Одбранете го Уставот!
23 мај 2014
На 23. мај 1949 година претходникот на Бундестагот, Парламентарниот совет, го донесе Уставот на Сојузна Република Германија. Овој чин, четири години по крајот на Втората Светска Војна, се смета за часот на раѓање на западногерманската дел-држава - Сојузна Република Германија (СРГ). Таа тогаш исто така беше една победена и окупирана држава, како и Германската Демократска Република (ГДР), која беше конституирана неколку месеци подоцна и која, и покрај своето име, беше комунистичка диктатура. Во самоперцепцијата, но и фактички, двете дел-републики беа провизорни, со ограничен суверенитет. Оваа состојба, која со текот на годините сѐ повеќе се сфаќаше како нормална, заврши дури со германското повторно обединување на 3. октомври 1990 година.
Во 65-те години на своето постоење Уставот постојано беше менуван. Честопати на хендикеп на едно отворено општество и со сомнителни образложенија. Така беше во 1968 година, кога т.н. студентски немири беа добредојден надворешен повод, за со помош на долго планираниот закон за вонредни состојби да се ограничат многубројни основни закони. Погодени беа пред се‘ тајноста на писмата, поштата и телекомуникациите, како и правото на слободно движење.
Друг грев - членот 16
Уште еден грев беше одлуката од 1993 година за укинувањето на правата за азил без никакви ограничувања, регулирани со членот 16. Ова великодушно регулирање во Уставот означуваше благодарност по страшните искуства со нацистичкиот режим. Милиони луѓе тогаш најдоа прибежиште и спас во многу земји во светот. Кога односите се сменија и сѐ повеќе бегалци се надеваа на подобар живот во Германија, членот 16 беше така заострен што бројот на баратели на азил нагло падна и бројот на оние на кои им е признат тој статус одеднаш беше под два процента.
Овој засрамувачки успех ги задоволи политичарите и деловите од населението кои на многумина бегалци им префрлуваат чисто економски мотиви. Иако тоа во поединечни случаи би можело да биде и оправдано, промената на Уставот има две грди мани. Прво, тукушто обединетата Германија преку ноќ покажа тврдо срце кон луѓето во неволја ширум светот. И уште полошо: Таа промена се случуваше во атосфера на ксенофобија и расизам, кога во Германија гореа домови на азиланти и некои жители беа дури и убиени.
Статистички Уставот се менува секоја година
Законот за вонредни состојби, Законот за азил и со нив поврзаните интервенции во Уставот, се само две од преку 60 измени од 1949 година досега. На овој неверојатно висок број деновиве потсети поранешниот претседател на Сојузниот уставен суд, Ханс-Јирген Папир. Тој не го стори тоа на церемонијата по повод роденденот на германскиот Устав, туку патем, како експерт на истражниот одбор на Бундестагот по повод шпионирањата на тајната служба НСА. Неговите забелешки имаат актуелен повод, кој не може да биде поексплозивен. Впрочем, во игра е едно од елементарните основни права - приватната сфера.
Во овој случај станува збор за правото на тајност на телекомуникациите, гарантирани со членот 10 од Уставот. Тоа право може да се ограничи само на основа на посебен закон и тоа во три случаја: кога е загрозено слободното, демократско уредување, опстанокот на сојузната држава или една нејзина членка. Од тоа, за среќа, нема ни зор. Бидејќи со тоа членот 10 во целост е применлив, уставна должност на сојузната влада и институциите на власта, како тајните служби, е да ги заштити своите граѓани од незаконско шпионирање. Притоа не е важно дали шпионите работеле за својата држава, за фирма или за странски сили. Според Уставот сите се еднакви - и тоа се однесува и на правата и на обврските.
Сојузната влада ги игнорира своите обврски
Оттука, Уставот пружа идаелна заштита од кршење на тајноста на телекомуникациите, при што во дигиталното доба се мисли пред сѐ на мобилна комуникација и сурфање на интернет. За жал заштитата е само теоретска, бидејќи сојузната влада всушност капитулираше пред познатите непочитувачи на Уставот. Притоа нејзина највисока должност е со сите легални средства да се бори против сѐ што е незаконско и неуставно.
Основното право на приватност е човечко право кое само по себе треба да има поголема вредност од дипломатскиот обѕир кон најважниот сојузник. Тоа би требало да биде така и во САД. Тие во 1945 година дојдоа како ослободувачи и заедно со другите демократски победнички сили, Велика Британија и Франција иницираа изработка на Уставот. На неговиот 65. роденден, тој треба да се брани многу повеќе од кога и да е досега - против сите непријатели и рамнодушни во оваа земја и во светот.