1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одвојување од „ЏМ“ единствена шанса за „Опел“?

Агенции / З. Јордановски26 февруари 2009

Десетици илјади вработени демонстрираат за опстанок на „Опел“, „Воксхол“ и „Сааб“. Судбината на европските производители на автомобили е загрозена - сопственикот, концернот „Џенерал моторс“ од САД, се наоѓа пред банкрот.

Од демонстрациите во РиселсхајмФотографија: picture-alliance/ dpa

На централниот протестен собир во Германија, пред седиштето на „Опел“ во Риселсхајм, се собраа околу 15 илјади соработници на претпријатието. Со свирежи од свирчиња и со барабани тие го засилија тонот на барањата да се спаси од пропаѓање традиционалната автомобилска марка од Германија, по цена на раздружување на „Опел“ од „Џенерал моторс“, во чија сопственост е веќе осум децении. „Постои опасност во пропаст да биде повлечена и Европа. Поради тоа работниците дојдоа до заклучок дека има само една единствена шанса - одделување на ’Опел’ и ’Воксхол‘ од концернот ’Џенерал моторс‘“, нагласи претседателот на Советот на претпријатието Клаус Франц.


„Имаме шанса... се надеваме дека ’Опел‘ ќе преживее“

Фотографија: AP


Кај соработниците на „Опел“, што учествуваа на собирот во Риселсхајм, владее уверување дека ситуацијата не е безизлезна: „Ние сме добар тим, имаме добри производи. Мислам дека остатокот од Германија денеска би застанал на наше место“. „Имаме шанса. Сами не ќе можеме да успееме. Можеби ќе можеме да направиме чекор да излеземе од концернот, но не и целосно да се раздвоиме. Мислам дека засега тоа нема да биде можно“. „Да, во секој случај се надеваме дека ’Опел’ ќе преживее. Мислам дека нашите политичари треба посебно точно да размислат што се случува, и сметам дека ќе го сторат тоа“.


За банките милијарди, за производителите на автомобили ни цент !?

Бертолд Хубер и Франк-Валтер ШтајнмајерФотографија: AP


Политиката беше присутна на собирот во лицето на вицеканцеларот и кандидат на СПД за иден канцелар Франк-Валтер Штајнмајер. Тој им даде поддршка на демонстрантите: „Автомобилската бранша не е која било бранша; таа е р’бет на нашата индустрија, р’бет на нашата национална економија и поради тоа, овде е во прашање и иднината на нашата земја“. Штајнмајер побара концернот „Џенерал моторс“ да ја преземе одговорноста за иднината на „Опел“. „’Џенерал моторс‘ долго и многу заработуваше од ’Опел‘. Би било непристојно сега да се отфрлат како исцеден лимон европските фабрики на концернот“, рече вицеканцеларот.

Бертолд Хубер, шеф на синдикатот ИГ-метал, побара европски модел, кој „ на ’Опел‘ и неговите сестрински фирми во Европа ќе им овозможи „доволно самостојност и сопствена перспектива“. „Не е в ред Сојузната влада да стави на располагање преку 500 милијарди евра како гаранции и преку 100 милијарди во форма на директна помош во капитал за банките, но за јадрото на индустријата, за базата на благосостојбата на нашиот живот, да не сака да даде ни еден цент“, нагласи Хубер.


Колку ќе биде издржан концептот за спасување на „Опел“?

Канцеларот Ангела МеркелФотографија: AP


Германскиот канцелар Ангела Меркел ја услови помошта за „Опел“, како и за лиферантот „Шефлер/Конти“ со поднесување издржан концепт за иднината на претпријатијата. Но „досега нема таков“, рече Меркел денеска на прес-конференција во Берлин. Инаку, помошта, според неа, би се состоела во форма на гаранции.

Менаџментот на „Опел“ в петок ќе му поднесе на Надзорниот одбор на претпријатието концепт за спас.

Инаку, на денешниот ден за европска акција за спасување на загрозените производители на автомобили, протести се најавени и во Шведска, Велика Британија, Шпанија, Белгија, Австрија и Унгарија.

►◄




Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми