Течат последните денови за одлука околу предлог-пакетот за решавање на спорот за името. По синоќешните протести во Грција, организаторите најавија „голем протест“ во Атина на 8 јули, три дена пред Самитот на НАТО
Реклама
Од денеска до сабота, течат последните рокови во кои граѓаните на Македонија и Грција треба да бидат информирани дали постои заемна согласност околу последниот предлог-пакет за компромисно решавање на дводеценискиот спор за името.
„Ако Владата на ПЈРМ одговори позитивно, тогаш телефонскиот повик ќе биде упатен до Алексис Ципрас. Доколку тоа не се случи, преговорите пропаѓаат и двете земји ја губат можноста сега да најдат решение“, пишуваат повеќе грчки медиуми.
Според нивни, неофицијални информации, за ставот за предлогот Заев прво треба да го информира посредникот на ОН во преговорите, Метју Нимиц, а потоа и грчкиот премиер.
Во однос на името, грчките медиуми пишуваат дека „станува збор за предлогот 'Република Северна Македонија', со опсег на употреба erga omnes, но со диференцијација, односно со можност за преоден период, можеби од две години, за да се спроведат уставни измени“.
„Нова Демократија“ против македонски идентитет
Најавите од Скопје и Атина дека двете земји се блиску до решение, вчера предизвикаа искри меѓу Владата и опозициската „Нова Демократија“.
„Ставот на 'Нова Демократија' е јасен: Решението мора да биде едно и да се состои од три елементи: Промена на Уставот на Република Македонија, отстранување на каков било иредентистички елемент, и име за сите употреби - и во рамките на земјата, и надвор од границите на Македонија. Признавањето на 'етнички Македонци' и 'македонски јазик' не е прифатливо“, се вели во соопштението на „Нова Демократија“.
Партијата му упати и „јасно предупредување“ на премиерот Ципрас: „Тој нема политички легитимитет да ја обврзе нашата земја со меѓународен договор што ќе им наштети на националните интереси“.
Од владината прес-служба веднаш ѝ одговорија на опозицијата.
„Значи, прашањето за г-дин Мицотакис е едноставно и јасно: Дали единственото и глобално решение што го бара, треба да се заснова на сложеното име преговарано од владите на Костас Караманлис и Константинос Мицотакис? Дали тоа го вклучува терминот 'Македонија'? Да или не?“, прашуваат од Владата, додавајќи дека „Нова демократија“ се обидува да ги подели Грците за да ја скрие неспособноста да артикулира јасна и одговорна позиција за решавање на спорот, поради нејзини внатрешни разлики.
И шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас на социјалните мрежи уште еднаш го повтори она што го објаснил во интервјуто на ЕРТ.
„Тие прифатија на конференција на ОН во 1977 година дека јазикот на Скопје се нарекува 'македонски'. Оттогаш, тој е ставен на списокот на официјални јазици на ОН, каде што останува“, напиша Коѕијас.
„Не ми е јасно како некои политичари, кои се сметаат себеси за прогресивни, во моментов се на протести“, изјави лидерот на партијата „Потами“, Ставрос Теодоракис, потенцирајќи дека „во интерес на Грција е да се постигне договор со Скопје“.
„Од Епир до Тракија, и од Македонија до Крит, се протестира против договорот што ќе го содржи името Македонија“, јавија грчките медиуми. Но, истовремено констатираат дека мобилизацијата не била таква каква што најавувал организаторот. Иако имало случаи во ист град да има собири дури и на две локации, сепак, одзивот не бил голем. Дел од учесниците упатиле забелешки дека имало притисоци со цел да се намали нивното присуство на протестите.
„Сѐ што се случува денес, е загревање за следниот голем протест на плоштадот Синтагма во Атина, на 8 јули“, најавиле синоќа организаторите на протестите. Грчките медиумите потсетуваат дека избраниот термин е три дена пред Самитот на НАТО.
„Не може со мастило да се даде име добиено со крв“ е една од пораките на протестот во Пела, родното место на Александар Велики, каде што се собраа околу 3.000 демонстранти. Главните критики биле упатени до Владата, а најголемиот број слогани упатени против Ципрас и Коѕијас.
Се чека напредок
Додека македонската јавност е во исчекување на одговорот за последниот предлог-пакет, струјат информации дека за него ќе се разговара на владина седница и на „пошироки партиски консултации“. Од Владата засега не ги потврдуваат ваквите наводи.
Ова се денови и кога вниманието на стратегиските пријатели на Македонија е свртено кон очекувањето да се реши спорот за името.
„САД продолжува да игра тивка улога заедно со ЕУ, Германија и останатите и охрабрува да се најде решение за името за Македонија да стане членка на НАТО“, изјави Вес Мичел, помошник државен секретар во Стејт департментот задолжен за Европа и Евроазија, одговарајќи на прашања на присутните по неговото обраќање во Херитиџ-фондацијата.
Тој посочи дека неодамна ги посетил Србија, Косово и Македонија и оти Вашингтон е во секојдневна координација со партнерите од Германија, Франција, Италија и Велика Британија, а за решавањето на проблемите во Западниот Балкан се дискутира секојдневно во неговиот ресор.
