1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стратегија на ЕК: историска шанса за Западниот Балкан

БГ
6 февруари 2018

Европската Комисија во документот уште еднаш ја потврдува европската иднина на регионот како геостратешка инвестиција во стабилна, силна и обединета Европа врз основа на заеднички вредности.

EP Rede Juncker in Strassburg
Фотографија: Reuters/V. Kessler

Европската Комисија им испорача серија барања на земјите од Западниот Балкан кои треба да се исполнат на патот кон членство во ЕУ, но истовремено, преку шест големи иницијативи презема обврска за далеку поголема поддршка и помош за регионот во наредниот период. 

Стратегијата на ЕК објавена денеска на прес-конференција во Стразбур предвидува јасна европска перспектива за шесте држави од регионот. Србија и Црна Гора, како единствени кои веќе го започнаа процесот на преговори со Унијата, се чекор пред останатите и за нив 2025 година е амбициозна, но реална перспектива за зачленување.
„Дали тоа ќе се исполни целосно ќе зависи од објективните заслуги и резултати на секоја земја“, се наведува во Стратегијата.

Она што е битно за Македонија, но и за останатите три држави од групата, е дека Брисел ја остава отворена можноста тие да ги престигнат другите држави „во зависност од напредокот кој ќе го бележат“.

Комисијата уште еднаш потврди дека е подготвена да препорача отворање на преговорите со Македонија, врз база на исполнување на условите.

Но, за напредок кон ЕУ потребно е исполнување на реформските барања кои во Стратегијата се формулирани директно, а за проблемите во земјите од регионот се говори остро. Клучни за сите земји се сеопфатни реформи во областите на владеењето на правото, основните права и управувањето, потоа правосудните реформи, борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и подобрување на работата на јавната администрација и во функционирањето на демократските институции.
„Денес, земјите покажуваа јасни елементи на заробеност на државата, вклучително и врски со организиран криминал и корупција на сите нивоа на владата и администрацијата, како и силна испреплетеност на јавните и приватните интереси. Сето тоа гради чувство на неказнивост и нееднаквост“, се наведува во Стратегијата.

Како изрично барање од ЕК се поставува и решавањето на билатералните проблеми (особено пограничните) и помирувањето. Притоа, Србија е конкретно условена дека мора час поскоро да постигне правно обврзувачки документ за нормализација на односите со Косово.

Ова се реформите кои ги бара Европската Комисија од земјите на Западниот Балкан:

- Значително зајакнување на владеењето на правото

- Обезбедување на независност, квалитет и ефикасност на правосудниот систем

- Борба против корупцијата, перењето пари и организираниот криминал

- Демонтажа на криминалните мрежи и на нивната економска база

- Подобро менаџирање на јавните фондови, особено во делот на јавните набавки

- Подобрување на економската конкурентност

- Почитување на слободата на изразување и на независноста на медиумите

- Реформа на јавната администрација

- Решавање на билатералните спорови

- Зајакнување на демократските институции и улогата на парламентот

- Реформа на законите за финансирање на политичките партии

За да се искористи оваа, историска шанса, како што се наведува во Стратегијата, од лидерите во регионот се бара јасна стратешка ориентација и посветеност за членство во ЕУ.

Паралелно со барањата на адреса на западнобалканските држави, ЕК најави шест иницијативи кои во следните години треба да помогнат во напорите за трансформација на земјите од регионот.

Ова се иницијативите на Европската Комисија за Западниот Балкан:

- Иницијатива за зајакнување на владеењето на правото

Оваа точка предвидува поддршка за подготовка на детални акциски планови за надминување на недостатоците и приоретизирање на клучните прашања за усогласување на легислативата и практиката со стандардите на ЕУ. Проширување на советничките мисии на ЕУ во регионот. Засилен мониторинг на реформите, како и набљудување на судски случаи поврзани со сериозна корупција и организиран криминал. 

Зајакнување на ангажманот во безбедноста и миграцијата

Оваа иницијатива предвидува заедничка соработка во областа на контра-тероризмот и превенцијата од насилен екстремизам. Оперативна соработка во борбата против организираниот криминал и испраќање офицери за врски на Еуропол во регионот.

„ЕУ треба да најде заедничко решение за Западен Балкан“

00:45

This browser does not support the video element.

- Поддршка за социо-економски развој

Проширување на рамката за инвестиции на Западниот Балкан, како и давање гаранции за инвестиции на приватни инвеститори. Шема за поддршка на старт-ап компании, и зголемен пристап до финансии со цел зголемување на потенцијалот на малите и средни претпријатија. Зајакнат фокус врз вработување и социјални реформи, како и поголема финансиска помош во социјалното поле, вклучително и во здравството. Удвојување на финансирањето на програмата Еразмус плус.

- Зголемена поврзаност во делот на транспортот и енергијата

Иницијативата треба да донесе подобрувања во овие области со зголемена финансиска поддршка од ЕУ. Се предвидува проширување на Енергетската унија на ЕУ на Западниот Балкан и соработка на енергетските регулатори и операторите на преносните и дистрибутивните системи со оние на ЕУ. Интеграција на пазарот на електрична енергија на Западниот Балкан со оној на ЕУ. Поддршка за нова стратегија за железницата со цел вклучување на Западниот Балкан во железничката мрежа на ЕУ.

- Дигитална агенда

Оваа иницијатива предвидува намалување на цените на роамингот, поддршка за широкопојасен интернет на Западниот Балкан, и поддршка за еВлада, еЈавни набавки и еЗдравство.

- Поддршка за помирување и добрососедските односи

Оваа точка предвидува поддршка за серија иницијативи како што се Регионалната комисија (РЕКОМ)  за утврдување на факти за воени злосторства и други нарушувања на човековите права; поддршка на борбата против неказнивноста; регионално решение за проблемот со изчезнатите лица и мините, натамошен развој на Канцеларијата за младинска соработка, како и зголемување на соработката во културата и спортот преку посебна програма која ќе работи на заштита на културното наследство. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми