Објавени податоци за казнување на свештениците
7 мај 2014Ватикан првпат објави целосна статистика за начинот на кој се казнувани свештениците обвинети за силување и за друга сексуална злоупотреба на деца, наведувајќи дека во изминатите десет години се расчинети 848 свештени лица, а уште 2.572 добиле помали казни.
Ватиканскиот амбасадор во Обединетите нации, надбискупот Силвано Томази овие бројки ги обелодени вчера во Женева, во текот на вториот ден од заседанието на Комитетот на ОН за следење на примената на конвенцијата на светската организацијата против тортури. Томази истакна дека од 2004 година во Ватикан се пријавени 3.400 кредибилни случаи на сексуална злоупотреба на деца, од кои само минатата година се пријавени 401. Освен тоа што 848 свештеници, кои ги вршеле тие злоупотреби се расчинети, 2.572 се осудени на доживотно покорување и молитва или на некои поблаги казни, кои почесто се применувани во случаите со постарите и болни свештеници.
Признавајќи дека значителен број од свештениците се казнети со поблаги казни, Томази изјави дека тие се „тргнати на места, на кои немаат никаков контакт со деца“.
„Јасно е дека прашање на сексуалното злоставување на децата, што е мака и несреќа ширум светот, црквата го решава во последните 10 години на систематичен, сеопфатен и конструктивен начин“, рече Томази.