Обложувањето и коцкањето - национална еуфорија во Македонија
19 мај 2014Aнализата на Асоцијацијата на спортските обложувалници на Македонија покажа дека кон крајот на 2013 година имало 400 спортски обложувалници на 8 приредувачи на игри на среќа, во кои тогаш работеле 2500 лица. Се проценува дека вкупно 30 илјади работни места се поврзани со игрите на среќа. Оваа асоцијација наведува дека 46 проценти од населението се обложува. Студијата на Центарот за истражување и создавање политики од Скопје покажа дека во 2007 година 37 проценти од граѓаните во целата држава се обложуваат, оти спортското обложување се претвора во „национална еуфорија“. Во 2005 година имало 79, а во 2007 околу стотина обложувалници. Дури 74 проценти од граѓаните со примања пониски од просечните биле „муштерии“ на спортските обложувалници.
„Транзициониот период во Македонија создаде маса на луѓе кои се подложни на социјално-економска несигурност, исклученост од општествените текови, огромна маса на социјално загрозени слоеви и голем процент на невработеност. Некои од овие луѓе во спортските обложувалници видоа можност за заработка на некоја дополнителна пара, со која ќе можат да ги покријат своите трошоци и обврски кон државата, кои во многу случаи за македонскиот граѓанин се неподмирени. Шансата ја видоа токму во спортските обложувалници, затоа што со минимален влог од 50 денари секој може да очекува добивка и до 300 илјади денари, зависно од уплатената комбинација“, наведено е во споменатата студија.
Бизнис со илузиите на сиромашните за „брза заработувачка“
Денес, седум години подоцна, бизнисот со илузиите за брза заработувачка кај осиромашените граѓани е омасовен уште повеќе, добивајќи размери на социјална патологија. Тоа може да се согледа кога кон бројката на регистрирани и нерегистрирани обложувалници ќе и‘ се придодаде и огромната бројка на легални и нелегални коцкарници и казина со машини за покер и други видови игри на среќа. Само во текот на ланската голема полициска акција „Детонатор“, во Кочани, Виница и други градови во источниот дел на Македонија, биле откриени и запленети околу илјада покер – апарати, кои работеле во 30 објекти: во импровизирани магацини, во штали, фабрики, но и во визби во станбени згради. Според сомнежите на МВР, групата која го организирала овој незаконски бизнис со покер-апарати се занимавала и со лихварство, изнуда и оружје.
Според професорот по безбедносни науки од ФОН универзитетот во Скопје Владимир Пивоваров, нелегалното коцкање во казината донесува огромен профит, кој изнесува милиони евра, а полицијата и понатаму открива нови видови апарати за коцкање и различни начини за организирање нелегално коцкање. „Полицијата треба постојано да ја спречува оваа појава: во дел од таквите објекти коцкањето неретко може да биде придружено и со проституција и растурање дрога. Ова е социјална патологија“, вели Пивоваров, дополнувајќи: „Луѓето што се решаваат на спортско обложување, или коцкање во казината, потекнуваат од сиромашните и безработни слоеви на населението. Тие се убедени дека ќе успеат набрзина да заработат пари и оти ќе си го подобрат животниот стандард.“
Нелегалното работење не се бележи само кај коцкарниците и казината, туку и во доменот на спортското обложување. Управата за јавни приходи во својата писмена информација за Дојче веле информираше дека врз основа на податоци за основано сомневање за постоење на нелегални организатори на игри на среќа, како и за неправилности во работењето на легалните приредувачи на игри на среќа, само од јануари до април годинава биле спроведени 34 контроли. Биле откриени 22 „диви“ обложувалници во општините Тетово, Гостивар, Боговиње, Врапчиште, Брвеница, Радовиш, во Липково, Маврово-Ростуше и Штип. Поради нелегалното приредување на игри на среќа, изречени се забрани на вршење која било дејност во објектите во рок од 1 година и 10 години забрана за приредување на игри на среќа во овие објекти. Кај еден ист даночен обврзник (обложувалница) утврдено е дека и покрај одземање на лиценцата, 12 уплатни места продолжиле со работа спротивно на законот. Според УЈП, карактеристично за нелегалното вршење дејност е што тоа најчесто се врши во неозначени локали, сместени во објекти за семејно домување, каде работат лица кои не се пријавени.
„Постои уште една шанса, не е се‘ загубено...“
Професорот Илија Ацевски од државниот Институт за социологија во Скопје е категоричен: „Коцкањето и воопшто играњето на среќа е особено поврзано со оние категории на населението коишто се депримирани, социјално исклучени и сиромашни. Оваа дејност станува поле каде што тие бараат некаква надеж дека со вложување мали суми ќе успеат да дојдат до многу повеќе пари. Овој систем на играње на среќа се одржува токму врз таа психологија, особено кај оние луѓе коишто се соочуваат секојдневно со проблеми во животот. За нив постои надежта дека ’не е се‘ загубено’, дека ’постои уште една шанса’, кога ќе појдат во коцкарницата, трошејќи ги таму последните пари што ги имаат кај себе. Луѓето западнати во социоекономска криза се намамени, фатени во една ’стапица на животот’. Под удар на оваа појава особено се изложени невработените млади луѓе, кај кои безработицата достига и до 60 проценти. Влегувањето во коцкарниците и другите објекти за играње на среќа е ’бегство од реалноста’, 'бегство од себе'. Ова се претвора и во зависност, од која се најранливи токму младите на возраст од 20 – 25 години. Наместо да се создаваат редици на оние што бараат работа во бироата за невработени, таквите редици се гледаат се‘ повеќе пред објектите за игри на среќа.“
Анонимни пасионирани играчи на среќа во обложувалниците, но и неколкумина кои оделе и во казина, вака за ДВ ја објаснуваат својата страст:
„За мене обложувањето е забава, но и заработувачка.“;
„Мора да доаѓаш тука, да следиш за да добиеш нешто, да успееш. Јас сум невработен и што да правам друго?“;
„Се‘ повеќе и повеќе луѓето стануваат сиромашни и гледаат надеж дека ќе им падне нешто на лотарија.“;
„Самата егзистенција ги тера луѓето да се коцкаат.“;
„Луѓето бараат пари, немајќи друга работа се обложуваат и мислат дека на тој начин ќе ги решат своите проблеми.“;
„Зошто да не? Барем ќе можам да спечалам некој денар.“;
„Играм на среќа од забава, не заради заработка.“.
Во Скопје, Битола и другите големи градови насекаде низ станбените згради, безмалку на секои стотина метри, може да се забележи спортска обложувалница, или казино. Во сите објекти има луѓе во кој било дел од денот. Сите се „презафатени“ со пополнување ливчиња, или пак загледани во телевизиските екрани, на кои се следат спортските натпревари. Речиси секој спорт е достапен за обложување во билтените. Во услови кога Македонија има највисока невработеност меѓу младите, споредено со другите држави во Европа и кога една третина од сета популација е невработена, спортското обложување и коцкањето престанаа да бидат само обична забава и хоби, туку сега се‘ повеќе за многумина се последната надеж за „осигурување елементарната егзистенција“.