„Не очекувам некои од овие проблеми, што се влечат многу одамна, да бидат целосно решени во скорешно време, но мислам дека правиме добар напредок“, рече Мичел.
Децениски спор за името меѓу Македонија и Грција
Спорот за името меѓу Македонија и Грција траеше речиси три полни децении, и беше окончан со Преспанскиот договор. Спорот беше проследен со многу протести, блокади и вето за членството на Македонија во НАТО.
Спорот меѓу двете земји ескалираше веднаш по прогласувањето на независноста на Македонија од поранешна Југославија. Грција го блокираше приемот на земјата во ОН и признавањето од страна на Европската заедница и покрај позитивната препорака од т. н. Бадинтерова комисија.
Фотографија: Dnevnik
Забрана за зборот „Македонија“
Првичната грчка позиција на почетокот на 1990-те години беше дека во името на соседната држава не смее да се содржи зборот „Македонија“. Носители на таквата политика беа владата на премиерот Констанин Мицотакис, и подоцна особено шефот на дипломатијата Андонис Самарас. Самарас поднесе оставка и предизвика пад на владата на Мицотакис по приемот на Македонија во ОН под референцата БЈРМ.
Фотографија: Reuters/A. Avramidis
Привремената спогодба од 1995 година
На 13 септември 1995 година во Њујорк беше потпишана Привремената спогодба која требаше да води кон нормализација на билатералните односи. Претходно, на 6 јануари 1992 година, Македонија го смени државното знаме со симболот на сонцето од Вергина и Уставот во делот кој, според Грција,содржеше иредентистички позиции. Со тоа беше ставен крај и на 18-месечното трговско ембарго кон Македонија од Атина.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Antonov
Меѓународно признавање
По спогодбата со Грција, Македонија успеа да се избори за меѓународно признавање под уставното име од 118 држави, како и да влезе во најзначајните европски и светски институции. Но, спорот остана да се влече и во децениите кои следеа. Посуштествени напори од двете страни да се реши спорот, според неофицијални информации, се направени во 2001 и 2005 година, но без успех.
Фотографија: picture-alliance/ dpa
(Нe)потребна провокација
Кон крајот на 2006 година, новата влада на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски одлучи да го преименува аеродромот Петровец во Скопје во „Александар Велики“. Грција остро реагира, а спорот полека се враќа на голема врата, сѐ до целосната ескалација на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Самитот во Букурешт
И покрај обидите на медијаторот Метју Нимиц со засилени дипломатски напори и под притисок на САД да се изнајде решение за спорот до самитот на НАТО во Букурешт, тоа не се случи. Атина го блокираше приемот на Македонија во воената Алијанса. На 3 април 2008 година, НАТО му порача на Скопје дека поканата за членство останува отворена доколку се најде компромис со Атина за името.
Фотографија: AP
Тужба во Хаг
Во ноември 2008 година, македонската влада одлучи да покрене тужба пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг против Грција поради ветото во Букурешт. На 5 декември 2011 година, Судот пресуди во корист на Македонија и заклучи дека Грција ја прекршила Привремената спогодба. Но, во истовреме Судот заклучи дека нема правна сила да ѝ нареди на Грција да го повлече ветото.
Фотографија: MIA
Антиквизација
Процесот што започна со преименувањето на аеродромот во Скопје во 2006 година, по самитот во Букурешт доби далеку пошироки димензии. Владата на ВМРО-ДПМНЕ започна со масовно преименување на објекти и улици и изградба на проектот Скопје 201, во чиј центар се наоѓа споменикот на Александар Велики (наречен Воин на коњ). Проектот чинеше повеќе од 600 милиони евра и ѝ донесе многу критики на земјата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Преговори во (не)пријателска атмосфера
Иако преговорите околу спорот за името продолжија и во следните години, по самитот во Букурешт, ескалираа националистичките страсти и навреди меѓу двете држави. Грција остро реагираше на билбордот (на фотографијата) на кој грчкото знаме беше претставено со свастика. На слични провокации од грчка страна, особено од страна на грчката армија, реагираа и македонските власти.
Фотографија: picture-alliance/ dpa
Чија е Македонија
И во северна Грција во меѓувреме речиси сите позначајни објекти го носат името „Македонија“. Официјалната „црвена линија“ на Атина во меѓувреме е дека мора да се најде заеднички прифатливо име за меѓународна употреба „ерга омнес“ со географска додавка. Најчесто се споменуваат придавките северна и горна кон името Македонија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Barbarousis
„Вечниот“ Метју Нимиц
Единствена константа во деценискиот спор остана американскиот правник и дипломат, Метју Нимиц. Именуван од страна на Обединетите нации за медијатор во спорот пред 23 години, Нимиц и натаму е оптимист и верува дека може да се најде решение за проблемот. Последната серија средби со политичките лидери во Скопје и Атина ја имаше во јули годинава.
Фотографија: MIA
Нов оптимизам
Смената на власта во Македонија и падот на ВМРО-ДПМНЕ донесоа нов оптимизам дека може да се најде решение за спорот. Владата на Заев по секоја цена сака да обезбеди прием во НАТО на следниот самит на Алијансата во 2018 година. Пречката за тоа и натаму останува Грција, но провејува оптимизам дека под притисок од меѓународната заедница и со нова политика во Скопје, би можело да дојде до исчекор.