1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обид за поткуп и одбрана: Крадецот вели држете го крадецот!

1 декември 2016

Додека прилепски активисти на ВМРО-ДПМНЕ се под истрага за поткуп на гласачи, Груевски го обвини СДСМ дека со радикални структури на Албанците договарал „полнење кутии“,а Антикорупциската комисија ќе го „чешла“ Спасовски

Mazedonien Wahlen
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Посети од патронажни сестри и од анкетари „од врата на врата“ кои се интересираат за егзистенцијалните проблеми на граѓаните, се дел од методите што се користеле за влез во домовите на избирачите, со цел да се обезбеди нивниот глас во корист на една партија. Мета на вакви посети најчесто биле сиромашни и семејства со повеќе деца. Дел од овие случаи се пријавени и евидентирани кај теренските набљудувачи од невладините организации, дел пријавени во полиција. Таков е последниот случај во Прилеп, кога партиски активисти нуделе по 60 евра за сигурен глас за владејачка партија. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, пред два дена најави полицијата интензивно работи на расветлување на тие случаи. Како што дознаваме од истрагата, на граѓаните им било барано да го фотографираат заокружениот број на изборната листа, како доказ врз чија основа потоа ќе им бидат исплатени 60 евра од конкретно посочено лице во локалниот партиски штаб.

Договорен контранапад?

Од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп категорично демантираа дека нивни членови нуделе поткуп, со став дека се работи „за чисти дезинформации и монтиран случај од страна на СДСМ“. Но, извори од комитетот сега за ДВ тврдат дека „таму владее паника“ откако од полицијата протекле информации дека пријавувачите на поткупот понудиле и конкретни докази. Според нив, од централата во Скопје до локалното раководство стигнале инструкции како да се однесуваат, со охрабрување дека „никој ништо не им може“ и дека „ќе го покријат овој случај со контранапад“.

Случајно или не, истиот ден кога министерот Спасовски го обелодени случајот со обид за изборен поткуп во Прилеп, до Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) стигнале две претставки со идентична содржина, кои се однесуваат за министерот за внатрешни работи. Едната поднесена од дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Оливер Андонов, а другата од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Андонов изјави дека поднел претставка затоа што Спасовски вршел прераспределба на работни места во време кога се распишани изборите. Спасовски ги демантира ваквите наводи и тврди дека „не постојат решенија за прераспределување во МВР од кога е почната кампањата“.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Седницата на ДКСК експресно е закажана за денес во 11 часот. Ова е редок пример кога Комисијата решила да постапува, со оглед дека мандатот го поминува во длабока хибернација и како една од најнетранспарентните институции. Антикорупционерите ги преспаа и „бомбите“, а ниту еднаш не изреагираа по допрен глас на пријави за притисоци врз избирачи. За нивниот „минат труд“ зборува и фактот дека во изминатите две години одржале само три прес-конференции.

И додека прилепски активисти на ВМРО-ДПМНЕ се под истрага за поткуп на избирачи, лидерот на таа партија, Никола Груевски, за намера за „полнење кутии“ го обвини политичкиот опонент СДСМ.

„Дознавам дека во последните денови размислувале и заговарале и други идеи. Здружувајќи се со некои подземни структури, особено кај порадикалните структури на Албанците во Македонија, разговарале за некакво полнење кутии, заедничко, договорено, не знам какво. Сакам да им порачам да не си играат играчки, затоа што после ни цела албанска дијаспора од Швајцарија и од цел свет  нема да ги спаси од овој народ и од сите граѓани на Македонија“, порача Груевски од синоќешниот партиски митинг во Кочани. 

Нема веќе триаголници

Според аналитичарите, ваквите изјави се само дел од агресивната и шпекулативна реторика, која во последните денови пред гласањето ќе стане уште пожестока и повалкана, во трка за предност преку дискредитирање на опонентот. Од ДИК велат дека за разлика од етерот кој во кампањата се полни со се и сешто, „полнење на гласачки кутии“ не е можно. Нема да биде можно ни заокружување на гласачкото ливче со квадратчиња или триаголници, кои беа откриени преку „бомбите“ како симболи на клиентелистичката практика. На овие избори за важечко ќе се смета само ливчето на кое редниот број на кандидатот ќе биде заокружен со круг, и таа измена ДИК ја прецизираше во правилник. Но, според изборни експерти, индициите од прилепскиот случај укажуваат дека треба да се спречи и внесувањето на мобилни телефони или фотоапарати зад гласачкиот параван, за да се спречи избирачите да фотографираат за кого гласале.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Со цел да се обезбеди регуларност на изборниот процес, изборите годинава засилено ќе бидат набљудувани од меѓународни и од граѓански набљудувачи. Тоа е потенцирано и во последниот извештај на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР.

 „'Мост' има 80 долгорочни набљудувачи и ја најави намерата да ангажира околу 3.300 краткорочни набљудувачи, како и да спроведе паралелно сумирање на гласовите. 'Цивил' има 35 краткорочни набљудувачи, 10 мобилни тимови, и најави ангажирање на околу 300 краткорочни набљудувачи“, се вели во извештајот.

Во функција на спроведување фер и слободни избори, Граѓанската асоцијација „Мост“ креираше уште една алатка со која ќе им овозможи и олесни на граѓаните да пријават нерегуларности за време на изборниот процес. Активна е платформатата http://neregularnosti.most.org.mk/ преку која секој граѓанин ќе може самостојно да пријави притисоци, инциденти, проблеми со Избирачкиот список, говор на омраза и други прекршоци поврзани со изборниот процес.

Ако граѓаните не се во можност самостојно да ги внесат овие нерегуларности преку интернет платформата, тоа може да го направат на бесплатната телефонска линија 080 080 080.

А она што партиите мора да го направат денеска, е да ги достават финансиските извештаи за потрошените пари во првите 10 дена од кампањата.
„Учесникот во изборната кампања е должен 11-тиот ден од денот на изборната кампања да поднесе финансиски извештај со спецификација на трошоците за приходите и расходите на жиро- сметката за изборна кампања од денот на нејзиното отворање, до крајот на десеттиот ден од изборната кампања“, предвидува членот 84-б од Изборниот законик.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми