ОБСЕ бара прекин на огнот во Украина
12 јуни 2014Во конфликтот во Украина генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер (на насловната фотографија) ги повика сите страни на итен прекин на огнот. „Борбите мора да завршат и да започнат преговори“, изјави Заниер во близина на рускиот град Ростов на Дон.
Генералниот секретар на Организацијата за безбедност и соработка во Европа посети семејства кои се пребегани од судирите во соседството. Таму повторно дојде до тешки судири меѓу владините единици и проруските сепаратисти.
Барање до Сирија и Кина да ја признаат „Народна Република Луганск“
Бунтовниците ја повикаа Москва да испрати „мировни трупи“ во источна Украина која е погодена од криза. „Позициите ги држиме со последни сили. Руските единици би помогнале да се сопре крвопролевањето“, изјави водачот на сепаратистите Денис Пушилин, кој стои на листата со санкции на Европската унија. Самопрогласената Народна Република Луганск испратила барање до повеќе држави, меѓу нив Сирија и Кина, да ја признаат како суверена и независна држава, изјави Пушилин.
При престрелки во близина на Луганск повредени се најмалку три лица. Со оглед на затегнатата безбедносна состојба полскиот конзулат во Доњецк привремено ја прекина работата. Раководството во Варшава ги повика сите Полјаци да ја напуштат областа. Полскиот конзулат беше последното сѐ уште отворено дипломатско претставништво на една ЕУ-држава во овој источноукраински регион.
Генералниот секретар на ОБСЕ Заниер исто така се изјазни за одржување на тркалезна маса во Украина со претставници на сите страни, вклучително и сепаратистите. Бунтовниците меѓутоа би морале да го предадат оружјето, изјави тој.
Претходно и новиот украински претседател Петро Порошенко не ја исклучи можноста за разговори со милитатните водачи од истокот на Украина, меѓутоа нагласи: „Но терористите мора да го предадат оружјето“.