Ако имаше подобра понуда и ако гласачите ја сметаа ВМРО-ДПМНЕ за добра алтернатива, денес ќе славевме победа, прва после неколку изборни порази во низа. Тоа е реалноста. Пишува Никола Тодоров
Реклама
Во мојата колумна од 19 февруари оваа година насловена „Изборите и идеалната држава“, објавена пред ескалацијата на состојбата со пандемијата, предвидов дека излезноста на овие избори ќе биде мала. Тоа мое тврдење го темелев на фактот дека поларизацијата и нетрпеливоста ќе кулминира помеѓу двата блока и со тоа ќе ги одврати од гласање оние кои не припаѓаат на ниту еден политички блок. Беше јасно, а тоа и се покажа на овие избори дека на луѓето им е преку глава од партиите и од нивната жед за власт, крв и моќ. Слабата привлечност на политичките елити го испорача цехот. Кампањата изобилуваше со негативна реторика, навреди и закани, па ветувањата за подобар животен стандард останаа само блед шум задушен од неартикулираните вресоци на партиските гласноговорници.
Искуството во политиката ми покажало дека негативната кампања не води кон победа. Води кон одвраќање на гласачите да гласаат, води кон апатија и разочараност. На избори се победува со генерално позитивен наратив, визија, проекти и потсетување за реализираните проекти. Точно е дека секогаш имало и ќе има негативна кампања, но таа никако не смее да доминира. На овие избори за жал тоа не беше случај. Негативната кампања одврати многу гласачи. „Бомбите“ со кои се гаѓаа политичките противници одвратија од гласање многу луѓе кои се мислеа да гласаат за една или друга политичка опција.
Меѓусебните навреди и ниското ниво на политичка толеранција зачинето со говорот на омраза предизвикаа чувство на горчина и одбивност кај електоратот. Кога на сето ова ќе ја додадеме и состојбата со пандемијата и крајно застрашувачкиот дневен здравствен билтен на новозаболени и починати доведе до тоа и двете партии да потфрлат на изборите. Состојбата со пандемијата ја ставам последна во низата бидејќи сметам дека и во условно речено мирнодопски услови поради причините кои ги наведов излезноста повторно ќе беше ниска.
Гласање во време на пандемија
Гласањето на парламентарните избори во Северна Македонија започна, а први се изјаснуваат позитивните на Ковид-19 и оние во изолација. Во вторник ќе гласаат болните, изнемоштените и притворените, а в среда сите останати.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Патувачка гласачка кутија
Први гласаат граѓаните позитивни на Ковид-19 и оние кои се наоѓаат во изолација. Вкупно 706 лица се пријавиле во ДИК, а ги опслужуваат 54 избирачки одбори во кои има и медицински лица. Членовите на одборите одат во домовите на болните со посебни протоколи за заштита како што можете да видите и на фотографијата. Сите носат мантил, ракавици, заштитна маска, визир, очила и средство за дезинфекција.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Патот до гласачката кутија
Ширум државата в среда ќе бидат отворени 3.480 избирачки места, а право на глас имаат нешто над 1,8 милиони граѓани. Процедурата на гласањето овојпат во многу нешта ќе се разликува од вообичаената во „старата“ нормалност: контрола и задолжително носење маска, доколку е неопходно и чекање ред пред гласачкото место, а во самата просторија- посебен протокол- додека ливчето да стигне до кутијата.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Контрола пред гласање
Пред влезот на секое гласачко место ќе стојат полицајци чија главна задача е да обезбедат дека секој граѓанин влегува во просторијата со маска и го почитува протоколот. Влез без маска на устата и носот не е дозволен, и истата мора да се носи во текот на целиот процес, се до напуштањето на објектот.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Колку паравани- толку гласачи
По влегувањето во објектот, во зависност од околностите, можно е да треба да се причека пред влезот во гласачката просторија. Тоа е наложено со цел да се избегнуваат турканици на мал простор во собата за гласање. Во просториите ќе се пропуштаат онолку гласачи колку што има паравани за гласање.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Следете ја процедурата
Внатрешноста на просториите за гласање е одбележана со маркери за одржување дистанца. Таму следува традиционалната проверка со УВ лампа, предавање на личната карта од пропишаната дистанца, кусо симнување на маската заради идентификација, земање на гласачкото ливче и прскање со спреј на палецот.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Побезбедно од одење во маркет
Се што ви останува по земањето на гласачкото ливче е да го заокружите својот избор на него и да го уфрлите во гласачката кутија. На заминување не ја заборавајте својата лична карта и носете ја заштитната маска, најмалку, до напуштањето на објектот. Здравствените власти и епидемиолозите уверуваат дека гласањето ќе биде безбедно за сите и дека ризикот е помал одошто одење во маркет.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
6 фотографии1 | 6
Политичарите треба да бидат прогресивната елита во државата, но за жал кај нас меѓусебно се третираат како излитени мифки. И нормално е, потоа и народот така да ги третира. Затоа на овие избори се повтори истиот оној шамар кој народот го удри на двете политички партии за време на првиот круг на претседателските избори. Сега имаме два шамара во низа после кои доколку политичките елити не се отрезнат, може да следат тектонски поместувања и експериментирања на македонската политичка сцена.
Ако треба накратко да објаснам што се случи би го рекол следново: На овие избори не победи СДСМ туку ВМРО-ДПМНЕ загуби. Победи единствено ДУИ. Како победи и зошто е друго прашање и тема која заслужува сериозно да си го ставиме прстот на челото.
За жал и на разочарување на сите нас кои долги години сме искрени членови и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, морам да констатирам дека не успеавме да го победиме СДСМ и покрај фактот што имаше многу причини тоа да се случи. Изгубивме. И што порано го прифатиме овој факт, тоа подобро и за ВМРО-ДПМНЕ и за државата. Причините може и треба да ги анализираме, објективно и трезвено, но она што мораме да го направиме е да не дозволиме да се подели ВМРО-ДПМНЕ бидејќи тоа на никому од нас нема да му одговара. Тоа можеби ќе му оди во прилог на СДСМ, но и ним единствено на краток рок бидејќи не може да зборуваме за квалитетна власт без квалитетна опозиција. Поделени и раскарани ќе губиме повторно, и повторно. Тоа е рецептот за неуспех и тоа долго време ќе ја држи ВМРО-ДПМНЕ во опозиција, а СДСМ ќе победува со исклучително недоволни и неубедливи триста два триесет илјади гласови. Апатијата ќе остане на високо ниво. Морам да констатирам дека ако имаше подобра понуда и ако гласачите ја сметаа ВМРО-ДПМНЕ за добра алтернатива, денес ќе славевме победа, прва после неколку изборни порази во низа. Тоа е реалноста. Не смееме од оваа констатација да правиме сцена. Ова не е напад на ВМРО-ДПМНЕ, напротив ова е обид за спас. Капсулирањето на ВМРО-ДПМНЕ само ќе придонесе за нов пораз. Неприфаќањето на мултиетничноста на државата како реалност исто така.
Не ми е поентата да критикувам, уште помалку да се ситам на поразот. Тоа не е добро и е спротивно на моите принципи и идеали. Она на што сакам искрено да повикам е единство. Потребно ни е обединување. Ни треба силна, прогресивна, европска, централно- десна народна партија базирана на инклузивност, а не на исклучивост. Поставена на модерни постулати на умерен патриотизам, целосно ослободена од екстремниот национализам и популизам. Ни треба ВМРО-ДПМНЕ која ќе може да го победи СДСМ.
Евоцирајќи спомени од минатото целава ситуација ме потсети на изборите во 2016 година, Груевски беше претседател, а јас бев шеф на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, па додека ги чекавме изборните резултати, кои беа тесни како и овие, знаевме дека и еден глас да загубиме, и еден пратеник помалку да имаме и тој и јас ќе си поднесевме оставка како врвен демократски чин. Ама сепак, тогаш победивме со 454.577 гласови.
Никола Груевски: како реформаторот стана бегалец
Од надежен реформатор, преку корумпиран автократ до бегалец од правдата. Поминаа 20 години од стапнувањето на политичката сцена до бегството во Унгарија. Политичката кариера на Никола Груевски низ фотографии.
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Dilkoff
Референдумска битка
Кариерата на Груевски во политиката започна во првата влада на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Љубчо Георгиевски, во 1998. како министер за трговија, а продолжи како министер за финансии. Но искачувањето до врвот на македонската политика, Груевски го започна во 2004., по неуспешниот референдум против територијалната поделба, откако претходно успешно го одбрани партискиот престол во хотелот Панорама.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Ilic
Преродбата во 100 чекори
На парламентарните избори во 2006 ВМРО-ДПМНЕ предводена од Груевски извојува убедлива победа. Младиот технократ ветуваше економска преродба на земјата и брзо членство во ЕУ и НАТО. Граѓаните му ја дадоа довербата на гласањето на 5 јули, но ретко кој очекуваше дека Груевски неограничено ќе владее и во следните 10 години.
Фотографија: AP
Поддршка од Западот
Младиот премиер во првите години уживаше голема поддршка од меѓународната заедница и особено од сестринските партии во Европа. Веќе во октомври 2006. беше пречекан во Берлин од канцеларката Ангела Меркел со воени почести. Западните политичари во него гледаа надеж за земјата и за регионот и пресврт од дотогашната националистичка политика.
Фотографија: AP
На крилата на поразот од Букурешт
Преродбата на Груевски продолжи на изборите во 2008 година кои ги доби со огромно мнозинство благодарение пред сѐ на националистичката кампања која во прв план го имаше фијаското на Самитот на НАТО во Букурешт и паролата „името не го даваме“. Оттогаш започна и непреченото владеење на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: AP
Скопје 2014
На крилата на големата изборна победа, Груевски го стави во погон проектот „Скопје 2014“. Целта беше да „се зајакне“ идентитетот на народот и да му се покаже на светот дека Македонците не се дрво без корен. Исходот: потрошени речиси 600 милиони евра народни пари на споменици и неокласични објекти кои завршуваа во џебовите на фирми блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Партнерот во сенка
На претседателските избори во 2009 година победата на Ѓорге Иванов ја заокружи комплетната контрола на власта на ВМРО-ДПМНЕ. Иванов ќе биде реизбран во 2014 година и до денес ќе остане верен следбеник на својот политички ментор- Груевски. На поддршката ќе возвраќа повеќепати, прво со општата аболиција во 2016 година, а потоа и со одбивањето да му го даде мандатот на Заев во 2017.
Кога во февруари 2015. Заев започна да ги објавува прислушуваните материјали, Груевски беше на зенитот на својата моќ - неприкосновен во партијата и државата. Серијата протести таа година го потресоа, но не го загрозија посериозно. Дури откако се вмеша и меѓународната заедница, а Иванов мораше да интервенира со аболиција, граѓаните масовно почнаа да излегуваат на улиците во Шарената револуција.
Фотографија: DW/K. Ozimec
Новата ера (не) започна
Тешкиот пораз на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2017, значеше и крај за Груевски на чело на партијата. Новата ера која ја најавуваше, не се случи. Она што од денешен аспект е интересно, е средбата со Орбан во септември 2017 во Охрид, на која наводно и паднала понудата за азил од страна на унгарскиот премиер. По неколку месеци на чело на партијата Груевски беше заменет од Христијан Мицкоски.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Лице од потерница
Откако пресудата за двегодишната затворска казна во случајот „Тенк“ на СЈО стана правосилна, се очекуваше Груевски да се јави на издржување на казната. Но, тој се јави на Фејсбук од Будимпешта од каде порача дека „ќе остане верен на каузата на Македонија“. МВР, веројатно задоцнето, одлучи да трага по експремиерот со потерница.
Фотографија: Innenministerium der Republik Mazedonien
Наследството на Груевски
Дали Никола Груевски ќе биде испорачан назад во Македонија каде се соочува со уште четири судски процеси, во моментов може само да се шпекулира. Зад себе остава долго досие на злоупотреби и криминал, и држава која во последните години од неговото владеење се најде во изолација и беше предмет на жестоки критики и потсмев во демократскиот свет.