1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ограничено влијание на ЕУ во конфликтот на Блискиот Исток

Бернд Ригерт/ Жана Ацеска18 јули 2014

ЕУ дава пари, но политичките средства за притисок врз Израел и Палестинците, а посебно Хамас, се ограничени. Во актуелниот конфликт останува можноста само од апели и многу зборови.

Фотографија: SAID KHATIB/AFP/Getty Images

Во Франција луѓето протестираат против израелското бомбардирање на Појасот Газа. Во Германија Централниот совет на Евреите бара поголема солидарност со државата Израел која е на удар на палестински ракети. Во членките на ЕУ темата блискоисточен конфликт е често спорна.

ЕУ се обидува официјално постојано да има неутрален став. Херман Ван Ромпој, претседателот на Европскиот совет, упати предупредувачки зборови до двете конфликтни страни:

„Го осудуваме истрелувањето ракети врз Израел од Појасот Газа и убивањето цивили. Длабоко жалиме за загинатите и повредените во Појасот Газа, кои се последица на израелската воена офанзива. Многу сме загрижени поради драматичното и брзо влошување на тамошната ситуација со снабдувањето“, изјави Ван Ромпој во Брисел по самитот на ЕУ.

Шефовите на држави или влади на ЕУ на самитот оваа недела не договорија конкретна улога или посредувачка мисија. Останува на воопштени апели, кои ги пренесува Ван Ромпој:

„Ги повикувам како Израел, така и палестинските власти, да се однесуваат на начин што ќе ги заштитува луѓето. Го повторуваме нашиот апел за преговори и постигнување мир“.

Германскиот министер Франк Валтер Штајнмаер и Кетрин Ештон при неформалната средба на министрите во април во АтинаФотографија: picture-alliance/dpa

Израел има право на „самоодбрана“

Германската канцеларка Ангела Меркел надеж полага во краткорочното примирје кое го договорија Израел и палестинскиот Хамас. ЕУ ги вреднува израелските постапки како самоодбрана.

„Уште еднаш истакнавме дека Израел, се разбира, со запазување на сразмерноста, има право да ги брани своите интереси“, изјави Меркел во Брисел.

ЕУ со децении се обидува да посредува во конфликтот на Блискиот Исток. Таа е дел од т.н. Блискоисточен квартет, основан во 2002 година, во кој се уште и САД, Русија и ОН. Досегашните различни мировни планови и обиди за посредување пропаднаа. ЕУ се изјасни, исто како и останатите од Блискоисточниот квартет, во прилог на решение за постоење на две држави, односно Израел и палестинска држава, во која би требало да бидат опфатени Западниот Брег, делови од Ерусалим и Појасот Газа.

Притисок врз двете страни?

Радикалниот Хамас ЕУ го смета за терористичка организација и одбива со него директна соработка. Откако Хамас де факто го презеде Појасот Газа, во целина разговорите со палестинската страна се отежнати, се вели во Брисел. Израелската блокада на Појасот Газа и изградбата на постојано нови еврејски населби во Западниот Брег од 2010 година, ЕУ повеќепати ги осуди. Тоа немаше практични последици, со жалење констатира италијанскиот европратеник Пјер Антонио Панцери:

„Ние сме најголемиот и најважен финансиски донатор за палестинските автономни власти, а ние сме и најголемиот трговски партнер на Израел. Дали ќе го користиме ова финансиско средство за притисок, останува на нас. Не треба да им го препуштиме просторот за преговори само на САД, Европа има обврска“.

Граничниот премиер РафахФотографија: DW/T. Krämer

Според информации од европската служба за надворешни работи, ЕУ плаќа околу една милијарда евра годишно како хуманитарна помош на Палестинците, за финансирање на палестинските автономни власти во Рамала и различи проекти. Таа со тоа е најголемиот поединечен донатор за Палестинците. Конзервативниот европратеник Геофри ван Орден од Холандија во дебатата за Блискиот Исток во средата го постави прашањето:

„Би сакал конечно да знам каков притисок изврши ЕУ врз Палестинците за да ги принуди да седнат на преговарачка маса? Што носат овие пари? Какви политички дивиденди имаме од нашите инвестици“?

Романскиот европратеник Виктор Бостинару побара од високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Кетрин Ештон, поактивно да се вклучи во барањето решение:

„Нашата улога, улогата на ЕУ, мора да биде разградување на тензиите и посредување и тоа постојано и со притисок“.

Министрите за надворешни работи ќе дискутираат за гранични контроли

Министрите за надворешни работи на ЕУ идниот вторник ќе разговараат околу ситуацијата во Израел и палестинските области. Франција веројатно ќе предложи оживување на граничната мисија на ЕУ. Францускиот министер за надворешни работи Лорен Фабиус тоа го најави пред неколку дена, но францускиот претседател Франсоа Оланд очигледно на самитот не ја отворил темата.

Од ноември 2005 до јуни 2007 година ЕУ заедно со Египет, Израели палестинските власти го надгледуваше преминот Рафах на границата Газа-Египет. Но, европската гранична мисија ЕУБАМ бешепрекината откако Хамас ја презеде власта во Појасот Газа и граничниот премин беше затворен. Од 2008 година ЕУ постојано сигнализираше дека е подготвена да го контролира Рафах, но и други гранични премини.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми