1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

„Обид да се потчини Полска"

Магдалена Гвожџ-Палокат
28 октомври 2021

По пресудата на Европскиот суд, официјална Варшава е и бесна и беспомошна. Опозицијата ја оцени владата како неодговорна, таа пак и натаму е решена да ја спроведе спорната реформа на судството.

Протест со знамињата на Полска и на ЕУ пред Уставниот суд во Варшава на 22 септември 2021
Протест со знамињата на Полска и на ЕУ пред Уставниот суд во Варшава на 22 септември 2021Фотографија: Attila Husejnow/ZUMAPRESS/picture alliance

Се случи тоа што во Полска многумина го насетуваа и од што многумина стравуваа. Земјата под водство на националконзервативната партија ПиС ќе мора да брцне длабоко во џебот по пресудата од Европскиот суд со која на Полска и се наметнува парична казна од еден милион евра дневно, дополнително на 500-те илјади евра дневно за секој ден работа на рудникот Туров на границата кон Чешка. Во Луксембург претстојат и други процеси против државата.

„ПиС е експерт за расфрлање на парите на народот", критикуваше Камила Гасијук Пиховиќ од опозициската народна платформа ПО. Казната од Луксембург е сметка за ароганцијата и неодговорноста, смета таа и додава дека "не само што ја уништуваат независноста на судството, туку тоа го прават на грбот на Полјаците", вели Гасијук-Пиховиќ.

Пресудата беше соопштена додека пред спорната, од ПиС составена, Дисциплинска комисија се разгледуваа седум постапки и веќе казнети судии беа и за во иднина суспендирани од работа. Премиерот Матеуш  Моравјецки и претседателот на партијата ПиС Јарослав Качински претходно во Европскиот парламент тврдеа дека Комисијата „во нејзината актуелна форма” ќе биде укината, не заради Луксембург како што нагласи Качински, туку заради тоа што не ги исполнува своите задачи. Во септември требаше да бидат претставени првите планови за реформата, но ништо не се случи.

Борис Будка, поранешниот шеф на граѓанската платформа, вака ја коментираше пресудата: „Нема нацрт закон за укинување на Дисциплинската комисија и очекуваме и бараме уште утре во Парламентот да се дебстира како таа да се разреши и да се гарантира дека Полска - а, тоа се нејзините граѓани - нема да ги плаќаат огромните казни за апсурдниот инает на Качински".

Полскиот премиер, Матеуш МоравјецкиФотографија: Wojciech Olkusnik/PAP/picture alliance

Да се игнорира пресудата?

За полската новинска агенција ПАП Ричард Терлецки, шефот на фракцијата на ПиС, потврди дека нужните нацрти за укинувањето се подготвени. „Малку доцниме", вели тој и додава дека не треба да преовлада паника бидејќи според него се работи само за неколку недели и „сѐ уште не платиле ни цент".

Повеќе: ЕУ мора да крене рампа за Полска

Дека тоа можеби никогаш нема да се случи сугерираше единствено заменикот министер за правда Марцин Романовски од помалата коалициска партија СП, чиј став во однос на ЕУ важи за изразито радикален. „(Не)пресудата на Европскиот суд претставува упад во компетенциите на полската влада и треба да се игнорира", пиша на Твитер. „Можеби прекин на полските придонеси за ЕУ може да им го дотера паметот на европските бирократи?"

Суверенитет и национален идентитет

Тоа би била лоша математика бидејќи Полска е еден од најголемите нето приматели. Само од фондот за обнова по короната за Полска чекаат 24 милијарди евра да добијат зелено светло од Брисел, кој средствата не ги исплаќаат заради проблемите во земјата со правната држава. Варшава е бесна поради таквиот “противправен” пристап. Ако Полска не ги плати казните тоа би било правен преседан, па експерти сметаат дека е можно ‘пребивање’ со средствата кои се предвидени за Полска.

Никој не отиде толку далеку колку Романовски, но други политичари употребија реторика која всушност исклучува попуштање во однос на Брисел. Себастијан Калета, исто така заменик министер за правда, зборуваше за „обид да се потчини Полска и да и се одземе суверенитетот со помош на противправни мерки". Владиниот портпарол потенцира дека ќе продолжи реформата на судството: „Казни и уцени се погрешен пристап и не се модел за функционална Унија на суверени држави," оцени тој. Неговиот заменик Радослав Фогијел апелира на чувствата на национална гордост: не смеело сега да се мисли “ајде да ја укинеме таа комисија кога веќе се бара од нас”, туку требало да се задржат суверенитетот и националниот идентитет во фокусот.

Лидерот на владејачката полска партија ПиС, Јарослав КачинскиФотографија: GRZEGORZ JAKUBOUSKI/KPRP/Polish President's Press/AFP

Исклучена можноста за ретерирање

Независно од тоа дали во партиската централа на ПиС се бара начин за ретерирање, прашање е дали е тоа воопшто е возможно бидејќи со контроверзната пресуда на Уставниот суд во Варшава за приматот на националното право пред европското, на ЕУ и на Европскиот суд на правдата им се одземени било какви компетенции во однос на правните работи. Оној кој сериозно ја зема предвид оваа пресуда, нема ни простор да ја примени пресудата од Луксембург. И шефот на ПиС, Качински, неодамна нагласи дека ЕУ нема што да каже во оваа област, а најавеното повлекување од контроверзното дисциплинско тело треба повеќе да покаже дали во Брисел „има барем минимум добра волја“, рече Качински.

Во однос на шпекулациите зошто уште се чека на ова повлекување и зошто дисциплинското тело се уште продолжува со прогон на судии, одговорот е во тезата за заткулисна борба за моќ и блокада на стопирање на комората од страна на министерот за правда Збигњев Зјобро, шеф на Солидарна Полска. Качински во последно време изгледа има и нарушено здравје – на прес конференција за безбедносни прашања тој дури кратко се заниша пред вклучените камери.

Непартискиот сенатор Вадим Тушкевиц курсот по кој се движи неговата земја на телевизија го опиша како „драматичен“. ПиС се движи кон ѕид и и се заканува фронтален удар. „Доаѓам од локалната самоуправа и оттаму добро знам колку е важна секоја злота за инвестирање. Овие пари може да имаат далекусежни последици. Секогаш кога ќе помислиме дека сме го допреле дното се покажува дека можело уште подолу и дека тонеме уште подлабоко,“ рече тој.

 .

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми