1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одговорноста на депонија: Како Струга има 53 други

16 јуни 2017

Македонија е затрупана во смет. Во земјата има 54 комунални депонии без минимални технички услови и уште 1.000 диви. Изградбата на регионални депонии е на хартија и допрва се прават проценки за потребните средства.

Deponie Rusino bei Gostivar in Mazedonien
Фотографија: DW/S. Toevski

Надлежните институции вчера испратија механизација за гасење на пожарот во депонијата оддалечена само 500 метри од Струга, која неколку дена им предизвикува сериозни проблеми на тамошните жители. Граѓаните протестираат и бараат депонијата да се дислоцира, а ВМРО-ДПМНЕ побара за проблемот да се разговара на итна седница на парламентот. Експерти за животна средина велат дека пожарот ќе се изгаси, но овој проблем не може да се решава парцијално, туку системски, бидејќи не е во прашање само депонијата во Струга. 

„Како Струга има друга, кога се во прашање депониите за смет“, велат извори од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Не сакаат да зборуваат зошто Македонија повеќе од една деценија не успееа да се справи со смето, но признаваат дека во буџетот со гони не биле предвидени средства за оваа намена.

Законот не се спроведува

Во земјата има 54 комунални депонии, кои ги загадуваат подземните води, почвата и воздухот. Од нив, според експертски проценки, 16 се со висок, 16 со среден, а 19 со низок ризик за животната средина. Има и над десетина стари загадени индустриски локалитети кои претставуваат сериозен ризик за луѓето кои живеат во нивна близина. А покрај нив има уште околу 1.000 диви депонии, иако ниту „официјалните“ не ги исполнуваат минималните технички услови за да аплицираат за добивање дозвола, со што и тие практично работат како нестандардни или диви. Единствено депонијата „Дрисла“ поседува интегрирана дозвола за управување со отпад. Имајќи ги предвид овие податоци, може да се каже дека Македонија е затрупана во смет. Досега експерти од Брисел многу пати укажуваа дека „земја која претендира да стане членка на ЕУ, не смее да си дозволи да нема систем за управување со отпад“.

Фотографија: Milco Jovanoski

Македонија има законска регулатива за оваа сфера, но таа не се реализира. Законот за управување со отпад е донесен во 2004 година, изменет и дополнет во 2012 година. Суштинските измени на Законот се однесуваа на воведување на регионално управување со отпад, односно обврската на општините да формираат регионален центар за управување со отпад. Општините од осумте плански региони имаа обврска меѓу себе да се договорат за изградба на регионални депонии, но не успеаја во тоа. Состојбата на терен остана иста, а не постојат казнени одредби ако градоначалниците и Советите на општините не го спроведат законот во оваа насока. Во таков случај, законот предвидува Владата да ги преземе ингеренциите и да го организира работењето на регионалните депонии. И тоа не беше реализирано. ВМРО-ДПМНЕ која 11 години имаше доминација во локалната и централната власт, во „Отчетот“ нема со што да се пофали во оваа сфера, освен дека десет години нема реализација на регионалните депонии во Македонија.

Трет обид

Кон крајот на мината година започна да се реализира твининг проект кој го имплементира МЖСПП, а неговата цел е донесување нов закон за управување со отпадот, измени на законите за посебните текови на отпад, како и на регулативата за отпади од батерии и акумулатори, електрична и електронска опрема. Експерти од Обединетото Кралство и Шпанија работат со претставници на МЖСПП, приватниот и граѓанскиот сектор од Македонија, со цел македонското законодавство да се усогласи со европското. Раководителот на Секторот за управување со отпад при Управата за животна средина, Ана Каранфилова Мазневска, во јануари годинава најави дека со измените на законот ќе се промени и хиерархијата на управувањето со отпад.

Фотографија: DW/M.Smajic

„Ако порано беше рециклирај, реупотреби за енергија, па депонирај, сега ќе биде - намали отпад, рециклирај, реупотреби за енергија, па депонирај. Значи ќе почнеме со намалување на количините на генерирање на отпад. Затоа се прават програми за превенција и како да се потрудиме да го намалиме создвањето на отпад што го генерираме, а не само да размислуваме што ќе правиме со него откако сме го создале“, рече Мазневска.

Во планските региони треба да се заврши со проценката на потребните средства за начинот на кој постојните депонии ќе бидат отстранети и затворени и каде и колку ќе бидат активни тие до формирањето на нови регионални депонии. Засега нема проценка кога тој процес ќе заврши. Законот треба да предвидува и измени на начинот на плаќање на сметките за комунален отпад, во насока - оној што помалку создава отпад, помалку да плаќа. До денес околу 99 отсто од комуналниот отпад во Македонија се депонира, а во земјата се уште нема преработка на отпад.

Фотографија: Vanco Stojanov

Огромно загадување

Несоодветно депонирање на отпадот со години предизвикува загадување на подземните води преку инфилтрирање на „исцедок“ од отпадот; загадување на околното земјиште преку инфилтрација на дождовницата; загадување на површинските води во близина; загадување на воздухот од неконтролирано горење на отпадот и емисија на непријатна миризба; ефект на стаклена градина како резултат на депониски гас со висока концентрација на метан. До отворање на регионални депонии, експерти сметаат дека е потребен комбиниран третман на постојните депонии. Односно, во секоја депонија еден дел да биде затворен, а другиот отворен за прием на отпад.

Затворањето, односо „пломбирање“ на депонијата, се врши преку нанесување на водоотпорен заштитен слој од глина-бентонит и геотекстил, мерки за управување со исцедокот и депонискиот гас и примена на современи технологии за да се обезбеди стабилност на косините со користење на гео-мрежи.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми