1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Овошје и зеленчук од онлајн-самопослуга

Џ. Францек / Б. Георгиевски12 март 2014

Германците често порачуваат стоки преку интернет - електрични апарати, чевли, книги. Единствено храната и натаму се купува во обични продавници. Но, експертите сметаат дека и тоа наскоро ќе се промени.

Фотографија: picture alliance/chromorange

Муштериите сакаат да почувствуваат дали е доматот презреан, да прегледаат да не црвјосале јаболката, да ги одберат најубавите банани. А, потоа со таа стока, која има и поволна цена, одат на каса и веднаш можат да ја користат. На овој начин, мнозинството Германци објаснуваат зошто овошјето и зеленчукот порадо го купуваат во супермаркетите отколку преку интернет. Патот до самопослугата најчесто не е долг. Во Германија има дури 24.800 големи супермаркети зад кои стојат моќни концерни како Алди, Лидл и Реве.

Статистиката покажува дека онлајн-шопингот на храна, за разлика од купувањето на други производи, има скромни размери. Годишниот промет со намирници преку интернет изнесува околу половина милијарда евра. Тоа е само 0,35 проценти од вкупниот промет со овој вид стока. Некои фирми сепак сметаат дека одењето на „онлајн пазар“ има голем потенцијал. Амазон веќе планира на своите корисници да им понуди овошје, зеленчук, риба, месо и млеко, т.е. свежа храна. Оваа компанија, во САД веќе го тестира концептот. И германскиот Реве планира да ја прошири онлајн-понудата, и за таа цел веќе е формиран тим од експерти. „Имаме мала силиконска долина кај нас“, вели Алан Капарос, шеф на концернот. Реве сака подготвен да го дочека бумот на кој се надева.

И некои експерти за анализа на пазарите предвидуваат дека трговијата со храна преку интернет би можела да ги загрози супермаркетите. Консултантската куќа А.Т. Кирни прогнозира дека прометот во „интернет-самопослугите“ до 2020. година би можел да порасне на две до три милијарди евра годишно, односно дека би можел да има удел во пазарот до 2,5 проценти. Два проценти од Германците веќе сега барем еднаш месечно купуваат храна преку интернет. „Тоа е двојно повеќе од 2012. година“, вели Мирко Варшун, аналитичар во А.Т. Кирни.

Фотографија: picture-alliance/Rainer Hacken

Во некои земји веќе се оди чекор понатаму. „Во Велика Британија со тоа се почна порано, така што купувачите се веќе навикнати“, вели Ларс Хофакер од Институтот ЕХИ во Келн. Во Франција се популарни „драјв-ин“ самопослуги. Храната се порачува преку интернет, а потоа со автомобил се доаѓа по неа.

Да се фати приклучок

Експертите се уверени дека и Германците во иднина почесто ќе порачуваат храна и животни намирници преку интернет. Многу жители на градови ќе го прават тоа, бидејќи ќе им биде полесно и ќе им заштедува време. Истото важи и за жителите на селата, кои често мораат долго да возат до продавниците. Во порталот Allyouneed сметаат дека нивните муштерии ќе бидат самци и семејства кои во саботите порадо би оделе на излет отколку во самопослуга, а во работните денови не сакаат слободното попладне да го минуваат во купување.

Порталите како Allyouneed.com или Food.de и натаму чекаат и се надеваат на пресврт на пазарот. Големите синџири на супермаркети сѐ уште не го фрлиле целиот влог на онлајн-продажбата, но не сакаат ниту да го преспијат трендот. Шефот на концернот Реве, Алан Капарос верува дека германските купувачи нема уште долго да се двоумат околу купувањето на интернет. „Во иднина многу нешта за дневна потрошувачка ќе се купуваат преку интернет“, вели тој.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми