ги коментирал изјавите на Мицкоски, затоа што сѐ што видовме од него е едно неодговорно однесување. Ние сме одговорни, сакаме договори, сакаме земјата да ни оди напред и верувам дека даваме максимални напори, позитивни аспирации, внимание и пријателство, за да ги постигнеме договорите и, секако, она што е најважно за нас, да ги заштитиме нашите интереси, но водејќи грижа и за интересите на бугарската страна“, изјави Заев.

Премиерот смета дека ако Софија продолжи со ваквите предлози, нема да започне првата меѓувладина конференција, која се очекува до крајот на годинава.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинија дека проблемот со Бугарија настанал откако Заев ветил сѐ што денес Бугарија и владата во Софија бара од него да исполни.

„За ова има лични признанија од бугарски политичари во врвот. Заев излажа дека ги има затворено клучните прашања за Македонија. Затоа Заев е должен да каже дали последните барања од Захариева се уставни измени по теркот на договорот со Грција, редефинирање на македонската нација и откажување од македонската историја. Јавноста заслужува одговори и вистински срам е што овие информации се дознаваат од неофицијални места, а не од официјалните извори од Владата на Македонија“, изјави Наум Стоилкоски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми