Снегот предизвикува огромни проблеми во Германија и Австрија, а релаксирање на состојбата не е на повидок. Метеоролозите најавуваат нови снежни наноси.
Реклама
„Ваква ситуација нема секоја зима“, оценува германската метеоролошка служба ДВД и најавува нов снег во наредните денови. По кусото затоплување, во покраината Баварија се очекува повторно студен и влажен воздух, кој го носи силниот северозападен ветер. Денеска се очекуваат 10 до 15 сантиметри нов снег на Алпите. До петок, според метеоролозите, ќе наврне 30 до 70 сантиметри снег, а во регионот Алгој се очекуваат дури 90 сантиметри нов снег.
Многу ученици во Баварија се ослободени од настава поради снегот, а во општината Мизбах е прогласена и вонредна состојба. Снегот и ветрот предизвикуваат огромни проблеми во сообраќајот. Посебно е погоден јавниот сообраќај и регионалниот железнички сообраќај.
Опасност од лавини
Во австриските Алпи е сѐ поголема опасноста од лавини. „Бројот и големината на опасните подрачја се зголемуваат“, соопшти денеска Службата за предупредување од лавини. Со оглед на тоа што се очекува нов густ снег, зголемена е и опасноста од спонтани, т.н. суви лавини. Во Австрија се затворени околу сто патишта. Туристите и жителите на Обертауерн кои беа завеани добија зелено светло да отпатуваат, меѓутоа патот Б99 на делницата помеѓу Унтертауерн и Обертауерн ќе биде повторно затворен со настапувањето на вечерта. Сѐ уште се завеани неколку стотици луѓе во Пелстал и Хоентауерн, каде е прогласена вонредна состојба.
Австриските власти апелираат да не се патува ако не мора, а од скијачите се бара да не ги напуштаат обезбедените писти. Не се препорачува ниту влегување во шумите, поради опаснсот од уривање дрвја кои попуштаат под товарот на снегот.
Ситуацијата станува сѐ потешка и во Швајцарија, која досега главно беше поштедена од зимскиот хаос. Метеоролозите очекуваат околу еден метар нов снег до крајот на неделава, пред сѐ во источна и централна Швајцарија.
Снег, снег и уште повеќе снег
Големото снежно невреме во јужна Германија и во Австрија предизвика хаос насекаде. Автомобили, улици и дрва се потонати во снег. На многу места сообраќајот е целосно во прекин.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Hase
Едни се радуваат, други се нервираат
Екстремните снежни врнежи предизвикаа хаос на југот на земјата. Додека едните му се радуваат на снегот, други се нервираат.
Фотографија: Reuters/M. Dalder
„Сите со лопатите надвор“
На минхенскиот аеродром снегот и мразот целосно ги изместија плановите за летање и предизвикаа незадоволство кај патниците. Викендов беа откажани над 140 летови. „Ги извадивме сите лопати надвор и даваме се од себе“, напиша на твитер германската авиокомпанија Луфтханза.
Фотографија: Reuters/A. Gebert
На одмор на топло – ако стасате
Поради лошата видливост и снежните врнежи не беа само откажани летови. Безбедносните аеродромски власти во Минхен дозволуваа полетувања и слетувања само во големи временски интервали. Одмрзнување на авионите – како овој Ербас А321 – бара дополнително време.
Фотографија: picture alliance/dpa/S. Puchner
Ништо не мрда
30 километри сообраќаен застој – тоа е рекордот на автопатот 8 во Баварија. Кај Зигдорф има паднати дрва покрај коловозот. Снежното невреме во јужна Германија не предизвика само застој во сообраќајот туку и сообраќајни незгоди поради голомразица.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. März
Опасност од лавини
Пат во централна Австрија беше затворен и за возила и за пешаци поради опасност од лавина. Илјадници беа заглавени во скијачките центри во северниот дел на земјата откако властите затворија неколку патишта.
Фотографија: picture-alliance/dpa/Expa/M. Huber
Смрзнување со часови на пероните
Оној којшто си мислеше дека е посигурно да се вози со воз се пресметал. Поради снежните наноси многу возови не сообраќаат. На многу места има паднати дрва на шините поради тежината од снегот. Цели железнички линии се затворени.
Фотографија: imago/Action Pictures/P. Schatz
Екстремна акција во борба со снегот
Властите, пожарникарите и спасувачките екипи се обидуваат со сите сили да го одржат редот. Особено во локалниот и регионалниот сообраќај, екипите прават се да ги ослободат улиците и железничките шини од снежната маса.
Фотографија: picture alliance/dpaB. Spether
Зимска бајка
Убавата страна на снегот: во снежниот предел има еден чуден мир и спокој што предизвикува чуство на вистинска зимска бајка. Децата се радуваат: во некои региони е прекината наставата.