Обид да се замолчи печатот
9 август 2015
ДВ: Аферата во врска со истрагата против двајца новинари на блогот netzpolitik.org предизвика политичка бура и доведе до отпуштање од работа на Генералниот сојузен обвинител. Господине Тилманс, каква е состојбата со слободата на печатот во Германија?
Тилманс: Мислам дека во Германија има добро урамнотежено новинарство и паралелно со тоа и добро развиена култура на слобода на печатот. На индексот на „Репортери без граници“ ние се наоѓаме на 12 место во светски рамки, на исто ниво со земји како Ирска и Чешка. Само уште скандинавските земји се пред нас. Севкупно, значи, се наоѓаме во добро друштво на земји во кои се силни демократските структури и во кои навистина се практикува слобода на печатот.
ДВ: Значи, во Германија нема ништо за критикување?
Тилманс: Овде кај нас има поединечни случаи, кои дозволуваат сомневање дека државата во доволна мера прифаќа поедини новинари. Тука спаѓа и конкретниов случај со истрагата против новинарите од блогот netzpolitik.org. Во суштина се’ се врти околу спорното прашање дали новинарите смеат да објават таен материјал, односно материјал кој не бил наменет за јавноста. Тука има потреба од подобрувања.
ДВ: Гледате ли во сегашнава афера поврзаност со аферата „Шпигел“ од 60-те години на минатиот век? Уште тогаш новинари беа соочени со обвинение за „предавство на земјата“.
Тилманс: Во секој случај сегашнава афера би можела да биде мал наследник на тогашната. Проблемите се споредливи со тие од 1962, кога насловна тема на „Шпигел“ беше написот „Условно борбено подготвена“, а иницијатива поведе тогашниот министер за одбрана Штраус. На крајот сето тоа доживеа неуспех. Никогаш не можеше да биде докажано „публицистичко предавство на земјата“. Тој аргумент, за „предавство на земјата“, е строго средство со кое се прави обид да се замолчи печатот.
ДВ: Во кои случаи слободата на печатот и во Германија доаѓа до своите граници?
Тилманс: Тука првенствено станува збор за тоа, во која мера новинари воопшто смеат да бидат прислушувани. Оти, едно е јасно: и новинарите се носители на професионална тајна, исто како и лекари и адвокати, и поради тоа мора да бидат ставени под посебна заштита. Јас посебно критички гледам на собирањето и зачувувањето на податоци, исто како и на прислушување и зачувување на комуникацијата на новинари. Но, има и проблеми во секојдневието. На пример, случајот кога државни органи не даваат информации, се’ едно дали поради „заштита на податоци“, поради „практика на чување во тајност“ или едноставно оти тоа им прави „премногу“ работа.
ДВ: Што тогаш би морало да се промени?
Тилманс: Во Германија нема закон за давање информации на печатот, иако тоа уште пред неколку години го тематизира Сојузниот управен суд. Тоа сосем јасно е дефицит. Основен проблем е дека новинарите кај правото на информации секогаш се повикуваат на член 5 од уставот - на правото на слободно искажување на мислење. Тоа е многу ризично, оти одделите за односи со јавност често пати се несигурни, во такви случаи често се вклучуваат и правници.
ДВ: Печатот сака да ја информира јавноста, правосудството пак сака да ја зачува својата независност. Во крајна консеквенција тоа значи дека слободите на печатот и на правосудството мораат меѓусебно да дојдат во колизија, или?
Тилманс: Разбирливо самопосебе тука понекогаш има интереси кои се во колизија. Овде зборуваме за третата и четвртата сила во државата. Тука, значи, мора секогаш наново да биде одмерено, посебно поради искуствата во националсоцијализмот и во поранешната ГДР (Германска Демократска Републикса, некогашната Источна Германија - н.з.). Таму имаше едноумие во печатот и контрола врз него. Смееше да се објави само она, што го дозволуваше државата, партијата.
ДВ: Се менува целокупната професионална слика на новинарите. Има безбројни блогови, социјалните мрежи доживуваат неверојатна популарност. Во која мера би морале да размислиме за некоја нова дефиниција на „слободата на печатот“?
Тилманс: Мора секогаш наново да се размислува за слободата на печатот и нејзиното практикување. Првенствено сме на мислење дека кај новинарската работа постојано наново мора да се поразмисли и за етички прашања. Постојано ќе има случаи на лица кои најрадо би сакале да го држат во тајна нивниот идентитет, наспроти јавното интересирање. Помислете само на известувањето за процесот НСУ (судењето за 9 убиства во Германија извршени од една неофашистичка тројка - н.з.): на актерите веројатно би им било помило да останеа сокриени за јавноста. Но, на друга страна, јавноста едноставно има право да биде информирана за тоа.
Луц Тилманс е Извршен директор на Германскиот совет за печатот, организација основана од најголемите здруженија на издавачи на весници и на новинари од печатените медиуми. Советот се ангажира за слобода на печатот и за непречен пристап до извори на информации, но и за зачувување на угледот на германскиот печат и за отстранување на негативните појави во него. Своите публицистички принципи Советот ги формулира во таканаречениот „Прес-кодекс“.
.