1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Објавени записници од македонските консултации за името

1 февруари 2019

На денот кога беше упатено пратеничко прашање до премиерот - кога ќе бидат декласифицирани документите од преговорите со Грција - грчки медиум објави записници од средбите на македонските лидери.

Führer der mazedonischen politischen Parteien
Разговори на власта и опозицијата пред одржувањето на референдумот за името (19.07.218)Фотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

Под наслов „Пророчки дијалози на лидерите во ПЈРМ за политичките случувања во Грција“, весникот „Катимерини“ објави обемни извадоци од записниците од две средби на македонските политички лидери - на 27-ми јануари и на 19-ти мај 2018 година, кои ги смета за „две критични нишки во врска со преговорите“.

Првата средба е одржана две недели по формалниот почеток на разговорите под медијаторство на специјалниот пратеник на ОН, Метју Нимиц, а втората кога веќе на маса е предлогот „Република Илинденска Македонија“.

Ова не е првпат детали од разговорите на македонската страна да се најдат во странски медиуми. Дел од нив минатата година беа објавени во „Катимерини“ и „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Токму вчера премиерот Зоран Заев доби пратеничко прашање - дали ако постојат законски можности ќе им препорача на институциите да ги декласифицираат документите од преговорите за името со Грција, односно од 1992 година до склучувањето на Договорот од Преспа.

„Ако постојат можности во соодветен момент кој не би нанел штета на државата, ниту на односите со Грција, лично би им препорачал на институциите да ги декласифицираат и објават податоците“, ѝ одговори Заев на пратеничката Нола Исајловска Старова.

Весникот „Катимерини“ објави обемни извадоци од записниците од две средби на македонските политички лидериФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Поволни околности

Кој има интерес јавно да ги објавува разговорите на македонскиот државно-политички врв сега, откако Договорот од Преспа ја помина ратификацијата и во грчкиот парламент? Грчкиот медиум не дава одговор на ова прашање, но ги објавува деталите од разговорите на Заев и Димитров со претседателот Иванов, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и негови соработници, и претставници на ДУИ. Објавувањето на обемните дијалози го става во контекст на „пророштвото“ на македонскиот политички врв - дека токму сега постојат поволни околности да се дојде до Договор. Цитирајќи го записникот од состанокот на 27 јануари 2018 година, весникот пренесува став на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој вели: „Како ќе биде во Грција по изборите? 'Нова Демократија' ќе биде на власт со Киријакос Мицотакис. Треба да побрзаме (...) Лесно е да не блокираат кога им даваме аргументи. Нашиот главен аргумент е стабилизирањето на Балканот“.

Пренесен е ставот и на премиерот Заев.

„Потребно ни е решение, но не по секоја цена. Владата и опозицијата се согласуваат дека е потребен референдум за секое решение. Треба сите заедно, претседателот Иванов и партиите, да се обединиме во ставот за ефикасно и мудро решение. Прашањето датира од 1995 година. Средбите со Ципрас и Коѕијас треба да го олеснат процесот“, рекол Заев, додавајќи дека со секое одложување, ситуацијата станува сѐ потешка и ако не се најде решение сега, земјата ќе загуби десет години.

Повеќе:

Што ветил Мицотакис за договорот со Македонија?

Името ги вжештило телефонските линии до Атина и Скопје

На истиот состанок македонскиот премиер информирал дека Мицотакис ја испратил европратеничката на НД, Марија Спираки, да го информира за нивната позиција.

Весникот објаснува дека од записникот произлегуваат детали кои ги илустрираат намерите на Алексис Ципрас да биде постигнат Договорот со ПЈРМ и потоа да оди на избори со главниот аргумент што ќе го прекине грчкиот меморандум (за штедење), но дека таа приказна добила друг тек до мај. Во текстот се наведува и дека на двата состанока во Скопје бил видлив јазот меѓу владата на Заев и претседателот Иванов.

Никос Коѕијас и Никола Димитров (архива, 23.3.2018)Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Идентитетските прашања решени во Сунио

На втората средба, одржана на 19 мај, веднаш по Самитот на ЕУ - Западен Балкан во Софија, весникот потсетува дека ѝ претходела средбата на Коѕијас и Димитров во грчкото гратче Сунио, каде било обелоденето дека грчката влада е подготвена да го именува македонскиот јазик како „македонски“ и државјанството како македонско/граѓани на Република Илинденска Македонија, но дека нема да има мнозинство во грчкиот парламент ако опсегот на употреба не е целосен: и за меѓународна и за внатрешна употреба.

Дел од објавениот записник од состанокот во Скопје се однесува на разговори за значењето на придавката „Илинденска“, но и за неопходноста од промени во уставот, технички и политички преоден период, како и гаранции дека за време на процесот на пристапување во НАТО Грција нема да утврдува дополнителни услови. Заев изразил загриженост во врска со иднината на земјата ако овој проблем не биде решен поради предизвици во поширокиот регион. На средбата се говорело и за потребата од рефрендумско изјаснување. Будар Османи изразил загриженост по тоа прашање, објаснувајќи дека референдумите станале цел на операции на трети страни, односно магнет за ефект од силите кои не се од интерес за земјата, потенцирајќи ја притоа Русија.

Иванов прашал дали постои гаранција за пристапување во НАТО ако се постигне Договор со Грција.

„Ние мора да бидеме сигурни дека Грција ни гарантира“, рекол Иванов.

Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ прашал - „Ако референдумот не успее, како ќе гласаме?“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми