1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обновливите енергии - актуелни како никогаш досега!

13 април 2011

По катастрофата во Јапонија германската влада одлучи да не го одложува рокот за исклучување на атомските централи во Германија. Но, за да се напушти производството на атомска енергија потребни се алтернативни технологии.

Германија им го „врти" грбот на нуклеарките и се´ повеќе се ориентира кон обновливи енергии?Фотографија: dapd

Во ниту една друга земја во Европа нема толку многу фотоволтаични уреди како во Германија. Земјата покрива 11 проценти од вкупната потреба за енергија и 17 проценти од струјата од ветерници, соларни уреди, хидроцентрали и биомаса. Идејата за производство на еколошката енергија порано беше исмејувана, но таа веќе одамна стана реалност.

По катастрофата во Јапонија обновливите енергии станаа актуелни како никогаш до сега, коментира Ханс Јозеф Фел, портпарол на Партијата на зелените, одговорен за енергетската политика: „Ширум светот и во Германија браншата на обновливи енергии и нејзина ефикасност ќе добијат на значење.“

Ветерот - најексплоатиран извор на обновливи енергии

Енергијата добиена од ветер „води" на листата алтернативни извори на енергија во земјатаФотографија: dpa

Оптимистичките проценки на Сојузното здружение за обновливи енергии гласат дека регенеративните енергии во Германија до 2020 година ќе покриваат 30 проценти од вкупната потрошувачка на електрична енергија. Сојузната влада смета дека тие ќе изнесуваат 20 проценти. Но, во едно нешто сите се единствени. Приматот во енергетското производството ќе го има ветерот.

Холгер Гаснер од РВЕ Иноџи, оддел за обновливи енергии во рамки на концернот РВЕ, вели дека во иднина енергијата ќе се добива речиси исклучиво од ветер. Таа спoред него веќе денес се исплатува. „Ние инвестираме во технолгии, каде за секое вложено евро сакаме да испуштиме што е можно помалку јаглероден диоксид, а да произведеме што е можно повеќе киловат часови струја. Ова е пореално изводливо со енергијата од ветер отколку со соларната енергија.“

РВЕ годишно инвестира околу една милијарда евра. За три години концернот веќе двапати ја зголеми површината на ветерните паркови.

Розови предвидувања и бирократски препреки

Ветерните паркови никнуваат као печурки по дождФотографија: AP

Стопанските здруженија на претпријатијата-ветерни паркови по катастрофата во Фукушима се´ поинтензивно ги рекламираат своите услуги. Тие и´ советуваат на владата да ги искористи големите капацитети за поставување ветерници како на копно, така и во море. Волфганг фон Гелдерн, претседател на здружението, верува дека ветерните паркови што произведуваат 27.000 мегавати до 2020 година ќе го зголемат капацитетот за дури четири пати. За сега ова се розови предвидувања, меѓутоа се’ уште се наоѓаме во реалноста. Имено, во минатите две години стапката на развој на фотоволтаиците, ветерниците и биомасата по долгогодишен бум драстично опадна, дури за 85 проценти во споредба со минатата година. Сојузната влада смета дека за ова е виновна финансиската криза, но политичарот од Партијата на зелените, Ханс Јозеф Фел, смета дека тоа се должи на лошите одлуки на владата. Продолжувањето на работата на нуклеарните централи ги исплаши инвеститорите, се развлече изградбата на неопходната струјна мрежа. Освен тоа, владата не се погрижи да ги отстрани бирократските пречки.

„Погледнете, наскоро побрзо ќе добиете дозвола за изградба на нов реактор некаде во светот отколку за изградба на ветерен парк во Германија. Процедурата трае со години, бидејќи претходно мора да се направат огромен број проверки. За една мала хидроцентрала во Германија веќе воопшто и не можете да добиете дозвола. Значи, имаме големи бирократски пречки“, критикува Фел.

Ќе скокне ли цената на струјата?

Од обновливите енергии ќе профитираат како луѓето, така и климатаФотографија: Fotolia/Eve

И Клаус Брајл од Либерална партија, која е во владејачката коалиција, по катастрофата во Фукушима сака поинтензивно да се поттикнуваат обновливите енергии. Меѓутоа, тој предупредува од нагло одвраќање од евтината атомска енергија. Високата цена на струјата би можела поради скапата еколошка струја неконтролирано да скокне.

„Доколку не внимаваме и не ја задржиме контролата врз развојот на трошоците може да дојде до брза но неприметна деиндустријализација. А на индустријата се заснова нашата благосостојба. Околу 33 проценти од бруто националниот производ зависат од германската индустрија."

Може да се забележи дека во секој случај браншата на регенеративни енергии за неколку години стана важен економски фактор во Германија. Во меѓувреме во браншата работат околу 370.000 луѓе. За споредба, во 2004 беа едвај 160.000. Тоа пред се’ значи дека регенеративните енергии не се добри само за климата, туку стануваат се´ поважни за бизнисот на индустриската нација Германија.

Автор: Рихард Фукс/ Светлана Брик

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми