1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одлагање на преговорите со ЕУ ќе донесе разочарување

Матијас Колб (Зиддојче цајтунг) / емф
30 мај 2019

Дали Северна Македонија и Албанија ќе почнат преговори со ЕУ во јуни, или тие ќе бидат одложени, е прашањето со кое се занимава „Зиддојче цајтунг“. Весникот ја анализира германската и француската позиција по ова прашање.

Belgien Brüssel - Zoran Zaev Premierminister von Mazedonien, Federika Mogherini, EU-Sonderbeauftragte für Außenbeziehungen, und Johanes Hahn
Фотографија: DW/V. Gacaferri

Северна Македонија и Албанија „ги исполнија своите задачи“ - со цитирање на оваа констатација на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, весникот „Зиддојче цајтунг“ денеска прави вовед во текстот посветен на препораката на Европската комисија за почеток на преговори со двете земји од Западен Балкан и шансите тоа да се случи во наредните месеци. Во текстот со наслов „Награда за Балканот“, меѓу другото се вели:

„Могерини и Хан еден час изнесуваа различни аргументи. Пред сѐ младите од регионот копнеат по Европа, преку процесот на приклучување Брисел има големо влијание врз реформите, велат тие, а на политичарите во Северна Македонија и Албанија им е неопходно ова признание. И, од напредокот во овие две земји профитираат и Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина. Како претставник за надворешна политика Могерини го потенцира стратешкото значење на регионот, опколен со ЕУ-држави: 'Политиката на проширување на ЕУ е инвестиција во мир, безбедност, благосостојба и стабилност.'

Во моментов се чини под знак прашалник е дали ваквите заложби ќе ги уверат сите важни актери. За почеток на преговори за приклучување согласност мора да дадат сите земји членки на ЕУ, а со оглед на тоа што на инсистирање на Франција извештајот за напредокот е објавен дури по европските избори, времето притиска. Веќе на 18 јуни за тоа би можел да гласа Советот за општи работи на ЕУ, но тоа му носи проблеми на државниот министер за Европа, Михаел Рот. Иако овој СПД-политичар со недели во интервјуа и гостински коментари притиска за брз почеток на преговори за приклучување, коалиционите партнери и правилата на работа на германскиот парламент го кочат. Бундестагот пред 18 јуни има само уште на една недела за заседание, а без 'да' од Бундестагот на Рот му се врзани рацете. Во Унијата скепсата кон Албанија и Северна Македонија е голема, тоа го стави јасно до знаење и ЦДУ-политичарот Гунтер Крихбаум. 'Додека се донесе одлука ќе дојде октомври', изјави претседателот на Комисијата за европска политика.

Доколку внатрегерманскиот судир доведе до тоа шефовите на држави или влади да не разговараат за темата како што беше најавено - на крајот на јуни, тогаш тоа би било сосема во прилог на Емануел Макрон. Додека германската канцеларка Ангела Меркел (ЦДУ) лично се заложи за Преспанскиот договор за помирување помеѓу Северна Македонија и Грција, францускиот претседател, според европски дипломати, покрај премиерите од Данска и Холандија, е најголем противник дури и на почетокот на преговори.

Повеќе:

Препораката е убедлива, секое одложување од ЕУ би било нефер кон Северна Македонија

Извештај на ЕК: Зелено светло за Северна Македонија

Колку оваа тема е политички проблематична во Франција илустрира следнава епизода: неколку дена пред европските избори врвната кандидатка на Макрон, Натали Лузо, во едно радио-интервју се фалеше дека како поранешна министерка за европски прашања во 2018 година го спречила 'приемот на Албанија и Северна Македонија'. Лузо премолче дека всушност станува збор за почеток на разговори. Но, тоа и онака не помогна: движењето 'Ренесанса' на Макрон на европските избори заврши зад десните екстремисти на Марин Ле Пен.

Европската комисија би била разочарана доколку гласањето би се одложило. Во Брисел често се вели дека соседните држави се тие кои многу се залагаат, пред сѐ грчкиот премиер Алексис Ципрас, но и Хрватска, Словенија и Бугарија вршат притисок за ваков сигнал. Тоа што во позадина и САД се залагаат за ЕУ-перспектива, го потенцира геостратешкото значење на регионот: Албанија е веќе дел од воената алијанса НАТО, а Северна Македонија би требало да стане 30. членка на крајот на 2019.

Одлагање или трајно одбивање на почеток на преговори за приклучување, според набљудувачите, би им било од полза на оние држави кои се борат за влијание на Западниот Балкан - Русија и Кина. Додека Пекинг се позиционира пред сѐ со инфраструктурни инвестиции, претседателот Владимир Путин се инсценира пред сѐ во Србија како заштитник и поттикнувач на економијата.

На ЕУ досега не ѝ успеа да ја нагласи сопствената поддршка за државите од Западниот Балкан, признаваат нејзините дипломати. Граѓаните таму често не знаат дека ЕУ е најголем трговски партнер на регионот и дека е одговорна за повеќе од две третини од странските директни инвестиции. Тоа би можело да се промени со почеток на преговори за приклучување на Албанија и Северна Македонија, гласи надежта“, се вели во долгиот текст објавен во „Зиддојче цајтунг“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми